Tркалезна маса со екипата на „Пиреј“

НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп

„Пиреј“ од Петре М. Андреевски

Режија: Љупчо Ѓорѓиевски

Играат: Марија Спиркоска Илијеска, Александар Степанулески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Даниела Иваноска, Андон Јованоски, Виолета Чакарова, Димитар Вандески, Цветанка Чавлеска, Димитар Ѓорѓиевски, Илија Волчески, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Александар Тодески, Виктор Мирчески, Давид Папазоски. Деца: Даниел Трајкоски, Фросина Богеска, Андреј Димитриовски, Надица Ѓорѓиоска, Илин Ристески, Илина Стефаноска, Александар Ристески, Георгина Апостолоска

Ана Стојановска, театролог, модератор на тркалезната маса:
-Суптилната сценографија и нејзината слика, која се менуваше во текот на претставата, знаев дека, и режисерот и сценографот, решиле во просторот, кој е толку многу интимен, да не постават на еден сензитивен начин кој се затвори на самиот крај на претставата со ѕвончињата што децата ги поместуваа. Во еден театар има секогаш многу симболика, можете да ја читате и да ја препознаете. Во тој простор е мошне впечатиливо дека е сè оставено на актерската игра. Тоа го кажав и пред некој ден, кога зборувавме за една од претставите дека не е важно колку е моќен театарот технички, туку колку актерите знаат да ја направат претставата.

Во овој текст, кој сите, барем еднаш сме го прочитале, приказната е паралелно поставена, како што знаете, на машката и на женската страна. И во овој случај, режисерот успеал во драматизацијата и со помош на актерите да го спои тие две приказни, да се испреплетат на неколку планови, при тоа внимавајќи дали ќе излезе надвор од контролата, таа сила на емоција. Бидејќи сите знаеме колку е силна емоцијата, посебно приказната на Велика и нејзиниот однос кон сопствениот маж, најмногу кон децата, излегува на површината.  Сакам да ја нагласам таа моќ и на режисерот и на актерите во портретирањето на тие епизоди. Како да се правеа директни актерски портрети на ликовите. Зошто „Пиреј“? Меѓутоа овој текст е толку многу моќен, што се разбира дека  е поставен така како што треба и тука нема потреба да даваме други одговори, затоа што е „Пиреј“. Е,сега, за двајцата актери Велика и Јон. Мене секогаш ме вознемирува тој лик на Велика, бидејќи јас сум мајка и токму тој однос кон децата, се плашев дека ќе заминеме некаде многу далеку во патетика. Меѓутоа, моќта на Марија како актерка, во нејзината изведба, барем тоа јас така го гледав, толку суптилно ја нивелираше таа патетика, така што ни самата не си дозволи, потоа и нам, да се расплива во сето тоа. Наспроти таа нејзина суптилност, излезе експресијата на Александар, дури јас не мислам дека пречеше, затоа што јас тоа го читам како машкиот принцип во приказната, рече Стојаноска, додавајќи дека токму разговорите на тркалезната маса се една можност публиката да се сретне со своите актери, со учесниците во претставата.

Сашо Димовски, театролог, драматург, драмски автор:
Во сценската семантика односно аудиовизуелното толкување на претставата, лоцирам еден проблем. Сметам дека костимографот и сценографот се разбрале и се сретнале совршено само на местата каде што се појавува бајачката, каде што тој ритуален театар доаѓа до својот полн израз. А, лоцирам еден проблем во драматургијата на претставата, односно во адаптацијата на романот, поради начинот на кој се чувствува таа силна литерарност, тоа е сепак роман, не можеме да му избегаме сосем на жанрот. Меѓутоа сметам дека требаше да се поработи на малку подиректни реплики, кои ќе ја исчистеа таа литерација која беше мошне видлива во претставата. Вториот план во актерската игра на места беше некохерентен за разлика од оној прв кој водеше, оној втор сметам дека требаше на места да биде постегнат, погуст, со поизразени синхрони. Моите комплименти одат за двата насловни лика во романот, за Јон и за Велика, и сметам дека Александар и Марија покажаа вонреден емоционален полнеж, кој го пласираа дозирано, кој навистина нè опи.

Љупчо Ѓоргиевски, режисер на претставата „Пиреј“:
-Мислев дека една ваква режисерска поставка најмногу ќе одговара врз тој материјал, а да не извршам никакво силување на тој материјал. За разлика од „Животниска фарма“, каде работите се многу поотворени, и каде имаше можност и за поголеми драматуршки интервенции и за поинаков вид на израз, режисерски ракопис. Луѓето што ја следат мојата работа, знаат дека „Пиреј“ повеќе лежи на мојата естетика од овој тип, отколку, да речеме, „Животинската фарма“. Поретко правам таков вид изведби. Овојпат за „Пиреј“ се одлучив вака, затоа што сметав дека навистина какво било друго естетско, како режисерска постапка внатре, дека ќе извршев некакво насилие. Мене таа изведба на претставата од 1982 година сѐ уште ми одѕвонува во ушите, тоа е некаков внатрешен код, од кој тешко човек може да се ослободи и т.н. и се определив за еден многу едноставен театарски јазик. Се грижев што повеќе може да се избега од наративното, дескриптивното и т.н., макар што не може до крај. Во романот има многу мал активен дијалог, добар дел во драматуршката интервенција е наративен дел, но тоа е неопходно за да оди приказната и на оној што ќе седне да му биде јасно што се случило од почетокот. И точно наликува малку, има една епска димензија, многу настани, многу сцени се кратки 3 минути … кои се неопходни за да стане јасно што се случило. И сметав дека не е потребно ништо друго дополнително, затоа што „Пиреј“ е опстојот и ми се чинеше дека опстојот е многу живо актуелен во нашето секојдневие, во стварноста и мислам дека и ден-денес сѐ уште се бориме.

Иван Додовски, професор, театарски критичар:
-Целата сценска литература, вклучително и целата драмска литература е напишана на две теми: ерос и танатос. Тоа го вели Ролан Бард. Меѓутоа во што е разликата на секое време, нова генерација, на секој нов автор? Како да се раскаже истата приказна? И доаѓајќи да ја гледам претставата се прашував на кој начин може денеска да се драматизира големиот наратив на „Пиреј-от“,во кој котекст? Ова не е 1957, 1967 година, не се 80-ите кога се играла првата верзија … Основното прашање е како денес, по толку децении, по сите промени глобални и локални, да се пристапи кон големиот наратив за македонизмот? Тоа не значи дека тој станал неактуелен, јас не го кажувам тоа, но денес мора да се најде клучот таа приказна поинаку да се раскаже. Вака како што е поставена претставата јас не најдов поинаков клуч на таа претстава, зборувам драматуршки. Има новина. Таа е на планот на визуелното. И тука можеме да зборуваме за таа симболика, и како тоа убаво функционира за око, но тие две нешта за мене, се разминуваат во оваа претстава. Што се однесува  на актерската игра, јас сум навистина импресиониран од актерите кои ги играат тие два главни лика, Јон и Велика. Прво, Велика треба пет пати да одигра губење на чедо. Е, тоа е голем предизвик за секој актер, да не го повторите тоа и да не го доведете до баналност, сеедно што е бескрајно трагично и допира до публиката и што со секое ново умирање има ново сострадание.Тука, актерката навистина успеала да најде клуч, да ја одигра таа промена, таа загуба на децата, тоа гаснење на нејзините малечки. Истото се однесува по контраст на Јон. Бев изненаден со каква точност го пласира сценскиот говор, извонредно, прецизно, силно. Мислам дека она што го нашол за да го извлече ликот од замките што ги споменав, а ги има, дури и мизансценски се повторуваат воените сцени, е хуморот. Меѓутоа, тоа не е хумор потсмев или една иронија, која е на прва топка, туку е воздржан и се појавува доволно, колку за да го измести ликот од замката да падне во патетиката на болката, страдањето, на протестот, на себепрезирот и слично. Мислам дека тој тандем ја носи енергијата на претставата и помалку или повеќе и другите се приклучуваат кон тоа.

Јована Ѓорѓиовска, театарски критичар на Гледај.МК:
-Многу ми се допаднаа четирите различни планови на сценографијата на кои се играат различните временски нишки и локации. Исто така, сцените со бајачката јас лично ги доживеав како најмоќни и најефективни. Мислам дека тој дел не ми бил толку важен кога сум го читала романот, но сега, при гледањето на претставата тоа се моментите кои што најмногу ми оставија впечаток.

Слободан Беличански, вљубеник во театарската уметност:
-Оваа претстава, според мене, може да биде одличен пример како може театарот да комуницира со националното книжевно наследство. Романот „Пиреј“ стана класика уште за време на животот на Петре М. Андреевски и еве сега, пак, се сретнаа по вторпат. Ја споменувам некогашната култна претстава на Битолскиот театар, една извонредна претстава. Сега, пак, имаме чувство дека се достигнал врвот во сите елементи на претставата, со еден ансамбл кој со години гради подеднакво чувство за поединечна и за колективна игра, каде се споиле убавото текстуално со убавото визуелно. Во секој гледач се буди она што се вика емпатија, чувство на сорадост и сострадание. Повеќе ова второто, затоа што се случува сѐ во времето на „Големата војна“, на Првата светска војна. Оваа претстава не порачува омраза и одмазда, туку е претстава која нуди љубов и бара мир меѓу балканските и сите други народи. И уште еден момент: таа сеприсутна игра помеѓу трагичното и радосното, меѓу смртта и животот, меѓу темното и светлото, во завршницата се чини дека надвладеало светлото. И токму тоа светло, споено со жолтилото на македонската сончевина присутно во сценографијата и во рефлекторската интервенција, кажува дека има надеж и за овој народ и поука за сите народи во најблиската и најдалечната историја. Поука, да не се повторат нашите и туѓите трагични искуства. Претстава во која сите актери, а посебно носечките, го досегнаа врвот, вложувајќи сѐ од себе – од телесна, духовна и душевна енергија“.

Борче Грозданов, театарски критичар, Театарче.мк:
„Таква суптилност и ненаметлива внатрешна игра каква што имаше кај Велика, алијас Марија и на моменти малку понагласена, но сепак на место кај Александар, одамна немам видено. Во однос на пливањето низ ‘морето пирејско’, односно низ неоткорнатиот корен што не можеме да го откорнеме колку и да сакаме, што Бубе (Љупчо Ѓорѓиевски н.з.) го направил маестрално. Во народните сцени, односно боичните сцени, како да се претрчуваа за мене многу битни реченици на мудроста од Лазор Ночески . Тоа е всушност коренот на пирејот, тоа е нашата мудрост. Некои реплики воопшто не ги чув од прегласната музика, особено на почетокот од војничните сцени Трпче (Игор Трпчески н.з.) воопшто не го слушнав. Во секој случај, ми фалеше малку динамика во воените сцени. Прекрасните 5 ‘ѕвезди’, вие имате 5 нови прилепски ‘ѕвезди’. Тоа се децата, сите до едно беа одлични и немерливо незаборавни. Темата беше ‘зошто Пиреј?’, што кулоарски, што вака јавно. Затоа што ‘Пиреј’ е нашата вечна тема, затоа што ‘Пиреј’ е нашиот корен, затоа што пирејот не треба да го негуваме, но не треба со сила да го газиме“.

Милан Пиркел, театарски критичар од Словенија:
„Ќе кажам нешто што многу ќе ве изненади. Во перцепцијата на алтернативците и критичарите во Словенија, веројатно најпознатиот македонски театар, е прилепскиот театар. Тоа што во свеста на словенечкиот театар го направи Мартин Кочоски на ‘Ex Ponto’ со ‘Тапани во ноќта’, ‘Кавкаски круг со креда’ , тоа и сега се памети во Словенија. Во Словенија се зборуваше дека е тоа првиот ‘физички’ театар од подрачјето на поранешната Југославија кој дошол во Словенија, и дека тоа словенечките актери сигурно никогаш не би го направиле. Вие правевте сцена, што словенечкиот актер никогаш не би го правел, за тоа постојат сценските работници. Но, да го оставиме сега тоа настрана. Вечерва, анасамблот извонреден, сите честитки за носителите на главните улоги, но и за колективната игра“.

Мартин Наумоски, професор по македонски јазик во средно училиште:
„Сакам да дадам за ова претстава од еден друг аспект. Предавам македонски во едно средно училиште тука во Прилеп и, нормално, го работиме ‘Пиреј’ со младите деца, со средношколци на возраст од 17-18 години. Од оние кои што ја сакаат литературата и го сакаат театарот, можам да кажам дека 99 отсто дојдоа и ја гледаа претставата. Со сите нив користевме часови да зборуваме за претставата и таа длабоко допре до нив. Нормално, тргнувајќи од текстот, преку актерите, музиката, сценографијата, костимографијата и сл. Го кажувам ова затоа што сакам да знаете сите кои сте инволвирани во претставата, дека правите голема работа за младите деца, кои веројатно немаат исто детство или исти мисли како што ние сме ги имале порано. Сега е многу потешко да се допре со ваква претстава, со ваква тематика до денешната младина отколку што било тоа порано. Затоа, сите комплименти одат кон вас, кои сте инволвирани во претставата“.

Оцена од гласањето на публиката: 4,85

Куриозитет:
Вечерва во претставата на прилепскиот театар „Пиреј“, настапија двајца актери кои својот почеток го имале на вториот Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Станува збор за доајените на прилепскиот театар, актерите Димитар Вандески  и Трајче Иваноски, кои пред 52 години играле во претставата “Триста коли трње“, хумористичен колаж по текстови на прилепчанецот Миле Попоски, а во режија на Благоја Дамески.

Моника Талеска, Зоран Милошески
Фото: Оливер Ангелески