Со концерт на Влатко Стефановски и изведба на „Макбет“ се крена завесата на 54. МТФ „Војдан Чернодрински“

Овации за годинешните лауреати на наградите за животно дело, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку, овации за одржаниот концерт на виртуозот на гитара Влатко Стефановски и за изведбата на „Макбет“ од Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на Македонскиот народен театар (МНТ) – Скопје.
Вака ќе остане запаметен првиот фестивалски ден од годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“ што до15 јуни ќе се случува во Прилеп.
Двајцата лауреати се заблагодарија за наградите и се присетија на нивните настапи овде на Фестивалот, на деновите полни со креативност во театарот во градот домаќин.
„Прилеп е град на мајтап,а за малку ќе ме расплачеше. Глупаво е да потсетам дека Прилеп бил град на моето детство. Бос го имам шетано по браздите, на Селечка, на Маркукуле и така натаму. Го памтам Прилеп како што веројатно повеќето овде во салата не го паметат и секогаш кога ќе дојдам во Прилеп сум посебно возбуден. Тоа се
случуваше и подоцна кога доаѓав да правам претстави. И се надевам дека уште еднаш барем, ќе се видиме во театарот“, рече режисерот Милчин, заблагодарувајќи ѝ се на публиката, на своите некогашни сограѓани.
„Во осумдесетата години имав среќа кај мој пријател да сретнам една стара баба, која го славеше 103 –от роденден. Ја прашав дали се многу 100 години живот. Таа ме погледна, се насмевна и рече:’Да, влези преку врата, излези преку прозор’. Тогаш ми беше чуден
нејзиниот одговор, оти си мислев дека 100 години се многу. Но, сега, кога мислам каде ми поминаа овие 45 години на сцена, колку пати сме играле на оваа сцена, колку пати сме биле наградени, можеме сите да заборавиме. Само јас, драга публико, нема да го заборавам вашиот искрен аплауз што секогаш сум го добивал од вас“, рече актерот Мјаку.

Уметничката директорка на Фестивалот, Катарина Коцевска од штиците што живот значат им се заблагодари на сите театарски уметници кои што заминаа последнава година, а публиката простум и со овации им оддаде почит и признание за влогот во македонскиот
театар и уметност.
„Во годинава што измина, земната сцена ја напуштија великани кои ја воздигнаа македонската култура и оставија траен белег во нашите срца и во нашата меморија. Без траур, но со благодарност и радост што беа дел од нашите животи, што ни дадоа толку многу и без кои театарот немаше да ги достигне своите највисоки врвови: Славко Нинов, Мушареф Лозана, Салаетин Билал, Мите Грозданов, Ванчо Петрушевски, Љупка Џундева, Златко Славенски, Љубиша Георгиевски, Билјана Беличанец, Горан Стефановски.

Им благодариме.“, се заблагодари Коцевска.