
Во весела, разиграна атмосфера за најмладите и со фестивалската маскота, синоќа во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ беше отворен првиот детски театарски фестивал „Силјан Штркот“. Фестивалот го отвори претставата „Црвенкапа“ на велешкиот театар.
Организаторите, здружението „Мал прилепски театар“ се задоволни од одзивот за фестивалот кој до недела на најмладата публика ќе и прикаже четири детски претстави на различни сцени во градот.
-Сакаме да вопоставиме традиција пред почетокот на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (кој годинава ќе почне на 7 јуни), да имаме фестивал за најмладата публика. Децата да ги потсетиме на вредностите, да ги привлечеме со театарската уметност, рече Ангела Наумоска од здружението „Мал прилепски театар“.
Марија Спиркоска Илиеска, од Здружението посочи дека се среќни што фестивалот „Силјан Штркот“ побуди голем интерес кај публиката и изрази надеж дека ќе прерасне во традиционален детски фестивал, што ќе ги насмее, ќе ги забавува и ќе ги учи децата на вредностите.
Маскотата Силјан Штркот ги забавуваше и ги насмејуваше децата пред почетокот на претставата „Црвенката“ на велешкиот тетар како прва од четирите на фестивалската програма.
Прогласувајќи го за отворен, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласи дека публиката веќе има долг театарски „стаж“, а посебно задоволство е што е посветен на најмладата публика.
-Со гордост го најавувам првиот детски театарски фестивал „Силјан Штркот“ кој се надевам дека ќе прерасне во традиција и ќе ја води најмладата публика на патот на препознавање и уживање во вистинските културни вредности. Целта на здружението, иницијатор за Фестивалот, „Мал театар Прилеп“ е да се промовираат театарската уметност и културните вредности преку интерактивност со најмладите, да се јакнат пријателството, љубовта, хуманоста, почитувањето. Фестивалот има тенденција да прерасне во меѓународен и да ги промовира културните вредности пошироко, рече Јованоски.
Денеска на програмата се две детски претстави. Напладне, во прилепското кино „Мис Стон“ е претставата „Малиот Принц“ на театар Сенки и облаци од Скопје. По претставата ќе има и работилница на сенки за младата публика.
Вечер од 20 часот на платото пред Градскиот саат ќе биде изведена претставата „Заборавените кукли“ на битолскиот театар. По претставата ќе има забава со групата „The Four“.
Првиот детски театарски фестивал „Силјан Штркот“ ќе биде затворен в недела. Од 19 часот в недела во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ ќе биде прикажана претставата „Грдото пајче“ на Театарот за деца и младинци од Скопје.