Тркалезна маса со екипата на „Животинска фарма“

НУЦК „Антон Панов“ Струмица – Народен театар

„Животинска фарма“ од Џорџ Орвел

Режија: Љупчо Ѓоргиевски

Играат: Насто Ангов, Стојан Велков – Трн, Јулија Милкова, Игор Тодоров, Кире Ѓоргиев, Ванчо Васил, Јасмина Вучкова, Анкица Бенинова, Ангелина Тренчева Ангелова, Тонкица Стојанова, Стојан Стојанов – Тачи и Ване Трајков.

Ана Стојаноска, театролог, водител на Разговорите на  тркалезната маса:
„Пред неколку години во Лондон го видов најубавиот графит, кој што целосно го покажува она што вечерва го видовме:’Џорџ Орвел беше во право’. Мислам дека и оваа претстава ни докажува колку е во право и колку е сето тоа актуелно и денес. Сакам да им честитам на целиот тим на театарот од Струмица за вечерашната изведба. Предизвикот да се постави ‘Животинска фарма’ е повеќе од јасен. Мислам дека не постои општество кое не се соочува со промени, кое не му се навраќа на Орвел. Во оваа претстава имаше и една актуализација во однос на општествено-политичките прилики со кои што секојдневно се сретнуваме. Тоа можеме да го прифатиме или не, може да ни се допадне или не, можеме да кажеме дека тоа беше успешно врежано во целиот текст на Орвел“.

Борче Грозданов, театарски критичар, Театарче.мк:
„Браво струмичани, браво ‘Антон Панов’, браво Љупчо Ѓорѓиевски. Зошто? Затоа што ни рековте дека Орвел и тоа како живее и денес, за жал или за среќа, кому како. Не би двоел актерска игра, бидејќи буквално сите ми се допаднавте. Сите до еден. Ме воодушевивте како тоа може со брехтовски тресок да се раскаже една приказна која ја живееме денес, меѓутоа која нѐ боли до коска и која е чистата вистина. Животинска, ама во човечка смисла. Ви честитам бидејќи во стотина минути покажавте дека може да се каже и современото, може и со ономатопеја да нѐ воведете и нас во фармата, бидејќи и ние сме дел од таа фарма и како тоа може да се спои. И мора да кажам дека, после подолго време, јас сум воодушевен од струмичани“.

Сашо Димоски, театролог, драматург и драмски автор:
Честитам за преставата, кохерентна претства, на начин на кој јасно се поврзуваат работите. Токму тоа јасно поврзување, мене ми прави проблем. Бидејќи една тема која е толку универзална, да се контекстуализра и да  ни се обраќа само географски мислам дека е пречка во универзалноста на јазикот кој Орвел го поседува, односно во приказната која ја поставува. За актерската  игра и јас ништо не би издвојувал и сметам дека најсилна страна на претстава е режисерскиот концепт и неговата изведба заедно со аудио-визуелната семантика која е изградена во самата престава и поздрав за целата екипа која сето ова го направи.

Марјан Нечак, автор на музиката:
„Мотивите за музиката секогаш доаѓаат од моменталната инспирација која што се раѓа помеѓу мојата соработка со режисерот и, секако, со ансамблот. Да се прави музика која што не илустрира, е нешто кое јас го правам сега а нешто треба да се роди кај нив малку подоцна, во самиот процес. Што, секако е и некаков ризик понекогаш. Така што, најтешкото прашање кое што можеше да ми го поставите, за мотивите, ми го поставивте. Немам некаков посебен одговор, тоа е некаква интуиција, нешто кое ние претходно го ‘раѓаме’ со режисерот, тој концепт…“.

Анастасија Бошкоска, гледач:
Мислам дека беше генејално направена, во секој детаљ . Ми се допаѓа концептот на сценографијата, нешто што го немам видено и многу ми се допадна фактот дека се беше поврзано со нашата денешна политика и реалност, пораката сметам дека беше јасно пренесена, ви благодарам.

Александар Милосављевиќ, театарски критичар, Србија:
„Почетокот на претставата беше моќен заради енергијата, заради прецизноста со која се лоцира темата. Очекував дека во понатамошниот процес, во драматургијата на претставата да се случи деконструкција на она што Орвел во своето сиже го нуди. Тоа не се случи до крај, или има одредени сцени во кои се уфрлаат елементи кои, повеќе од прецизно не алудираат, туку ги конкретизираат работите. Просторот е добро решен. Не само што хангарот произлегува од атмосферата која постои во романот на Орвел, туку нѐ води во таа клаустрофобична атмосфера. Марјан Нечак направи музика која е исто така многу моќна, затоа што ја отвора можноста за брехтовско користење на сонгот. Таа музика е театарска музика и податлива е за текстови на сонговите и, од друга страна, колку и да била во тој контекст применета, таа е моќна и сама како музика. Зборувам за тој ритам, кој е ритам на марш, кој непрекинато нѐ удира во стомак и нѐ потсетува на тоа дека мораме нешто, дека нешто ни е наметнато“.

Тодор Кузманов, театарски критичар на Македонското радио:
„Морам да истакнам дека ни доаѓа еден театар „од страна„ во многу условна смисла, театар којшто е отворен и затоа пријатно изненадува,со ваква една естетика да не удри од глава како отворен театар, да укаже на проблемите за кои и денес станува збор. Ја наоѓам корупцијата како„неизбежна“ и дури од животните ќе направи ситемот да им пропадне, а тоа се случува и во општеството. Финеси има тука, финеси има во демократијата, во  парламентаризмот, во организацијата на општеството, нема црно бело и така тече животот….Да го поздравам режисерот Ѓоргиевски којшто го следам подолго време, а поретко се осмелува да пристапи, на вака оригинален начин во она што го викаме политички ангажиран театар што овде е прилично конеквентно спроведено преку актерската игра, сценографијата, музиката и сите останати сегменти на театарскиот чин“.

Љупчо Ѓоргиевски, режисер на претставата:
„Ова дело е самото по себе универзално. Нема потреба да се потенцира никаква универзалност. Овој роман, безмалку е прирачник за владеење, за раководење на власта. Или за манипулација на власта со народот. Внатре точно ги има напишано сите методи. И за жал, гледаме дека не се промениле. Од еден систем за кој беше напишан романот, тоталитаризмот на минатиот систем, сакате комунистички, социјалистички и така натаму… тие тоталитаризми не постојат, затоа што тие системи не постојат повеќе. Но со сигурност тоталитаризмот на таканаречената демократија која со свои механизми сака да ја легализира својата моќ, тортура и пропаганда, фактички тоа е само легализација на моќта, ништо друго“.

проф. д-р Иван Додовски, професор по критичка теорија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите од екипата на струмичкиот театар, навистина енергичен влез, клаустрофобичен, опасен, се влегува во еден метален кафез и сето тоа ги отвора сите наши стравови и почнува со тоа брехтовско испрашување на оние прашања кои скришум или јавно си ги поставува, а не наоѓа ехо, одговор. И во таа смисла бев поријатно изненаден од екипата и од режисерот кои го имаа тој влез во претставата.  Значи битен е контекстот, ако зборуваме за тоа што е тој роман и како сега е адаптиран за една ваква пртетстава одиграна во еден хангар, тоа е извонредно решение на сценографот, засилен со една извонредна музика која ги пунктира брехтовски сите овие прашања и се поставува прашањето кој е контекстот на оваа претстава. Жанрот е велат една стирична дистопија, но има и еден друг, клучен момент: станува збор за дистопија со клуч и мојата дилема за оваа претсва е кој е клучот на ликовите и ситуациите кои се дадени во оваа претстава. Кога почна претавата јас мислев дека го имам клучот, но, се  заглави во бравата …..кога ме посипаа со слама, мислев дека тоа е клучот и дека ќе продолжи тоа вклучување. Но, уште неколку јајца од кокошарникот и други ситни детали  и се изгуби тој момент и моето прашање е која е револуцијата што е тука инсценирана и кој е Џонс?

Љупчо Ѓоргиевски, режисер:
„Ми се чини дека триесетина години тапкаме со такви господа како што е Џонс и нема потреба да ги конкретизираме. Тоа е отприлика контекстот со кој се занимаваме, овие триесетина години низ клои врвиме. По однос на универзалноста и конкретноста сакам да кажам дека делото само по себе е универзално и нема потреба да се потенцира никаква универзалност. Во врска со дилемата да се бега од било каква конкретизација на овој текст, јас многу суптилно тие конкретизации ги имам спроведено, точно е дека се многу малце и ете, некои очекувале и по храбра  деконструкција, но во секој случај, да не се провнат суптилно тие конкретности од нашето секојдневие сега и овде на некој начин како да е бегање од одговорноста да се кажат одреден и работи, ако ние само направиме инсценација на прикаската не како дистопија/што е посвојствена за „1984“ /тогаш би направиле сатирична бајка и тоа би го инсценирале во една театарска претстава“.

Милан Пиркет ,Театарски критичар, Словенија

“Јас би го прашал режисерот дали размислувале претставата да ја постава на некоја фарма, еден вид амбиентален театар и тоа би било можеби добро за претставата или од почетокот се определивте за хангар каков што видовме на сцената“?

Љупчо Ѓоргиевски, режисер:
„Сценографската идеја потекна и оттаму, дури едно време размислувавме да земеме вистнски хангар. Можеби би било уште поинтересно да се игра така, но технолошшки е многу сложено за една претстава да живее: би се изиграла само во одреден период, технички и технолошки е многу проблематично, но не и неизводливо“.

Стојан Велков, актер
„Мене ми е многу драго дека на Чернодрински, има разговори и се надевам дека тоа ќе биде применето и на „Ристо Шишков“, зашто е доста ефективно,  импресиите од публиката веднаш да се кажуваат и тоа е добро и за актерите и сите креатори на претставата, за да видими на кое ниво сме и го поздравувам тоа. Во врска со овој разговор вечерва, мислам дека премногу рационално ја гледаме претставата, јас би сакал да прашам за чувствата од претставата, дали тоа што го гледавте нешто кај вас се случи … оваа претстава е крик, зборува за реални проблеми. Ако претставата има материјал „да ве грабне“ за еден момент да се запрашате, што правиме, ние сме луѓето кои сме одговорни за однесувањето на политичарите кои ги избираме и сакам да зборуваме за тие прашања, за тоа што го критикуваме во самата претстава.“

Ана Стојаноска, театролог, водител на Разговорите на  тркалезната маса:
„Тоа што на почеток молчевме некое време, мислам дека е доволен показател дека секој од нас се пресметуваше себе си што направил во поглед на тоа и јас зборувам еве, за себе си. И еве, тоа ми се случи и после една друга претстава, да не можам да се соберам јас. Мислам дека ми беше доволен показател кога сите овие луѓе ги во себе ги составуваа тие прашања, без разлика дали нешто може да ви се допаѓа или не. Јас и тоа го нагласив, толку моќно влегувате  на почетокот што човек се запрепастува, ние сите како читаме што се случува, секој од нас се локализира и токму тој проблем, од старт не вовлече во сето тоа и мислам, дека тој знак е доволен показател за мене.“

Борче Грозданов
„Брехт до коска и до болка, навистина го почувствував, од воведот-многу добро внесено, како сами да си го викаме Армагедонот и тоа ме заболе. Имаше болка, имаше емотивна иритација, имаше чуденки и не втеравте во едно „лудило“ и ви благодарам.“

Претставата Животинска фарма НУЦК „Антон Панов“ – Струмица – Народен театар публиката ја оцени со 4,02.

Елизабета Митреска
Фото: Анастасија Бошкоска