
НУ Албански театар – Скопје
„Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер
Режија: Дино Мустафиќ
Играат: Рефет Абази, Луран Ахмети, Гзим Жерка, Фисник Зеќири, Музбојдин Ќомали, Осман Ахмети, Хамди Рашиди, Генци Мирзо, Амернис Јованоска Нокшиќи, Аида Елези, Ментор Курти, Илир, Речи, Сокол Хајрулаи, Асдрен Селими, Тенвил – Босфорт идризи, барат Махмути, Ајше Усеини, Ариан Ејупи, Фатон Ибрахими, Кујтиме Ахмети, Таулант Дестани.
Од тркалезната маса на критиката за претставата „Смртта на Дантон“, по текст на Георг Бихнер, драматизација на Жељка Удовичиќ Плештина, а во режија на Дино Мустафиќ.
Ана Стојаноска, театролог, професор на ФДУ и писател (водител на тркалезната маса):
-Ова ми е еден од омилените драмски текстови, што воопшто сум ги прочитала. На неполни 22 години, германскиот автор Георг Бихнер ја напишал оваа драма, инспирирана од Француската револуција. Ова е текст кој сто и повеќе години е пред своето време и во него се вметнати елементи кои денес се многу актуелни и се поставува во светските театарски куќи, а се вика документарен театар. Благодарение на режисерот Дино Мустафиќ и на драматургот Жељка Удовичиќ Плештина, имавме можност да видиме една мошне импресивна и впечатлива претстава – „Смртта на Дантон “. Како што сите видовме, претставата имаше моќен вовед во кој Дантон во изведба на Рефет Абази, со црвена готварска капа на главата и со црвена престилка, го најави целокупното дејство, не случајно симболично поставено со тој сатар со кој ја сече храната. Вообичаено, кога гледаме претстави на Дино Мустафиќ, секогаш има мноштво знаци кои треба да ги читаме и по сето тоа што сме го гледале, треба време тие знаци да се потсредат во главата. Истото го имав и со „Народен непријател“ и со редица други негови претстави. Особено, кога станува збор за таа музичка подршка, сите песни што ги слушнавме од „Children of the revolution “, до „Rage against the machine“, „Bella ciao“, до „Nick Cave“ и редица други, сите тие истовремено говореа како што говорат и актерите во претставата. Така што, од ова мноштво на знаци, првото прашање што си го поставив себеси беше: Дали ова мноштво на знаци ни помага или ни одмогнува да ја следиме претставата и дава некаков фокус, означува некаде или, пак, нѐ остава сами да го доживееме целото тоа што го гледаме, со сите сетила, истовремено. Деновиве дискутиравме како се говори на сцена, што е изговорено, што не дослушуваме, каде техниката ни помага или ни одмогнува. Но, конечно, видовме дека ништо од тоа не е важно кога имате добри актери на сцената. Кога има двајца водачи на таа револуција, едниот е смирениот, рационалниот, воздржаниот – Робеспјер, а другиот е побунтовниот, поекспресивниот – Дантон. Мислам дека е одлично што на таа вага двајцата се контрапункт еден на друг.
Јована Ѓорѓиовска, театарски критичар на Гледај.МК:
-Им честитам на сите актери за одличната гласовна изведба. Ова беше можеби најдобрата гласовна претстава што воопшто е направена во македонскиот театар. Уште еднаш, честитки !
Лилјана Мазова, театарски критичар:
-За мене ова е најдобрата претстава во Македонија. Ги обожуваш сите актери на сцената. Рефет е тука и тој ја води играта. Меѓутоа, сите се заедно, што е реткост. Обично, секој сака да игра сам за себе. Рефет има право да игра сам затоа што ја води играта. Но, тој им остава простор на другите, како што и сите други му помагаат нему или се насочуваат, го одбираат правецот што им го задал Дино Мустафиќ, а го спроведуваат заедно. Им честитам на сите, на целата екипа, на театарот, и посакувам да имаме што повеќе вакви претстави.
Крсте Џидров, сценограф:
-Од аспект на сценографијата, кога видов една проба, се прашав што ќе му прават на мостот, напред-назад, горе- долу, а потоа видов како функционира на премиерата. Вечерва, втор пат ја гледав претставата целосно и воопшто не ми пречеше што се случуваше на сцената, па мостот да мора да се поднаместува затоа што поентите беа добро смислени. Значи, лизгањето, паѓањето, кревањето, спуштањето… Тука се знаците. За мене ова е шизичка претстава со тие песни кои јас сум ги следел и ги следам. Ова делува како кратка верзија за тоа што треба да го знаеме за „Смртта на Дантон“. Претставата трае долго затоа што има содржина, текст, што има што да се научи. Овде го видов тоа што сме учеле за Дантон, Робеспјер, за Сен Жист. Тоа се приказните од гимназијата. Тоа е голема литература и историја и треба да се знаат некои работи. Овде ги имаме сублиматот, брзината, резовите, такви какви што треба да бидат. А, од аспект на музиката, секоја нумера не е случајна, не е за да се забавуваме.
Слободан Беличански, гледач:
-Лично, јас сум импресиониран од она што значеше равнотежа на односот во актерската игра помеѓу стожерните и другите ликови. Како колектив меѓусебно си помагаа, струеше охрабрувачката енергија на едните спрема другите. А, што се однесува до музичкиот материјал, тој јасно сугерираше дека оваа претстава не е посветена само на Француската револуција, туку и на сите подоцнежни револуции што следуваа по неа. А, на прашањето поставено во каталогот за претставата – Кога престанува една револуција? – би рекол, поттикнат од овој текст и од оваа изведба, дека таа престанува тогаш кога револуцијата започнува да ги јаде своите деца или уште поточно, тогаш кога децата на револуцијата почнуваат да се јадат помеѓу себе. Овој текст на Бихнер, кој со ништо не изгубил од својата убавина во оваа постановка, иако се приближуваат скоро 2 века од неговото пишување, навистина сака да ни покаже и да сведочи дека убавината и на изведбата и на читањето се подеднакви, кога е во прашање оваа драма. А, уште повеќе што, првично, текстот бил примен за читање, како текст кој нема сценичност. Но, вечерашната изведба покажа дека тој е податлив за театарската сцена, тогаш кога ќе се најде во вистински раце.Се забележа и дека текстот на Бихнер е надополнет со податоци за егзистенцијалната положба и борбата за егзистенција на луѓето од овие простори, од ова наше време. Како да сака да ни сугерира дека секоја револуција започнува со бунтот во човечкиот стомак.
Александар Милосављевиќ, театарски критичар од Србија:
-Кај Робеспјер видов смиреност и сведеност во изразот, а експресивност во играта на Дантон. Робеспјер е неподмитлив. Човекот влегува со јасна идеја која е чесна и искрена. Револуцијата треба да победи, но цената што се плаќа е смрт на револуцијата и воведувањето диктатура. А, од друга страна, е Дантон, човекот што ѝ поставува прашања на Револуцијата и себеси и на времето во кое се случува Револуцијата. Таа рамнотежа, тој однос помеѓу тие два лика, маестрално функционира на сцената. Оваа претстава е, на некој начин, слична на претставата од синоќа – „Животинска фарма “. Орвел констатирал дека Револуцијата е мртва и тоа го зборувал и го пишувал за конкретна револуција. Бихнер многу време пред Орвел, според мене, поставил посуштински и посериозни прашања за Револуцијата. А тандемот, Дино Мустафиќ и Жељка Удовичиќ, тоа многу добро го разбрале. Оваа претстава, низ драматуршката адаптација, многу поцврсто и сериозно ги поврза сите дилеми на револуциите, па и транзицијата ја сместуваме во корпусот на револуциите, за македонскиот простор, а јас сум слободен да кажам и за просторот во Србија, во однос на тоа што беше направено во синоќешната претстава. „Children of the revolution“, од групата „Т.Rex и Mark Bolan“ е првиот миг. Таа песна е направена кога револуцијата од 1968 година веќе беше мртва. Текстот на Бoлан многу иронично зборува за тоа што дојде по 1968 година. И потоа имаме цел круг, а на крајот имаме иронија со оној кој го мете подот и го изметува и Дантон. Значи, таа линија која почнува, иронично се завршува со иронија. Почетокот на текстот, се разбира дека не е напишан од Бихнер. Тоа е интервенција на Жељка, која е многу јасна и многу тенденциозна и многу точна. Таа не се однесува само на Македонија и на транзицијата, туку на судбината на денешниот свет. Последните зборови кои ги изговара Дантон во претставата, исто така, не се зборови на Бихнер. Нив ги изговорил Че Гевара. И се поставува прашањето: Дали револуцијата е готова? Тоа во мене отвори дилема. Знам дека Револуцијата не е добра, знам што донесува таа, но, се прашувам: Има ли друго решение?
Тодор Кузманов,театарски критичат на Македонското Радио:
-Ансамблот на Албанскиот театар приреди настан од голем габарит и калибар. Една многу вешта инсценација на Бихнер на „Смртта на Дантон“, како што веќе беше кажано благодарение на драматуршко- режисерскиот пристап и благодарение на ансамблот, во реализацијата на тие едноставни нешта, но и длабоки, што бараат промислување. Мене ме фасцинира фактот, односно податокот, за возраста на Бихнер кога настанал овој негов текст. Како потсетување за тоа што може да направат младоста, искреноста и посветеноста. Значи, некои вредности кои одамна се заборавени. Доспеавме во еден многу корумпиран свет и, некако, му доаѓа како терапија оваа претстава. Во однос на тоа дека револуцијата е неизбежна, меѓутоа таква каква што ја знаеме револуцијата, таа не е ни решение. Но, патоказите се тука за да се спознае кои се резултатите, последиците од револуцијата. Конвенира фактот што паралелата е извлечена со нашата скорешна т.н. Шарена револуција, но еден тип. Конвенира тоа што резултатите од нашата револуција се безмалку препишани од Француската револуција. Веројатно, тоа важи и за сите други револуции. Во земјава секој втор е незадоволен што беше дел од нашата револуција. Тоа мешање на желби, на интереси, како што било во Франција, а персонифицирани преку Дантон и Робеспјер, овде го има многу. Главната вредност и важност е што во претставата се зборува за актуелни настани, на актуелен јазик, низ манир на политички ангажман во театарот. Оваа претстава доаѓа и се надоврзува на претходно изведените претстави како што се „Бакхи“ на Битолскиот театар и „Животинска фарма“ на Орвел во продукција на Струмичкиот театар. Тоа што ги поврзува е политички ангажираниот пристап, во сите три има осовременување, односно локализирање на проблемите и на фактите со ова место и со ова време. Тоа е една тенденција која фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја одразува. Мене ми се допаднаа улогите како се направени и се изведени без претенциозност, без посебно напрегање и без агресија. Во таа смисла се моите честитки за нивниот учинок.
Иван Додовски, професор по критичка теорија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје:
-Моето враќање на фестивалот по 20 години се поклопува со уште едно блескање на ансамблот на Албанскиот театар, како кога пред две децении, во својство на селектор, донесов една претстава од нив која тогаш блесна. Затоа ми е криво што во изминатиов период не сум видел повеќе од нив. Сега доаѓав со извесен трепет пред помислата каков Дантон ќе изигра Рефет Абази, зашто и тој од некои свои причини, како што знаеме, долги години не доаѓаше на овој фестивал, а го немаше и на сцената во неговиот театар. Некако се поклопија нашиве судбини вечерва. А, не треперев поради тоа што се сомневав во неговите способности, туку затоа што кај него има една огромна еруптивна енергија за која мислев дека, толку се собрала низ годините, што сега низ еден ваков лик може да експлодира, на начин што не може да се контролира. И, да кажам искрено, најмногу ми се допадна што видов дека и по толку години, собирајќи ја таа енергија, Рефет токму тоа го направи. Успеа да се исконтролира во најтешките сценски стапици на оваа претстава. Во неа брилијантно функционира тој мост, тоа колебање помеѓу едно хедоне на Дантон- потребата низ телесното да се истражува вистината, и студената рационалност на Робеспјер, брилијантно одиграна од Луран Ахмети, рамноправно со Рефет, токму на оној мост за кој во почетокот мислев дека ќе биде опасна стапица зашто метафората на клатењето во 2 часа се троши. Сепак, тоа беше извонредно искористено и одиграно. Ми се допадна, исто така, што имаше некои сцени во кои дојде до израз Бихнеровската лиричност и тоа секогаш во контрапункт, додека паралелно одат сонговите или некои други мизансценски решенија. Таму имате слатка ненападна игра на Дантон со вљубената. Или моментите на плачењето, на сонувањето, на стравот од сонот и т.н. Сите тие се извонредни етиди во оваа претстава, едно менување на потребата што се провлекува низ претставата, која цело време низ ударот на тапаните нѐ потсетува дека сме во реалноста, дека проблемите се наши и дека сме жртви на сите заблуди на револуцијата.
Публиката ја даде својата оцена за претставата „Смртта на Дантон“. Нејзината оцена е 4,18.
Сотир Трајков
Фото: Оливер Ангелески