Доделени признанијата од „ Евродрам“, на преведувачите Оливера Павловиќ и Дарко Јан Спасов

Преводната драмска литература во земјава е засилена со три наградени текста од руските драмски автори Иван Вирипаев и Људмила Разумовскаја, како  и од ирскиот драматичар Конор Мекферсон. Ова е заслуга на преведувачката од руски јазик, Оливера Павловиќ, вработена во НТ-Битола и на Дарко Јан Спасов-драматург во театарот Комедија во Скопје и преведувач. Нивните преводи беа поттикнати од ланскиот конкурс што го спроведе Евродрам- европска мрежа за драма и превод , која обединува 30 јазични комитети од разни земји. Според претседавачот на Македонскиот комитет на Евродрам, Иван Додовски, на конкусот пристигнале 8 преводи, од кои изборот паднал на три.

  • Во таа селекција, трите преводи се најистакнати , за таа година. Денеска сме тука јавно да им честитаме на преведувачите. И тоа да го искористиме како повод за прослава и гест на ценење на тоа што тие го направиле како преведувачи зашто тоа е извонредно важна работа. Особено во театарот , особено кога еден текст треба да се преведе добро и да е сценски изведлив во нашата средина, рече претседавочот на Македонскиот комитет на Евродрам, Додовски.

Признанијата на Дарко Јан Спасов и на Оливера Павловиќ , им ги врачија Доминик Долмие од Франција, еден од основачите на Евродрам и Иван Додовски од Македонскиот комитет. Заблагодарувајќи се за признанието, Оливера Павловиќ, која беше рангирана како прва и трета за преводите на драмските текстови „ Танцот Делхи“ од Иван Вирипаев и „ Милата Елена Сергеевна “ од Људмила Разумовскаја, рече дека ова е прв пат јавно да се оддаде признание на преведувачи кои работат за театарот .

  • Благодарам за наградата, за тоа како сум вреднувана. Прв пат јавно во Северна Македонија им се оддава признание на луѓе кои прават превод за театар. До сега не сум слушнала за вакви признанија и возбудена сум и многу ми е мило затоа што веќе 30 години ја следам руската драматургија и преведувам. Дел од тие пиеси што сум ги превела имале среќа да бидат играни во театарот , ама поголемиот дел уште стојат во фиока. Ова е јавен повик до сите театарски работници да обрнат внимание на тоа дека има луѓе кои ја следат драматургијата во Европа. Современата руска драматургија и по квантитет и по квалитет е многу значајна, истакна Павловиќ.

Дарко Јан Спасов кој по конкурсот беше рангиран на второто место за преводот на наградената драма со „ Лоренс Оливие“- „ Брана“ од Конор Мекферсон, заблагодарувајќи се за признанието , повика да се чита повеќе во нашата средина.

  • Читајте ! Кога некој искрено ќе ви рече дека текстот е многу убав, прочитајте го , земете си време. Само читајте, ништо друго. Ако не читаме мозокот ќе рудиментира како казма. Им благодарам на организаторите од МТФ „ Војдан Чернодрински“ и им благодарам и на Евродрам.

Осврнувајќи се на историјатот на мрежата Евродрам, која постои од 1991 година, основачот и режисер Доминик Долмие, рече дека приказната со европската мрежа за драма и превод започнала барајќи преведувач од албански на француски јазик, на текстот „ Историја на тие што веќе ги нема “, од албанскиот писател Касем Требешина, при посетата на Тирана.

  • Текстот го преведе младата преведувачка Мирела Кумбаро (сега министерка за култура во Албанија м.з.). Кога беше направена постановката сватив дека тоа беше прва албанска драма преведена на француски јазик. Бев изненаден како е можно тоа. Така се заинтересирав за остатокот од Балканот. Исто така и во Анадолија и во регионот на Кавказ, ситуацијата е слична околу преводите и си реков дека треба да направиме нешто во врска со тоа.

Конкурсите на Евродрам за преводна драмска литература се објавуваат во непарни години, а во парни, се објавуваат повиците за оригинални драмски текстови, кои потоа се споделуваат низ мрежата. До крајот на годината се очекува да биде објавен конкурсот за оригинални текстови, напишани на македонски јазик кои ќе ги разгледа Македонскиот комитет на Евродрам и ќе направи селекција. Одлуката ќе биде соопштена во март, следната година. Авторите од земјава кои пишуваат на јазиците на етничките заедници ќе можат да аплицираат во соодветните јазични комитети на Србија, Албанија и Турција. Постои желба од Евродрам, наградените оригинални текстови да се објават,  промовираат и да се одржи нивно сценско читање в година, на јубилејниот 55 МТФ „ Војдан Чернодрински “.

  • Зошто да не бидат и да не се играат низ театрите во Македонија , кои токму преку овој фестивал ќе бидат анимирани малку да размислат и да обрнат внимание на домашната драматургија. Таа потреба беше констатирана во рамките на разговорите на трибината „ Ова е наше време- време за театар“, дополни Додовски

Преку Евродрам до сега се преведени текстови од Дејан Дуковски, горан Стефановски, Жанина Мирчевска и Венко Андоновски.

Сотир Трајков
Фото: Анастасија Бошкоска