На тркалезна маса со екипата на „Бакхи-Краток преглед на распадот“

Народен театар – Битола

Бакхи-краток преглед на распадот“ по Еврипид

Режија: Игор Вук Торбица

Играат:Маја Андоновска Илиевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски ,Васко Мавровски

Хороводецот – Викторија Степановска Јанкуловска

Хорот на Бакхите – Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска 

Ана Стојановска, театролог, водител на Разговорите на тркалезната маса

„Имавме прилика да видиме една претстава за која ќе зборуваме, ама и понатаму ќе зборуваме. Не затоа што тоа е Еврипид, еден од авторите кој секогаш е актуелен и што посебно во антиката не го сакале, зашто милувал да ги каже работите, онакви какви што се, директно и затоа што се Бакхи. Сакам да ја нагласам улогата и функцијата на музиката во претставата што беше вонредно решена. Овој краток преглед на распадот го видовме со еден многу суптилен премин од нешто што се вика, интимна приказна во која не воведе хороводецот, сè додека не ја видиме конечната суштина на распадот на самиот крај. Да се постави антички театар денес, не е лесно, иако сите се обидувале, се обидуваат и ќе се обидуваат. Меѓутоа, мислам дека во оваа претстава се имаат сретнато естетиката на режисерот со естетиката на ансамблот и некако се нашле, повлијаеле едни врз други и режисерот врз ансамблот и ансамблот врз режисерот.

Кога зборуваме за ансамблов театар или колективна игра, малку ги мешаме поимите, бидејќи ние овде бевме во мрежата на режисерот, ова режисерот го има направено ние да мислиме дека оваа е игра на сите подеднакво, рече, Стојановска честитајќи му на целиот ансамбл на битолскиот Народен театар, за изведбата на претставата.

Сашо Димовски, театролог,  драматург и драмски автор

„Во 1999 година од оваа страна на театарот ни се случи навистина една многу важна книга „Пост драмски театар“. Ние вечерва бевме сведоци на еден постдрамски театар изведен на многу автентичен начин со сите алатки коишто постдрамскиот театар ги нуди за операционализација, односно за создавање театарски претстави. Она што е главно за оваа претстава е доминантниот режисерски ракопис на кој е подведена целата структура на претставата, на кој се води целото дејство на претставата од една страна. Од друга страна, е исклучително кохерентната игра на ансамблот. Битолскиот театар докажува од претстава во претстава дека има ансамбл кој може да носи секакви продукции. Моите честитки одат пред сè за нив. „Бакхи“ од Еврипид е прв пат поставена во 404 година од старата ера и победува на тие тогашни големи диониси и до денес ние се занимаваме со начинот на кој одмаздата како таква ни се сервира или сами себе си си ја сервираме.  А, она што е ново во оваа претстава, е тоа што, митската семантика која е кодирана во пиесата на Еврипид станува семантика на нашето секојдневие, која поаѓа од семејството како такво, од неговото уривање и нам директно, в лице, ни зборува за сите можни видови терор, кои како луѓе можеме да си ги направиме, копнеејќи по нешто ново. Тоа од една страна.  Од друга страна, ова е претстава која го преиспитува концептот на слободата, според сите основни терминанти кои ги проследивме во него. Слободата и слободното битие и дали воопшто, ние денес можеме да зборуваме за слобода. Или кога зборуваме за слободата зборуваме за рамките во кои таа е возможна. Сакам да ја нагласам аудио-визуелната семантика на претставата која  поаѓа од една покрената сценографија, која јасно и недвосмислено го издигнува светот кој нам ни се обраќа наспроти основниот свет. Употребата на музиката станува еден вид лик во претставата, кој зборува со свој специфичен глас.Од актерските изведби не би сакал да издвојувам, бидејќи сметам дека оваа е претстава која се однесува на колективот и дека целата заслуга е на колективот како таков. Она кое што Еврипид го напишал, Торбица го преработил, стои во основната матрица која ние до денеска ја наследуваме, ја гледаме и ја доживуваме, нам директно ни се обраќа како таков. Моите искрени комплименти за претставата. По слоганот којшто Фестивалот го носи оваа година, оваа е претстава која е директно во слоганот на годинешното издание на Фестивалот“- рече театрологот Димовски.

Борче Грозданов- театарски критичар на Театарче.МК :

-Покрај сета таа модернизација на Еврипид и на случајот „ Бакхи“, кој за мене беше претежок , јас видов еден воведен монолог кој на моменти заличи на монодрама. Видов развлечен прв пролог кој, како идеја, можеше да биде пократок за сето тоа да се повлече и да се спои во една многу подинамична и пожестока семантика. Третиот дел- спојот на Бакхите и обезличувањето на индивидуата, не ми беше најјасен. Затоа би го замолил режисерот да експлицира. Едноставно, за обичниот гледач, верувајте, дека тоа е премачно. А, во публиката, слушнав крцкање на седиштата, енормно титкање на телефоните, светење на телефони. Значи, на публиката и беше здодевно. Што се однесува до актерската екипа, сметам дека уште еднаш се допиша непишаното правило , актерот да биде роб на режисерската идеја.

Александар Милосављевиќ- театарски критичар од Србија:

-Мене не ми беше здодевна претставата. Таа има врска со постдрамскиот театар и со други пост нешта. Значи, сето тоа не е ништо ново. Само е прашањето, како сите тие елементи ќе бидат расчленети и на кој начин ќе бидат повторно склопени во една структура со смисла , која некому му се допаѓа, некому не му се допаѓа, а некому, пак, може да му биде и здодевна. Јас сум во мала предност во однос на вас, зашто гледав една друга српска претстава неодамна, што ја режираше Игор Вук Торбица, а станува збор за „Тартиф“. Таа започнува идентично како „Бакхи“. Имате наратор и тоа женски, кој е на просцениумот и најдиректно и се обраќа на публиката и најдиректно, привидно воспоставува дијалог за политиката, а за сето време, актерски ја контролира ситуацијата. И би се рекло дека тоа е автоцитат. На прво така ми се виде. Меѓутоа, тоа е само дел од едно проседе кој режисерот многу доследно го спроведува на многу различен начин во „Тартиф“ и на сосема друг начин во „Бакхи“. Можеби драматуршката функција е приближно иста. Можеби актерските сретства кај актерките- нараторки кои играат во оваа и во српската претстава се разликуваат за нијанса. Но, смислата е поврзана со постапката на деконструкција. Нема да го гледате Еврипид. Тоа што овде (ќе) го гледате е нешто друго. Дали сте се запрашале кој  е Вашиот идентитет? Според мене, тоа е клучно прашање со кое започнува оваа претстава. И тоа го соопштува личноста која треба да биде наратор. Наратор во театар, обично е личност која се знае. Оваа нараторка во „Бакхи“, веднаш ни дава до знаење дека не е баш начисто, со едно од клучните прашања кое постојано се повторува во секоја цивилизација, а особено во нашата. Кои сме ние ? Ние сме и аполониското и дионизиското. Ние сме и убавото и среденото и грдото, ирационалното, екстатичното. И потоа доаѓаме до сцената која многу потсетува на претставата која е на репертоарот на Драмскиот театар во Скопје- „Фестен“. Значи, имаме една семејна прослава , која во граѓанска смисла е прецизно дефинирана и можеби тука некој и ќе се напие. Но наши сме, па не е страшно. Јас премрев жив, размислувајќи што јадат тие во претставата , која се вика „Бакхи“. Потоа добивме прецизно мени кое започнува со Карпачо од коњско месо, а се завршува со тартуфи. За да сфатиме на крајот дека тоа што го повраќаат драмските лица , не е ништо од тоа мени. Тоа е токму она од што јас на почетокот се смрзнав од страв, мислејќи што ли јадат. Торбица преку назнаки ни покажа дека во семејството опасно владее декаденцијата и дека во тоа семејство, со некој необичен консензус се договориле да ја преживеат роденденската прослава. Па сепак, им се случува некој гест, некој бакнеж, некој поглед, кој укажува дека семејството е сериозно во фаза, не во распажање, туку на трулеж и потоа повторно одѕвонува тоа прашање на идентитетот и започнува сецирањето, на она што ние го нарекуваме уредно, средено, граѓанско општество. И тоа сецирање Торбица не ни го покажа за прв пат, дека тоа граѓанско општество е труло , но според мене на оригинален, афтентичен и храбар  начин ни покажа дека секој ансамбал ова не може да го одигра. Мора да бидат актери кои веќе поминале одредени проседеа и постапки. Ова е истрениран ансамбал кој е во состојба да си ја преврти сопствената кожа.

Игор Вук Торбица, режисер на претставата „Бакхи“:

-Верувам дека ви било здодевно.  Морам да кажам дека седев во последниот ред и ги гледав тие мобилни телефони кои светеа во темнината и само една работа ме израдува, а тоа е фотографирањето на претставата. Значи, не гледаа во своите пораки, туку сите со ред или повеќето, фотографираа. Тоа е она што јас го видов. Можеби грешам. Кога човек избира да се занимава со конотативни претстави, да го темели своето творештво на конотативната стварност според сопствената перцепција, тогаш, всушност, избира дека не е должен тоа на сите да им се допаѓа, да им биде на сите читливо, а на крајот на краиштата, да даде некое време што бара (изискува). Тоа е време е време во кое ќе биде исфрлен одреден број публика. Меѓутоа, човекот избира кому му се обраќа. И мислам дека се околу нас е денотативно до таа мера и за тоа зборува оваа претстава , дека е банално. Дека ние веќе немаме именители за тие нешта околу нас. Кога ние ќе речеме љубов, ние не мислиме на тоа. Кога ние ќе кажеме дионизиско, ние веќе не мислиме на тоа. Ние ги измешавме термините и живееме во постнаративна цивилизација. А, јас избирам да ја конструирам сопствената смисла , од внатре. Тоа би бил мојот одговор. Се извинувам ако било здодевно.

Тодор Кузманов- театарски критичар на Македонското радио :

-Се сетив на Бранко Брезовац, кој пред 17-20 години на слична изобразба, на „ Бакхите“ на Еврипид, што ја напиша Горан Стефановски, ја реализира „Баханалии“, која патуваше низ Европа. Најсилниот впечаток е дека тоа беше претстава, во која доминираше режисерскиот ракопис на Брезовац, формулиран како „ждерење“ без мерка. И едноставно, сцената беше доминантно, во тој стил и во тој однос. Сакам да кажам дека во еден последователен ред го следам Битолскиот театар , низ продукции за кои почнав веќе и да се плашам дека стануваат манир. Но мислам, за среќа, овој пат сум многу пријатно изненаден затоа што се работи за иновативен пристап, за еден култивиран и суптилен приод кон иновирање на класиката. Или, овде може да се рече дека класиката е повод, а целта е дообработка, односно мелење на самите учесници во процесот. Како што рече и режисерот, неговите рецепции и преокупации ги пренесува на ансамблот . Се создава некоја  драматуршка предлошка која е вовед и има некое ехо  од Еврипидовите „Бакхи“. Особено сложен и деликатен текст, во кој што се меша митското и хуманото , двополовоста на Дионис. Тој е и бог и човек, но можеби тој има и индикации дека е бисексуалец. Овде сум фасциниран од текот на дејството, од ритамот и темпото на претставата. Ја нагласувам таа скротеност, за разлика од овие неколку други претстави во кои доминира екстатичноста и слично. Овде има се, но, реков дека е убаво скроено, има убав тек, убав концепт со мирна, темелна реализација.

 Моника Талеска, Сотир Трајков