
Денеска околу 11 часот во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ се одржаа првите разговори на тркалезна маса по повеќе од 20 години. И тоа за првата од осумте претстави во конкуренцијата за награди на фестивалот – претставата на МНТ од Скопје – „Макбет“ на Вилјан Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ.
Реакциите се многу позитивни и имавме плодна дискусија смета професор Ана Стојаноска од Фкултетот за драмски уметности од Скопје и водител на разговорите.
– Првиот впечаток е дека ни недостасуваше да зборуваме за театарот. Ни недостасувало да зборуваме за тоа што сме го одгледале. Искрено, навистина му благодарам за можноста што ја создаде фестивалот да проговориме гласно за претставите што ги гледаме. Позитивно сум изненадена од првата „тркалезна маса“ за претставата „Макбет“ од Вилјам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ, а во продукција на МНТ од Скопје. Имавме можност да слушнеме мислење и од гледачите и од „едуцираната“ публика, од критичарите, но и од самите автори на претставата. Ваквите тркалезни маси се инзвонредна можност за учесниците во претставата да видат каков повратен ефект има нивната претстава врз гледачите и мислам дека таа цел ја усвоивме.
Според тоа што се слушна на „Разговорите на тркалезната маса“ , видовме дека сите го препознаа режисерскиот концепт на режисерката Нела Витошевиќ, посебно, активното учество на вештерките кои беа вклучени во претставата. Слушнавме забелешка околу говорењето на стиховите, што е исклучително важно и слушливоста на некои од актерските изведби. Позитивно ја нагласивме играта на неколку актери од МНТ и го испочитувавме токму тој момент дека режисерката собрала една актерска екипа која многу моќно, и истовремено, многу интересно функционира заедно на сцената, изјави Стојаноска.
Слободан Беличански, пасиониран вљубеник во театарската уметност ја поздравува иницијативата и акцентира поенти од претставата.
– Со големо внимание ја одгледав претставата. Мора да се земе предвид дека претставата „Макбет“ се играше во атмосфера во која публиката претходно емотивно се трошеше. Прво беше прогласувањето на добитниците на Наградата за животно дело, Владимир Милчин и Бајруш Мјаку, потоа емотивно се проследи концертот на Влатко Стефановски. Остатокот од емоциите, по паузата, беа за претставата од 2 часа и 20 минути. Токму во ова „интернетско“ време кога публиката е навикната да одгледа „набрзина“ едно фрагментарно парче, да прими набрзина еден „дајџестиран“, лесно сварлив Шекспир, но вие тоа не сакавте така да го претставите зашто Шекспир не го заслужува тоа. Мои два лични впечатоци беа апострофирани од претставата: појавата на вештерките кои како да игра двојна улога. од една страна како да потикнуваа на злостор, а од друга, како да ги поттикнуваа совестите на Макбет и на леди Макбет. вториот впечаток е во врска со прашањето – Кога се донесе одлуката за злосторството, нагласи Беличански, коментирајќи ја претставата на МНТ.
Љупчо Печијарески, професорот-социолог на прилепскиот Економски факултет и пасиониран проследувач на театарската уметност, посебно на фестивалот во кој низ годините имал и поактивно учество, го поздравува воведувањето на Разговорите на тркалезната маса на критиката по повеќе од 20 години.
– Некои и можеби не паметат кога се разговараше за претставите на фестивалот. И тоа бурно се коментираше секоја претстава. „разговорите“ постоеја и пред 40, па и 50 години. Сакам да ве поздравам, зашто пријатно сум изненаден дека по толку години се води една квалитетна дебата за претставата. А сакам да се задржам околу две дилеми: Дали претставата требаше да се игра на оваа сцена која ги нема технилчките можности на матичната сцена на МНТ. Првата жртва е што Шекспир се игра на македонски. Втората поента е мнбогу побитна. Со вашето присуство на фестивалот и со изведбата засекогаш се вградувате во меморијата на МТФ „Војдан Чернодрински“. Тоа вреди. Само на тој начин ги градиме сопствената култура и сопственото битие, истакна Печијарески.
Инаку на крајот на разговорите на тркалезната маса на критиката беа соопштени резултатите од гласањето на публиката. За претставата „Макбет“ на МНТ од Скопје публикта даде оцена од 3,83.
Вечер на програмата на 54. издание на МТФ „Војдан чернодрински“ е втората претстава во конкуренцијата за наградите, и тоа од 19.30 часот на сцената од ЦК „Марко Цепенков“, тоа е претставата „Бакхи-краток преглед на распадот“ според Еврипид во режија на Игор Вук Торбица, а во продукција на народен театар од Битола. Веднаш по претставта се разговорите на тркалезната маса.
Елизабета Митреска
Фото: Анастасија Бошкоска