Од 1 -3 Јули повелете на ПАНФИЗ – Оваа година во соработка со “Скопско Лето”

Почитувани

Ве известуваме дека од 1 -3 Јули, на сцената на Македонскиот Народен Театар ќе се оддржи 12 от по ред Интернационален Фестивал на Пантомима и Физички Театар “ПАНФИЗ” 2019.

Оваа година со “Скопско Лето” заеднички го прославуваме 12 от “Панфиз” и 40 то “Скопско Лето”, па така со заеднички сили го правиме и отворањето на “Панфиз”,

На 1 Јули во 20.00 ч. на Големата Сцена на МНТ. На самото отворање ќе настапи финската атракција МИМОАРТКОМПАНИ со претставата “Боди Ноутс” која е една од највредните продукции изминатава година во Финска.

На вториот ден  2 Јули, имаме две претстави, една од 20.00 и една од 21.30 ч. И двете ќе се одиграат на Малата Сцена на МНТ.

Првата ни доаѓа од Бугарија и е пантомима во изведба на театарот МЕТАМОРФОЗИ а претставата носи наслов “Белиот Бип”

Втората е наша македонска продукција и се работи за проектот на театар “Страница” наречен “Скопје ‘63”, која низ пантомимска игра раскажува за катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 год.

Оваа година оддржуваме и еднонеделна буто работилница под водство на артистот Марко Нектан од Србија со група од десетина помлади и постари македонски артисти и од оваа работилница како производ треба да произлезе и четвртата претстава на “Панфиз” која и ќе го затвори истиот.

Се работи за буто перформансот “Кабаре на Апсурдот” кој ќе се  одигра на 3 Јули на Малата Сцена на МНТ во 20.00 ч.

По претставата ќе биде доделена единствената награда за најдобра претстава чиј спонзор и оваа година е семејството Пацови од Бугарија.

Организаторот упатува благодарност и оваа година за поддршката од Министерството за Култура, а секако и до нашите партнери Македонскиот Народен Театар, Скопско Лето, Тиквеш, Бугарскиот Информативен Центар во Скопје итн.

Се надеваме дека вашиот ценет медиум со интерес ќе го проследи фестивалот и за него штедро ќе информира.

Со почит

Трајче Ѓорѓиев, Страница Театар

Тркалезна маса со екипата на „Странци“

Драмски театар – Скопје

„Странци“
Режија: Нела Витошевиќ
Играат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковски, Предраг Павловски
Гласовни фрагменти: Анастас Тановски, Маја Вељковиќ – Пановска, Огнен Анастасовски, Викторија Рангелова – Петровска, Ивана Павлаковиќ, Саше Ѓорѓиев, Емилија Мицевска, Никола Наумоски, Димитрија Доксевски, Александар Ивановски

Започнувајќи ги разговорите на Тркалезната маса на критиката и на публиката, модераторот, универзитетски професор и театролог Ана Стојаноска, ѝ се заблагодари на актерската екипа на Драмски театар и нагласи дека идејата е да се разговара околу тоа што и како гледавме.

– Оние што не знаат, претставата е работена според сценариото на филмот „Совршени странци“. Оние што не го  гледале филмот, еве вечерва од претставата сфаќате дека станува збор за мошне интересна, актуелна тема, кое се софпаќа со сѐ она што во денешново време е актуелно и како што кажува една од актерките во претставата – нашите телефони, односно тие црни кутии што ги кријат сите тие податоци кои не сакаме да ги споделуваме, или тоа го правиме со избрана група. Сакам да ја нагласам актерската игра. Режисерката има направено одличен избор на актери за секоја од улогите, а тоа тие го покажаа вечерва. Во целата таа драма која се случува, и паралелно на сцената и помеѓу, сакам да го нагласам тоа – одличното решение на паралелните сцени и начинот на кој сето тоа се игра.

Александар Милосављевиќ, театарски критичар од Србија:
-Можеби помалку ќе говорам за претставата, а повеќе ќе говорам за поводот за претставата. Честитам за добрата актерска игра. Во Белград, според истото сценарио, е создадена претставата и се вика „Црна кутија“. Ја гледав во „Београдско драмско позориште“  и особено не ми се допадна. Тоа е зашто постои еден сериозен проблем – од првиот момент ми пречеше фактот кој е драматуршки битен, а тоа е што луѓето кои се собираат и знаат какви тајни кријат, се согласуваат на имбецилен потфат да ги отворат своите мобилни телефони. Тоа никој нормален не го прави, особено што до крајот на приказната ќе видиме дека сите имаат и тоа како сериозни тајни кои ги нарушуваат сите можни односи, машко-женските, машко-машките и така натаму. Мора да признаам дека со таа идеја дојдов вечерва и помислив дека сега ќе не малтретираат со таа приказна која води во таа насока, а заснована е на крајно неверојатната работа луѓето да ги отворат своите мобилни телефони. Целата приказна за тајните не е нова и постојано се повторува низ историјата на светската драма, на филмот, во литературата. Но, вие покажавте и направивте таа игра за мене да добие смисла. Во еден момент, еден од ликовите, човек кој дотогаш е прикриен хомосексуалец, и конечно излезе јавно да обзнани дека е, тој изговора реченица која за мене е многу индикативна и ми е клуч за целата претстава: „Јас сакав тоа да го кажам јавно, но не сакав да го направам на овој начин“. Вашата претстава ја сфатив, и е битно различна од белградската, па токму со тој драматуршки момент го разрешив мојот проблем со кој дојдов. Вие покажувате колку сите ние сакаме да ги отвориме тајните и колку секој од нас тоа го прави на различен начин. Актерите вечерва го направија на начин подобен за реално шоу. Нашата стварност се повеќе се сведува на реално шоу, во кое луѓето доброволно доаѓаат, се изложуваат на туѓите погледи и ги откриваат своите најголеми тајни. Понекогаш откриваат, понекогаш нешто ќе одглумат, но, евидентно, се согласуваат некоја своја интима ја отворат. Во каков свет живееме во кој луѓето имаат потреба да играат идиотски игри во кои ќе ги „офираат“ своите најголеми тајни? Очигледно живееме во свет кој е поместен. За разлика, на пример Ибзен, Стринберг кои конструирале нешто што би била граѓанска драма. Очигледно живееме во свет поинаков од оној на Тенеси Вилјамс, на Артур Милер кои биле свесни дека трагедијата е невозможна, но длабоко копале во човекчката психа, се занимавале со тие тајни кои го уништуваат семејството… конструираат драма. Вие покажавте дека живееме во свет во кој се поставува прашањето дали воопшто е можна драма. Она што би го нарекол семејна драма, овде е конструирано да кореспондира со реалноста. Ние сите сме воајери на некоја стварност на реално шоу и одвреме-навреме имаме чувство на нелагодност кога се откриваат туѓите тајни, но, всушност, најчесто уживаме во тоа и се смееме. Живееме во свет во кој сѐ е поставено наглава.

Тодор Кузманов, театарски критичар:
-Сакам неколку работи да истакнам, меѓу кои дека оваа претстава доаѓа, на некој начин, како шлаг на тортата, како некој театарски чин кој, имајќи ги предвид сите фестивалски денови, фрла една светлина, нова функција, значење на театарот. Дека, покрај тоа што е, да речеме, експеримент и истражување, или занесување, или претерување, иима и една друга димензија и функција како што ја носи оваа претстава која нема претенциозност во себе, нема болна амбизиозност, туку, едноставно да биде игра, театар, која се обраќа на најширок аудиториум. не сакам да прејудицирам, ама мислам дека тоа ќе го покажат некои други мерила. Своевремено ја рецензирав претставата, но како нешто многу сериозно, како што вели колегата Милосављевиќ, за нашата виртуелна стварност и реалност во кои потпаѓаме. Мислам дека насловот на рецензијата беше „Црната чума на нашето време“, мислејќи на сите овие нус продукти што ги носи овој технолошки развој. Бидејќи сме на крајот на Фестивалот, мене особено ми се допадна дека тој се отвори, вклучително одржувањето на овие тркалезни маси на публиката и на критиката. Друг факт кој ме радува е присуството на колеги од Белград, од Љубљана, еве од скоро и од Ниш кои се, апсолутно во финкција дека театарот, уметноста и културата, воопшто, се функционални само како нешто што е отворено, или води кон отвореност. отворање кон светот и размена на искуства, енергии. Ја поздравувам оваа претстава како посебна на Фестивалот која е непретенциозна и во што брилира. Човек е многу моќен кога е растоварен од предрасуди, од болни и кобни амбиции. Им благодарам на вечерашните протагонисти.

Спасое Ж. Миловановиќ, театролог и директор на „Народно позориште“ од Ниш:
– Прво, им благодарам на домаќините на поканата што сум овде. Со Александар дискутиравме дека, всушност, овој текст му бега на театарот. Колку и да е возбудлив и забавен за филм, во театарот некако не профункционира. Колку и да се обидувала режисерката, на моменти и ингениозно ги решавала тие мизансценски проблеми. Зошто го велам ова? Филмот со крупен кадар овозможи да ги дефинираме ликовите и да ги препознаеме како лик, а не како тип. Колку и да е ситуацијата водвилска и пасурдна во основата, филмот од тоа, колку-толку, направи семејна драма и да изгледа како сериозна општествена критика. Не знаејќи како тоа изгледа на матичната сцена во Скопје, дали и колку е блиску или далеку публиката,  овде не можев да ви ги видам лицата, а и чујонста беше отежната. Ај, да речам, дека тоа е мој проблем. како актери чесно си ја одработивте работата, но се чувствува, но останавте на ниво на тип. Што и не е нешто лошо. Јас сум вљубеник во водвиљот и овој текст има такви потенцијали. Со таа апсурдна ситуација околу која сѐ се врти. Оваа претстава не отиде од текстот до тезата. јас добро се забавував и се согласувам дека оваа е многу повозбудлива од белградската. Но, ја нема транспормацијата на текстот да добие вистински драмски потенцијал.

Милан Пиркер, театарски критичар од Словенија:
-Оваа претстава ја гледам по втор пат. Минатата година во мај ја гледав во Скопје. Мислам дека денеска беше подобра отколку првата што ја гледав. Актерите се извонредни. Се согласувам со господинот Милосављевиќ. Од аспект на актерите, има добро избрани ликови. Оваа претстава, под наслов „Потполни странци“ се работеше во Марибор, според истиот текст од италијанскиот филм. Имам еден проблем со оваа претстава, зашто ми се чини сѐ што во публиката ја предизвика смеата е целосно свртено од она што се работеше во филмот. Во филмот се осудува тоа како се прима проблемот со хомосексуалноста, а воде, се чинеше, дека тоа е смешно. Мене тоа, лино, многу ми пречеше. не сум дојден да заговарам „гејство“. Во филмот почувствував дека тоа е општествен проблем, а овде почувствував дека тоа е нешто што предизвикува смеа. Сигурен сум дека ниту режисерката, ниту актерите не сакале така, ама така излезе.

Александар Милосављевиќ, театарски критичар од Србија:
-Целосно го делев вашето чувство кога почна смеењето. И истото го помислив: „Господе, што е овде смешно, ова е страшно“. Страшно е што им се случува на тие личности, а ние се смееме. И тогаш ми се случи тој „клик“, иако не тврдам дека сум во право, но имав впечаток дека токму тоа беше намерата, дека тоа е единствениот начин на кој ние денеска општествениот проблем го доживуваме и кој повеќе не е сериозен. Ние сме ‘оперирани’ од тоа да ги детектираме општествените проблеми. Не полемизирам со вас, самиот сум во недоумица. И тогаш ми се стори дека намерата беше да се заврти работата, да се покаже колку приказната поставена на ваков начин ќе предизвика смеење. Сега, некој кога ќе се врати дома нема да се чувствува пријатно, некој ќе заборави што гледал, некој ќе замине на вечера со сопругата, со љубовницата или со љубовникот, а некој ќе се чувствува непријатно затоа што се смеел на една толку драматична приказна. Овде имаме, не само мажот да ја лаже сопругата, туку и пријателката ја изневерува пријателката. Се случува еден од актерите да биде освестен иако не е хомосексуалец, но еден час глумел хомосексуалец и одеднаш нешто во него се менува. И тој сфаќа со какви проблеми хомосексуалците секојдневно се соочуваат. Но ние и на тоа се смееме. Не се смееме затоа што вие на сцената сте се глупирале и сте изигрувале кловнови, не, туку тоа е режисерско-драматуршка поставка, така јас тоа го доживеав. Да се предизвика смеење. Па ние, луѓе, така реагираме. Јас не знам какво е вашето Собрание, но ние во Србија гледаме на тоа како на „риалити шоу“. Ние се смееме на една група идиоти која ги решава нашите животи, тоа е страшно. Прашањето на смеењето мене ми беше многу возбудливо, тоа ми ја отвори целата онаа приказна со која ве малтретирав на почетокот. Значи, јас немам став, самиот себеси се преиспитувам.

Нела Витошевиќ, режисерка на претставата:
-Текстот, во основата има нешто од италијанската ренесансна комедија, има нешто од комедијата на забуни. Кога се смее публиката, не мислам дека се смее затоа што ние сме решиле да го исмеваме проблемот на геј популацијата, или затоа што сме решиле да го исмеваме проблемот на маргинализираните групи. Тоа е во основата на текстот. Во моментот кога се случува таа комедија на забуни, од тоа не може да се избега во ниеден случај. Една од клучните работи за да го работам овој текст е токму третманот на тие маргинализирани групи, конкретно, на геј популацијата. Зашто, по односот на овие прашања, ние од сите балкански земји, веројатно, сме најконзервативни. Кога разговаравме на оваа тема, како што гледате, глумата овде е минимална, нема преигрување, нема ништо со кое ние го исмеваме ова прашање. Кога ќе се случи таа комедија на забуни со телефоните, текстот сам по себе предизвикува смеење. И мислам дека тие два контрапункта се одлични, зашто, на една страна имаме човек кој сериозно се соочува со конкретниот проблем, а од друга страна, ја имаме публиката која се смее на проблемот. И тоа, на еден начин, е целта која сакав да ја постигнам. Во однос на третманот на актерската игра, она што јас го презирам во македонскиот театар се две работи: едната е патетиката, од која ние не можеме да избегаме, а втората е глумата на преигрувањето. Во мојата работа бегам од овие две работи. Јас секогаш велев дека ова е некој модерен Чехов. Колку и да ви изгледа како водвиљ, јас постојано велев дека кога Чехов би пишувал, би пишувал нешто од овој тип. Ова така го гледам, како еден модерен Чехов и како еден исечок од животот кој е многу важен. Тоа е нешто како кога би се отвориле „црните кутии“ и би излегло на површината. Со тоа и понатаму се потенцира лицемерието во современиот свет, го кријат под површината, а тие остануваат само фасада. Што се однесува до тркалезните маси, можеби треба да се размисли што е поадекватно – дали да се држат сабајле, кога впечатоците ќе легнат, па може да се дискутира на еден поинаков начин. Сакам да го поздравам враќањето на тркалезните маси и да кажам „Фала Богу“, бидејќи откако бев студент па досега, а веќе сум десетина години завршена, мислам дека во ниеден период не сум затекнала тркалезна маса и враќањето е за голем поздрав.

Ана Стојаноска, театролог, водител на тркалезната маса:
-Јас истото тоа сакав да го споменам тоа околу контекстот.  Многу е важно каде се игра сето ова. Друго е кога се игра на Запад, друго кога се игра кај нас. Мене ми се одлични реакциите на публиката, точно ми го прикажуваат тоа, не за вашата претстава, туку каде сме и што правиме во моментот. Многу  ми е интересна вашата актерска игра во сето тоа. Да, тоа е филм, сценарио, меѓутоа јас секогаш имам задршка кога се работи за адаптација на филмско сценарио во театарот. Но, имам впечаток дека овде, токму поради таа непретенциозност, која ја има во текстот и посебно моќната актерска игра. Секој од вас игра точно, прецизно, одмерено, без непотребно нагласување.

Слободан Беличански, посетител на МТФ „Војдан Чернодрински“:
-Вечерашнава претстава, и атмосферата, се разбира, ги доживеав како еден вид горчлива комедија. И од вечерва па натаму, не е лошо секој од нас да ѕирне во својот мобилен, па да види колку мрачни и светли, непријатни и пријатни тајни се сместени во него. А не ќе е лошо да ѕирнеме и во душата, па да видиме какви сѐ тајни во неа се кријат. Благодарам, а искажувам задоволство не само од вечерва, туку од почеток, затоа што овие разговори добија своја регионална димензија.

Андреј Богатиноски, филозофија и етика на технологијата:
Би сакал да се осврнам на прашањето на технологијата која ја претставува претставата. Во етиката на технологијата постои, посебно во современиве научни конвенции, и се застапува еден став дека секоја технологија претставува само инструмент и секој обид за идентификување на проблемот во иден иструмент е само префрлање на топката на вината од самиот, вистински проблем, а тоа е компетентноста и карактерот на самата личност. Обидот да се наметне ставот дека телефоните, компјутерите, или кој било друг инструмент се повод за алиенација или средство за отуѓување не само од себеси, туку и од другите луѓе, е само изговор од соочувањето со вистинските проблеми, а тоа е секоја поединечна личност која тој инструмент го користи на таков начин. Сите воие технолошки напредоци кои експоненцијално растат во 21-иот век, несомнено имаат многу големи предности. И доколку тие предности се искористат на современ и совесен начин, тогаш не би зборувале за проблемот на технологијата. Ако претставата се постави пред 100-150 години, овој проблем би го имале со писма. Бидејќи проблемите на изневерувањето и моногамсктово постоеле одамна, без разлика на иснтрументот кој ги обелоденува. Вината е кај личностите кои не може да се носат со себе си. Ви благодарам за претставата.

Никола Дугоски, посетител на МТФ „Војдан Чернодрински“:
-Претставата ја доживеав со голема леснотија, барем кај мене предизвика огромна леснотија. Немав никакво чувство на тежина, токму како гледач да се релаксирам и да се опуштам. И најмногу што ми се допадна, е што гледав една хомогеност како ансамбл, една сплотеност, без никакво истакнување, а сепак тоа ми пренесуваше една огромна емпатија. Да бидам присутен во претставата и да сочувствувам со секој од ликовите. А, за телефоните и за ‘црната кутија’, баба ми имаше еден соодветен израз, викаше ‘ѓаволско вражуле’, онака на прилепски. И сега, дојдов до размислувањето, поточно до прашањето: Дали тоа што го носиме во нас на еден начин го проектираме во телефоните, и тоа го симнува тој капацитет на држење на работите во себе? Бидејќи моите разговори, моите интимности, моите несоочувања се во телефонот, веднаш имам еден чекор наназад. Добро, тие не се во мене, во телефонот се и тоа ја олеснува ситуацијата, иако доаѓа ситуација да се соочиме со тоа што сме или со тоа што поминало.

Александар Милосављевиќ, театарски тритичар од Србија за македонскиот театар:
На фестивалот, по подолго време, имав прилика дво континуитет да гледам претстави на Македонскиот театар. Имав прилика и да учествувам во овие разговори на тркалезната маса, а никој не барал од мене да говорам, па приликата ја дожиувеав како некој кој доаѓа одстрана и не е вовлечен во инфраструктурата на театарскиот живот, со привилегија на растоварен да ги гледам сите претстави. Благодарност до уметничкиот директор Катарина Коцевска што ми овозможи д ауживам во претставите. Ги видов осумте претстави и имам впечаток дека уметничката директорка сакала да ја покаже таа слоевитост и разноликотста на претставите кои го сочинуваат корпусот на Македонскиот театар во овој момент. не навлегувам во тоа дали се одбрани најдобрите или некоја подобра изостанала од Фестивалот, но видов и големи сценски спектакли, видов и камерни претстави, видов политички театар во буквалната смисла на зборот, но и политички театар завиен со сериозна естетика и со сериозен режисерско-драматуршки пристап. Видов широк дијапазон на актерски и режисерски остварувања, резултат на студиозна театарска работа, видов сериозна игра на ансамбл, што и да значи тоа, видов како актерите „дишат“ едни со други. Од сето ова видов сериозно богат театар. Сакам да ви кажам дека имате сериозна театарска ситуација. Ова на фестивалот е тков репрезентативен исечок, зашто ги разноликоста на театарската широчина и длабочина. И ви честитам.

Ана Стојаноска, театролог, водител на тркалезната маса:
-Ова е добар показател кога имате многумина од публиката што сакаат да кажат. Тоае знак за претставата, за комуникативноста на претставата. Бидејќи морам јас да го соопштам резултатот од гласањето на публиката.
Вашата претстава доби оцена 4,65 што е исклучително висока оцена.

Елизабета Ангелеска Атанасоска

Претставата „Три сестри“ во Турски театар-Скопје

премиерата бидна на 21 овој месец. а реперизта се случи  23.06.2019 г. (недела) 

Турски театар-Скопје на сцената на Театар Комедија премиерно ќе ја изведе „Три сестри“  по мотиви од  драмата на Антон П. Чехов, во адаптација и режија на Васил Христов, кому ова му е трета соработка со овој ансамбл во изминатите 25 години.

На почетокот на 1990-тите Христов  во Турски театар ја постави „Тетовирани души“, а во 2009-та – „Будење на пролетта“ која имаше само една изведба на тогашниот фестивал „Скопско лето“.

-Се надевам дека ова ќе биде трета среќа и дека оваа претстава ќе има живот. Ансамблот е сега подмладен, театарот има нова управа, прекрасни желби и идеи како да се развива Турски театар понатаму. Кон таа смисла води и оваа претставата. Се правеше со голема желба и емоција да се влезе подлабоко и поискрено во театарот како уметност, да говориме со искрен театарски јазик, меѓутоа поединечно, а не како народ, толпа, народности или како мацинства во Македонија.  Не, туку секој за себе, бидејќи сите се наоѓаме во истиот кош. „Три сестри“ е рефлексија на секој поединец во општеството – човек кој сака да избега од себе и никогаш не може, сите му се криви, освен тој самиот, рече Христов денеска на прес-конференција.

Додаде дека со изборот на текстот „Три сестри“ си задал себеси тежок товар затоа што, рече, Чехов уште од студентските денови не му е најмил автор и смета дека стилски е надминат одамна. Одбивноста кон Чехов, како што рече, ја чувствува уште од детството кога во семејниот дом слушал за тоа како се работи Чехов.

-Од Станиславски па наваму, сè е Чехов и секој има начин како тој модерно се работи. И поради тоа цел живот, веројатно, имам одбивност да се соочам со Чехов, рече Христов.

Меѓу актерите во претставата е и Наџи Шабан кој ќе го игра ликот Татко. По 11 години се враќа на сцената, зашто од 2008 година не добивал улоги  во  матичниот театар. Не навлегувајќи во причините поради кои претходното раководство не го ангажирало во претстави, Шабан, кој до 2007 и самиот беше директор на Турски театар-Скопје, рече е задоволен од процесот на подготовка и соработката со режисерот и колегите.

-Не дека обвинувам некого, но сакам да кажам дека мене ме зафати бранот на претходниот систем и ме отфрли накаде. Изгледа преживеав благодарение на театарот, режисерот и раководството кои ме сместија во оваа претстава во која добивам улога на Татко кој во текстот го нема. Јас сум, пред сè, актер, тоа е мојата професија и многу сум радосен што по долго време успеав да настапам,  сега и со млада генерација актери, рече Шабан, оставајќи за претставата да се зборува откако ќе биде видена.

Покрај него, во актерската екипа се и Емине Халил, Ерман Шабан,  Жале Османли, Инес Радончиќ, Јеткин Сезаир, Неат Али, Селпи Керим, Сузан Акбелге и Џенап Самет.  Режисерот Васил Христов е и сценограф на претставата и ја избрал музиката, а костимите ги изработи  Роза Трајчевска-Ристовска.

„Три сестри“ ќе биде втора премиера на Турски театар-Скопје во 2019-та, по „Јунаци од бајките и Црвенкапа“ која ја изведе во март, а до крајот на годинава ќе има уште две премиер

7-ми пат епско патување во Битола на Интернационалниот Шекспир Фестивал

Од 23-ти до 28-ми јуни, Шекспир живее во Битола. Ова се фотографии од денешната прес конференција на која пред присутните новинари зборуваа директорот Иван Јерчиќ и уметничкиот раководител Илина Чоревска.
Во официјалната програма најавени се 6 театарски претстави, од 5 држави.
Во офф програмата ќе има промоција на книга, работилница за деца, настап на аматерска театарска група, настап на студенти идни актери, дебатно кино со проекција на филм и секој вечер афтер парти со познати бендови и ДЏ-и.
Ве очекуваме низ целото фестивалско возење на фестивалот кој годинава го има мотото “…И на крајот вистината ќе се дознае…”

23.06.2019 НЕДЕЛА

20:00 ч
ГОЛЕМА СЦЕНА НУ НТБ
ХНК СПЛИТ- ХРВАТСКА
„КРОТЕЊЕТО НА ФУРИЈАТА”
Режија: ИВАН ПЛАЗИБАТ

24.06.2019 ПОНЕДЕЛНИК

10:00 ч
ФОАЈЕ НА НУ НТБ
РАБОТИЛНИЦА ЗА ДЕЦА
„ИЗМИСЛИ ГО ШЕКСПИР”
Модератор: БИЛЈАНА КРАЈЧЕВСКА, драматург
Шминкер: САШО МАРТИНОВСКИ

20:00 ч
ГОЛЕМА СЦЕНА НУ НТБ
IMPERFECT DANCERS COMPANY- ИТАЛИЈА
„ЛЕЈДИ МАКБЕТ”
Режија : ВОЛТЕР МАТЕИНИ И ИНА БРОЕК

25.06.2019 ВТОРНИК

12:00 ч
НОВА СЦЕНА НУ НТБ
„I HATE SHAKESPEARE”
Драмска аматерска група Гимназија „Јосип Броз Тито”-Битола

20:00 ч
ГОЛЕМА СЦЕНА НУ НТБ
IMPERFECT DANCERS COMPANY – ИТАЛИЈА
„ХАМЛЕТ”
Режија: ВОЛТЕР МАТЕИНИ и ИНА БРОЕК

26.06.2019 СРЕДА

20:00 ч
ГОЛЕМА СЦЕНА НУ НТБ
NAVE 73 THEATRE – ШПАНИЈА
,,ЈУЛИЈА и ОФЕЛИЈА, ДОЖИВОТНИ САМОУБИСТВА’’
Рeжија: АРОН ЛОБАТО

22:00 ч
НОВА СЦЕНА НУ НТБ
,,ШЕКСПИРИЈАДА’’
Факултет за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје
Класа по актерска игра на проф. ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ
Асс. АНДРЕЈ ЦВЕТАНОВСКИ

27.06.2019 ЧЕТВРТОК

12:00 ч
ФОАЈЕ НА НУ НТБ
Промоција на книгата,,ЗА МИЛОСТА РАЗМИСЛУВАЊА НА ШЕКСПИР’’ од ПИТЕР БРУК
Преведувач и издавач ДАРКО ЈАН СПАСОВ
Модератор БИЛЈАНА КРАЈЧЕВСКА, драматург

19.00 ч
МАЛА САЛА НУ ЦКБ
Проекција на КРВАВИОТ ПРЕСТОЛ (1957)
РЕЖИЈА AКИРА КУРОСАВА
Дебатно кино ,,Контра кадар’’ – Битола

20:00 ч
ГОЛЕМА СЦЕНА НУ НТБ
ARADI KAMARASZINAHAZ THEATRE COMPANY, ARAD – ROMANIA
THE CLASSICAL THEATRE “IOAN SLAVICI”, ARAD – ROMANIA
SHAKESPEARE FESTIVAL – GYULA CASTEL THEATRE

,,РОЗЕНКРАЦ И ГИЛДЕНСТЕРН СЕ МРТВИ’’
Рeжија: ТАПАСТО ЕРНО

28.06.2019 ПЕТОК
20:00 ч
ГОЛЕМА СЦЕНА НУ НТБ
ДРАМСКИ ТЕАТАР, СКОПЈЕ – РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
,,КРАЛ ИБИ’’
Режија: ВАСИЛ ХРИСТОВ

5 до 12, марамчиња за плачење!

Црвеана завеса. Точно го одслика овогодинешниот плакат на овогодинешниот “ Војдан Чернодриснки„ како некој однапред да има шепнал на креаторите при одбирањето на плакото, за она што го чека гледачот.

По 54 пат на МТФ, ја расплака црвената плишана завеса од тага, и со по некоја солза радосница. Некои напред, а некои позади. Застанаа нашите актери, режисери, осветлувачи, испиценти, тонски мајстори …

Секој со својот ансамбл си го донесе својот багаж, со се она што го сработил. Имаше што да се погледне оваа година, но, мислам дека само три претстави го заслужуваа она мото, кое за цело време не следеше на овој фестивал:

 „Ова е наше време, време за Театар„

Секогаш е време за Театар, секогаш сме сега и овде, односно во и на осумте фестивалски денови во Прилеп.

Мојот внатрешен инстинкт кој години наназад, не ме лаже за она што е во мометов актуелно, го потврдија претставите како „ Животинска фарма„ на Струмички театар, која зборува за проблемот овде и сега, во фармава во која сите ние „претаме“ како давеници во кал и смрдеа, отрови и ГМО … а да не говорам дека, кој и како не води, секој кој ја има прочитано книгата или гледано оваа престава барем еднаш, тоа сигурно го знае.

Втора претстава која соодвествува со мотото на фестивалот е  “ Странци“ на Драмски театар – Скопје, која е токму тоа сега и овде. Живот кој во модерниот „ај – фон„ свет фамилијарен, пријателски  полека се јаде и руши, при една пријателска средба . Почеток на една навидум едноставна игра… Низ која сите ние секој ден, или, барем еднаш сме се нашле во нашите животи.

Криенка “ај – фон“ –  миженка, пу пу те видов, те фатив жив …

Секако, претставата “ Пиреј „ си имаше точно место во овој контекст, од аспект на тоа што денес се случува, втемелено во една реплика:

 „ Која е и како се вика оваа земја ?!„

Е, тоа ни се случува СЕГА И ОВДЕ! Затоа, поборник сум на идеата секогаш да има барем една ваква драма која говори за корените…Потврдата што го оправда нејзиното присуство годинава на фестивалот. Се и наградите за Марија Спиркоска Илијеска – Велика и  Александар Степанулески – Јон, заедно со наградата за музика од Димитар Андоновски.

Лауреата е претставата на Битолски театар “ Бакхи – краток распад на историјата“…

Искрено, бидејќи, не ја гледав, мојот желудник не ги вари ваквите претстави, но,  според она што се говореше меѓу публиката на тркалезните маси, ме направи среќна што не ни влегов.Ништо не ми значи  пристапот, на вулгарноста вадењето на своите гинеталии пред публиката, што денес се нарекува модерен театар!

Сигурно ваквите претстави си имаат свој публика, но, не МТФ „ Војдан Чернодрински„!

Благодарам на сите што се потрудивте и оваа година, а се надевам до година ќе бидеме помудри и нема да си ја распараме внатрешна завеса и нема да не одвратите од одењето во театар. До следното дружење!

Гледачот

ЗАВЕСА И КРАЈ НА 54.МТФ ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ

МОДЕРНОТО ГО ЗАСЕНИ ТЕАТАРОТ!

Секој крај е и нов почеток…Ако се суди по крајот на  годинешниов МТФ “Војдан Чернодриннски, модерното го “ засени “ Театарот! Ќе живееме модерно, (не)ќе се сеќааме на традиционалното, УБАВОТО!

Ако е по уметничко- народната, тогаш, што ќе си посееме, тоа и ќе си жнееме, или по модерното, што живееме, тоа ќе преживееме, (кој-како) па  и доживееме, така, го добивме годинешниов победник, во име на модерното, наспроти назадното!

За почеток, имаме победа на модерното, над традиционалното,односно, на она што поголо, макар  и неоправдано, толку по сегашно,толку понаградено….

СЕТО ОСТАНАТО ОСТАНА НАГАДЕНО!

Без намера за ничија деградација, сметам дека основната идеја дека Театарот живее по принципот “ЕДЕН ЗА ЕДЕН„ во односоот актер – публика, но, го изгубивме компасот топејќи се во времето- невреме!

АЈ, НЕКА НИ Е СО СРЕЌА, ПА ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ПРАВИМЕ ТЕАТАР!

БОРЧЕ ГРОЗДАНОВ

Во 12.05 пристигна одлуката за наградите на 54 МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ” ПРИЛЕП

ОЦЕНУВАЧКАТА КОМИСИЈА НА 54-ОТ МАКЕДОНСКИ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ” ПРИЛЕП, ВО СОСТАВ БЕДИЈА БЕГОВСКА -ПРЕТСЕДАТЕЛ И ЧЛЕНОВИТЕ ЉИЉАНА БОГОЈЕВИЌ И МАЈА ВЕЉКОВИЌ ПАНОВСКА ГИ ДОДЕЛУВА СЛЕДНИТЕ НАГРАДИ:

1.НАГРАДА ЗА РЕКЛАМЕН МАТЕРИЈАЛ СЕ ДОДЕЛУВА НА НГАДЊИМ МЕХМЕТИ ЗА РЕКЛАМНИОТ МАТЕРИЈАЛ ОД ПРЕТСТАВАТА СМРТТА НА ДАНТОН ВО ИЗВЕДБА НА АЛБАНСКИОТ ТЕАТАР ОД СКОПЈЕ

2.НАГРАДА ЗА КОРЕОГРАФИЈА И СЦЕНСКИ ДВИЖЕЊА СЕ ДОДЕЛУВА НА ЃЕРЃ ПРЕВАЗИ ЗА КОРЕОГРАФИЈА И СЦЕНСКИ ДВИЖЕЊА ВО ПРЕТСТАВАТА СМРТТА НА ДАНТОН ВО ИЗВЕДБА НА АЛБАНСКИОТ ТЕАТАР ОД СКОПЈЕ

3.НАГАРАДА ЗА МУЗИКА СЕ ДОДЕЛУВА НА ДИМИТАР АНДОНОВСКИ ЗА МУЗИКАТА ВО ПРЕТСТАВАТА ПИРЕЈ НА ТЕАТАРОТ ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ ПРИЛЕП И МУЗИКАТА ВО ПРЕТСТАВАТА НА ОТВОРЕНО НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА ОД СКОПЈЕ

4.НАГРАДА ЗА КОСТИМОГРАФИЈА СЕ ДОДЕЛУВА НА РОЗЕ ТРАЈЧЕВСКА РИСТОВСКА ЗА КОСТИМИТЕ ВО ПРЕТСТАВАТА МАКБЕТ НА МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР СКОПЈЕ

5.НАГРАДА ЗА СЦЕНОГРАФИЈА СЕ ДОДЕЛУВА НА КОСТАТИН ТРПЕНОВСКИ ЗА СЦЕНОГРАФИЈАТА ВО ПРЕТСТАВАТА МАКБЕТ ВО ИЗВЕДБА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР СКОПЈЕ

6.НАГРАДА ЗА СОВРЕМЕНА СЦЕНСКА ДРАМАТИЗАЦИЈА СЕ ДОДЕЛУВА НА ЉУПЧО ЃОРЃИЕВСКИ ЗА ДРАМАТИЗАЦИЈА И АДАПТАЦИЈА НА ЖИВОТИНСКА ФАРМА ОД ЏОРЏ ОРВЕЛ ВО ИЗВЕДБА НА ТЕАТАРОТ АНТОН ПАНОВ ОД СТРУМИЦА

7.НАГРАДАТА ЗА ТЕКСТ НЕ СЕ ДОДЕЛУВА

8.НАГРАДА ЗА МЛАД АКТЕР “Трајко Чоревски ” СЕ ДОДЕЛУВА НА ТОНИ ДЕНКОВСКИ ЗА УЛОГАТА НА ГОРНИОТ ВО ПРЕТСТАВАТА НА ОТВОРЕНО А ВО ИЗВЕДБА НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА ОД СКОПЈЕ

9.НАГРАДА ЗА МЛАДА АКТЕРКА СЕ ДОДЕЛУВА НА СИМОНА ДИМКОВСКА ЗА ЛИКОВИТЕ ВО ПРЕТСТАВАТА ФИЗИКА НА ТАГАТА, А ВО ИЗВЕДБА НА ТЕАТАРОТ ОД КУМАНОВО

10.НАГРАДА ЗА ЖЕНСКА ЕПИЗОДНА УЛОГА СЕ ДОДЕЛУВА НА БИЉАНА ДРАГИЌЕВИЌ ПРОЈКОВСКА ЗА УЛОГАТА КАРЛОТА ВО ПРЕТСТАВАТА СТРАНЦИ ВО ИЗВЕДБА НА ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ОД СКОПЈЕ

11.НАГРАДА ЗА МАШКА ЕПИЗОДНА УЛОГА“Димче Трајковски” СЕ ДОДЕЛУВА НА ГЗИМ ЖЕРКО ЗА УЛОГАТА СЕН -ЖИСТ ВО ПРЕТСТАВАТА СМРТТА НА ДАНТОН ВО ИЗВЕДБА НА АЛБАНСКИОТ ТЕАТАР ОД СКОПЈЕ

12,НАГРАДА ЗА ГЛАВНА ЖЕНСКА УЛОГА СЕ ДОДЕЛУВА НА
МАРИЈА СПИРКОСКА ИЛИЈЕСКИ ЗА УЛОГАТА НА ВЕЛИКА МЕГЛЕНОСКА ВО ПРЕТСТАВАТА ПИРЕЈ ВО ИЗВЕДБА НА ТЕАТАРОТ ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ ОД ПРИЛЕП

13.НАГРАДА ЗА ГЛАВНА МАШКА УЛОГА СЕ ДОДЕЛУВА НА :
АЛЕКСАНДАР СТЕПАНУЛЕСКИ ЗА УЛОГАТА НА ЈОН МЕГЛЕНОСКИ ВО ПРЕТСТАВАТА ПИРЕЈ ВО ИЗВЕДБА НА ТЕАТАРОТ ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ ОД ПРИЛЕП

14.НАГРАДА ЗА РЕЖИЈА СЕ ДОДЕЛУВА НА ИГОР ВУК ТОРБИЦА ЗА ПРЕТСТАВАТА БАКХИ – КРАТОК РАСПАД НА ИСТОРИЈАТА ВО ИЗВЕДБА НА НАРОДНИОТ ТЕАТАР ОД БИТОЛА

15.НАГРАДАТА ЗА УМЕТНИЧКО ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРЕТСТАВА ВО ЦЕЛИНА И СЕ ДОДЕЛУВА НА ПРЕТСТАВАТА БАКХИ – КРАТОК РАСПАД НА ИСТОРИЈАТА ВО РЕЖИЈА НА ИГОР ВУК ТОРБИЦА А ВО ИЗВЕДБА НА НАРОДНИОТ ТЕАТАР ОД БИТОЛА

ПРИЛЕП 15 ЈУНИ 2019ГОД.

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОЦЕНУВАЧКА КОМИСИЈА
1.Бедија Беговска

ЧЛЕНОВИ
2. Љиљана Богојевиќ _

                  3. Маја Вељковиќ      

НАЈОБЈЕКТИВНО ГЛЕДАНО, НАЈДОБРО ДОСЕГА!

Љупче Петрески

Вечерва, на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“, се одигра претставата „Пиреј“, драматизација на истоимениот роман (втората Библија на македонскиот народ) на Петре М. Андреески, во изведба на одличниот прилепски театарски ансамбл.
Втор пат ја гледам оваа претстава и, по втор пат просолзеа моиве очи … над судбината на македонскиот народ. Впрочем, речиси сите во публиката, пуштија по некоја солза. Претстава со емотивен набој, која предизвика силна емпатија кај публиката. Не се сеќавам кога последен пат, во изминативе две децении, некоја претстава „измамила“ толку многу солзи. 
Не можам а да не направам паралела: Македонецот во бурните времиња на Првата Светска војна – македонецот во денешните бурни времиња.
Тогаш се борел за државност и докажување на својот идентитет – ништо не е поразлично и денес.
Во тие времиња кој како стигнел не прекрстувал: срби, бугари, грци! Но, бидејќи „пиреј“, не успеале да не’ искорнат, и сме останале Македонци.
Денес, успеавме да го направиме тоа што тие, србите, бугарите и грците, не успеаја. Ги „надмудривме“. Сами се прекрстивме!
Прекрасна претстава. Одлична музика. Сцена да „ѕвони“. Фантастична глума на сите актери. Марија Спиркоска и Александар Степанулески импресивно ја „носеа“ претставата. Честитки за сите актери, односно до целиот колектив на претставата. 
Најобјективно гледано, најдобро досега!

Tркалезна маса со екипата на „Пиреј“

НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп

„Пиреј“ од Петре М. Андреевски

Режија: Љупчо Ѓорѓиевски

Играат: Марија Спиркоска Илијеска, Александар Степанулески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Даниела Иваноска, Андон Јованоски, Виолета Чакарова, Димитар Вандески, Цветанка Чавлеска, Димитар Ѓорѓиевски, Илија Волчески, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Александар Тодески, Виктор Мирчески, Давид Папазоски. Деца: Даниел Трајкоски, Фросина Богеска, Андреј Димитриовски, Надица Ѓорѓиоска, Илин Ристески, Илина Стефаноска, Александар Ристески, Георгина Апостолоска

Ана Стојановска, театролог, модератор на тркалезната маса:
-Суптилната сценографија и нејзината слика, која се менуваше во текот на претставата, знаев дека, и режисерот и сценографот, решиле во просторот, кој е толку многу интимен, да не постават на еден сензитивен начин кој се затвори на самиот крај на претставата со ѕвончињата што децата ги поместуваа. Во еден театар има секогаш многу симболика, можете да ја читате и да ја препознаете. Во тој простор е мошне впечатиливо дека е сè оставено на актерската игра. Тоа го кажав и пред некој ден, кога зборувавме за една од претставите дека не е важно колку е моќен театарот технички, туку колку актерите знаат да ја направат претставата.

Во овој текст, кој сите, барем еднаш сме го прочитале, приказната е паралелно поставена, како што знаете, на машката и на женската страна. И во овој случај, режисерот успеал во драматизацијата и со помош на актерите да го спои тие две приказни, да се испреплетат на неколку планови, при тоа внимавајќи дали ќе излезе надвор од контролата, таа сила на емоција. Бидејќи сите знаеме колку е силна емоцијата, посебно приказната на Велика и нејзиниот однос кон сопствениот маж, најмногу кон децата, излегува на површината.  Сакам да ја нагласам таа моќ и на режисерот и на актерите во портретирањето на тие епизоди. Како да се правеа директни актерски портрети на ликовите. Зошто „Пиреј“? Меѓутоа овој текст е толку многу моќен, што се разбира дека  е поставен така како што треба и тука нема потреба да даваме други одговори, затоа што е „Пиреј“. Е,сега, за двајцата актери Велика и Јон. Мене секогаш ме вознемирува тој лик на Велика, бидејќи јас сум мајка и токму тој однос кон децата, се плашев дека ќе заминеме некаде многу далеку во патетика. Меѓутоа, моќта на Марија како актерка, во нејзината изведба, барем тоа јас така го гледав, толку суптилно ја нивелираше таа патетика, така што ни самата не си дозволи, потоа и нам, да се расплива во сето тоа. Наспроти таа нејзина суптилност, излезе експресијата на Александар, дури јас не мислам дека пречеше, затоа што јас тоа го читам како машкиот принцип во приказната, рече Стојаноска, додавајќи дека токму разговорите на тркалезната маса се една можност публиката да се сретне со своите актери, со учесниците во претставата.

Сашо Димовски, театролог, драматург, драмски автор:
Во сценската семантика односно аудиовизуелното толкување на претставата, лоцирам еден проблем. Сметам дека костимографот и сценографот се разбрале и се сретнале совршено само на местата каде што се појавува бајачката, каде што тој ритуален театар доаѓа до својот полн израз. А, лоцирам еден проблем во драматургијата на претставата, односно во адаптацијата на романот, поради начинот на кој се чувствува таа силна литерарност, тоа е сепак роман, не можеме да му избегаме сосем на жанрот. Меѓутоа сметам дека требаше да се поработи на малку подиректни реплики, кои ќе ја исчистеа таа литерација која беше мошне видлива во претставата. Вториот план во актерската игра на места беше некохерентен за разлика од оној прв кој водеше, оној втор сметам дека требаше на места да биде постегнат, погуст, со поизразени синхрони. Моите комплименти одат за двата насловни лика во романот, за Јон и за Велика, и сметам дека Александар и Марија покажаа вонреден емоционален полнеж, кој го пласираа дозирано, кој навистина нè опи.

Љупчо Ѓоргиевски, режисер на претставата „Пиреј“:
-Мислев дека една ваква режисерска поставка најмногу ќе одговара врз тој материјал, а да не извршам никакво силување на тој материјал. За разлика од „Животниска фарма“, каде работите се многу поотворени, и каде имаше можност и за поголеми драматуршки интервенции и за поинаков вид на израз, режисерски ракопис. Луѓето што ја следат мојата работа, знаат дека „Пиреј“ повеќе лежи на мојата естетика од овој тип, отколку, да речеме, „Животинската фарма“. Поретко правам таков вид изведби. Овојпат за „Пиреј“ се одлучив вака, затоа што сметав дека навистина какво било друго естетско, како режисерска постапка внатре, дека ќе извршев некакво насилие. Мене таа изведба на претставата од 1982 година сѐ уште ми одѕвонува во ушите, тоа е некаков внатрешен код, од кој тешко човек може да се ослободи и т.н. и се определив за еден многу едноставен театарски јазик. Се грижев што повеќе може да се избега од наративното, дескриптивното и т.н., макар што не може до крај. Во романот има многу мал активен дијалог, добар дел во драматуршката интервенција е наративен дел, но тоа е неопходно за да оди приказната и на оној што ќе седне да му биде јасно што се случило од почетокот. И точно наликува малку, има една епска димензија, многу настани, многу сцени се кратки 3 минути … кои се неопходни за да стане јасно што се случило. И сметав дека не е потребно ништо друго дополнително, затоа што „Пиреј“ е опстојот и ми се чинеше дека опстојот е многу живо актуелен во нашето секојдневие, во стварноста и мислам дека и ден-денес сѐ уште се бориме.

Иван Додовски, професор, театарски критичар:
-Целата сценска литература, вклучително и целата драмска литература е напишана на две теми: ерос и танатос. Тоа го вели Ролан Бард. Меѓутоа во што е разликата на секое време, нова генерација, на секој нов автор? Како да се раскаже истата приказна? И доаѓајќи да ја гледам претставата се прашував на кој начин може денеска да се драматизира големиот наратив на „Пиреј-от“,во кој котекст? Ова не е 1957, 1967 година, не се 80-ите кога се играла првата верзија … Основното прашање е како денес, по толку децении, по сите промени глобални и локални, да се пристапи кон големиот наратив за македонизмот? Тоа не значи дека тој станал неактуелен, јас не го кажувам тоа, но денес мора да се најде клучот таа приказна поинаку да се раскаже. Вака како што е поставена претставата јас не најдов поинаков клуч на таа претстава, зборувам драматуршки. Има новина. Таа е на планот на визуелното. И тука можеме да зборуваме за таа симболика, и како тоа убаво функционира за око, но тие две нешта за мене, се разминуваат во оваа претстава. Што се однесува  на актерската игра, јас сум навистина импресиониран од актерите кои ги играат тие два главни лика, Јон и Велика. Прво, Велика треба пет пати да одигра губење на чедо. Е, тоа е голем предизвик за секој актер, да не го повторите тоа и да не го доведете до баналност, сеедно што е бескрајно трагично и допира до публиката и што со секое ново умирање има ново сострадание.Тука, актерката навистина успеала да најде клуч, да ја одигра таа промена, таа загуба на децата, тоа гаснење на нејзините малечки. Истото се однесува по контраст на Јон. Бев изненаден со каква точност го пласира сценскиот говор, извонредно, прецизно, силно. Мислам дека она што го нашол за да го извлече ликот од замките што ги споменав, а ги има, дури и мизансценски се повторуваат воените сцени, е хуморот. Меѓутоа, тоа не е хумор потсмев или една иронија, која е на прва топка, туку е воздржан и се појавува доволно, колку за да го измести ликот од замката да падне во патетиката на болката, страдањето, на протестот, на себепрезирот и слично. Мислам дека тој тандем ја носи енергијата на претставата и помалку или повеќе и другите се приклучуваат кон тоа.

Јована Ѓорѓиовска, театарски критичар на Гледај.МК:
-Многу ми се допаднаа четирите различни планови на сценографијата на кои се играат различните временски нишки и локации. Исто така, сцените со бајачката јас лично ги доживеав како најмоќни и најефективни. Мислам дека тој дел не ми бил толку важен кога сум го читала романот, но сега, при гледањето на претставата тоа се моментите кои што најмногу ми оставија впечаток.

Слободан Беличански, вљубеник во театарската уметност:
-Оваа претстава, според мене, може да биде одличен пример како може театарот да комуницира со националното книжевно наследство. Романот „Пиреј“ стана класика уште за време на животот на Петре М. Андреевски и еве сега, пак, се сретнаа по вторпат. Ја споменувам некогашната култна претстава на Битолскиот театар, една извонредна претстава. Сега, пак, имаме чувство дека се достигнал врвот во сите елементи на претставата, со еден ансамбл кој со години гради подеднакво чувство за поединечна и за колективна игра, каде се споиле убавото текстуално со убавото визуелно. Во секој гледач се буди она што се вика емпатија, чувство на сорадост и сострадание. Повеќе ова второто, затоа што се случува сѐ во времето на „Големата војна“, на Првата светска војна. Оваа претстава не порачува омраза и одмазда, туку е претстава која нуди љубов и бара мир меѓу балканските и сите други народи. И уште еден момент: таа сеприсутна игра помеѓу трагичното и радосното, меѓу смртта и животот, меѓу темното и светлото, во завршницата се чини дека надвладеало светлото. И токму тоа светло, споено со жолтилото на македонската сончевина присутно во сценографијата и во рефлекторската интервенција, кажува дека има надеж и за овој народ и поука за сите народи во најблиската и најдалечната историја. Поука, да не се повторат нашите и туѓите трагични искуства. Претстава во која сите актери, а посебно носечките, го досегнаа врвот, вложувајќи сѐ од себе – од телесна, духовна и душевна енергија“.

Борче Грозданов, театарски критичар, Театарче.мк:
„Таква суптилност и ненаметлива внатрешна игра каква што имаше кај Велика, алијас Марија и на моменти малку понагласена, но сепак на место кај Александар, одамна немам видено. Во однос на пливањето низ ‘морето пирејско’, односно низ неоткорнатиот корен што не можеме да го откорнеме колку и да сакаме, што Бубе (Љупчо Ѓорѓиевски н.з.) го направил маестрално. Во народните сцени, односно боичните сцени, како да се претрчуваа за мене многу битни реченици на мудроста од Лазор Ночески . Тоа е всушност коренот на пирејот, тоа е нашата мудрост. Некои реплики воопшто не ги чув од прегласната музика, особено на почетокот од војничните сцени Трпче (Игор Трпчески н.з.) воопшто не го слушнав. Во секој случај, ми фалеше малку динамика во воените сцени. Прекрасните 5 ‘ѕвезди’, вие имате 5 нови прилепски ‘ѕвезди’. Тоа се децата, сите до едно беа одлични и немерливо незаборавни. Темата беше ‘зошто Пиреј?’, што кулоарски, што вака јавно. Затоа што ‘Пиреј’ е нашата вечна тема, затоа што ‘Пиреј’ е нашиот корен, затоа што пирејот не треба да го негуваме, но не треба со сила да го газиме“.

Милан Пиркел, театарски критичар од Словенија:
„Ќе кажам нешто што многу ќе ве изненади. Во перцепцијата на алтернативците и критичарите во Словенија, веројатно најпознатиот македонски театар, е прилепскиот театар. Тоа што во свеста на словенечкиот театар го направи Мартин Кочоски на ‘Ex Ponto’ со ‘Тапани во ноќта’, ‘Кавкаски круг со креда’ , тоа и сега се памети во Словенија. Во Словенија се зборуваше дека е тоа првиот ‘физички’ театар од подрачјето на поранешната Југославија кој дошол во Словенија, и дека тоа словенечките актери сигурно никогаш не би го направиле. Вие правевте сцена, што словенечкиот актер никогаш не би го правел, за тоа постојат сценските работници. Но, да го оставиме сега тоа настрана. Вечерва, анасамблот извонреден, сите честитки за носителите на главните улоги, но и за колективната игра“.

Мартин Наумоски, професор по македонски јазик во средно училиште:
„Сакам да дадам за ова претстава од еден друг аспект. Предавам македонски во едно средно училиште тука во Прилеп и, нормално, го работиме ‘Пиреј’ со младите деца, со средношколци на возраст од 17-18 години. Од оние кои што ја сакаат литературата и го сакаат театарот, можам да кажам дека 99 отсто дојдоа и ја гледаа претставата. Со сите нив користевме часови да зборуваме за претставата и таа длабоко допре до нив. Нормално, тргнувајќи од текстот, преку актерите, музиката, сценографијата, костимографијата и сл. Го кажувам ова затоа што сакам да знаете сите кои сте инволвирани во претставата, дека правите голема работа за младите деца, кои веројатно немаат исто детство или исти мисли како што ние сме ги имале порано. Сега е многу потешко да се допре со ваква претстава, со ваква тематика до денешната младина отколку што било тоа порано. Затоа, сите комплименти одат кон вас, кои сте инволвирани во претставата“.

Оцена од гласањето на публиката: 4,85

Куриозитет:
Вечерва во претставата на прилепскиот театар „Пиреј“, настапија двајца актери кои својот почеток го имале на вториот Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Станува збор за доајените на прилепскиот театар, актерите Димитар Вандески  и Трајче Иваноски, кои пред 52 години играле во претставата “Триста коли трње“, хумористичен колаж по текстови на прилепчанецот Миле Попоски, а во режија на Благоја Дамески.

Моника Талеска, Зоран Милошески
Фото: Оливер Ангелески

Tркалезна маса со екипата на „Смртта на Дантон“

НУ Албански театар – Скопје

„Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер

Режија: Дино Мустафиќ

Играат: Рефет Абази, Луран Ахмети, Гзим Жерка, Фисник Зеќири, Музбојдин Ќомали, Осман Ахмети, Хамди Рашиди, Генци Мирзо, Амернис Јованоска Нокшиќи, Аида Елези, Ментор Курти, Илир, Речи, Сокол Хајрулаи, Асдрен Селими, Тенвил – Босфорт идризи, барат Махмути, Ајше Усеини, Ариан Ејупи, Фатон Ибрахими, Кујтиме Ахмети, Таулант Дестани.

Од тркалезната маса на критиката за претставата „Смртта на Дантон“, по текст на Георг Бихнер, драматизација на Жељка Удовичиќ Плештина, а во режија на Дино Мустафиќ.

Ана Стојаноска, театролог, професор на ФДУ и писател (водител на тркалезната маса):
-Ова ми е еден од омилените драмски текстови, што воопшто сум ги прочитала. На неполни 22 години, германскиот автор Георг Бихнер ја напишал оваа драма, инспирирана од Француската револуција. Ова е текст кој сто и повеќе години е пред своето време и во него се вметнати елементи кои денес се многу актуелни и се поставува во светските театарски куќи, а се вика документарен театар. Благодарение на режисерот Дино Мустафиќ и на драматургот Жељка Удовичиќ Плештина, имавме можност да видиме една мошне импресивна и впечатлива претстава – „Смртта на Дантон “. Како што сите видовме, претставата имаше моќен вовед во кој Дантон во изведба на Рефет Абази, со црвена готварска капа на главата и со црвена престилка,  го најави целокупното дејство, не случајно симболично поставено со тој сатар со кој ја сече храната. Вообичаено, кога гледаме претстави на Дино Мустафиќ, секогаш има мноштво знаци кои треба да ги читаме и по сето тоа што сме го гледале, треба време тие знаци да се потсредат во главата. Истото го имав и со „Народен непријател“ и со редица други негови претстави. Особено, кога станува збор за таа музичка подршка, сите песни што ги слушнавме од  „Children of the revolution “, до „Rage against the machine“, „Bella ciao“, до „Nick Cave“ и редица други, сите тие истовремено говореа како што говорат и актерите во претставата. Така што, од ова мноштво на знаци, првото прашање што си го поставив себеси беше: Дали ова мноштво на знаци ни помага или ни одмогнува да ја следиме претставата и дава некаков фокус, означува некаде или, пак, нѐ остава сами да го доживееме целото тоа што го гледаме, со сите сетила, истовремено.  Деновиве дискутиравме како се говори на сцена, што е изговорено, што не дослушуваме, каде техниката ни помага или ни одмогнува. Но, конечно, видовме дека ништо од тоа не е важно кога имате добри актери на сцената. Кога има двајца водачи на таа револуција, едниот е смирениот, рационалниот, воздржаниот – Робеспјер, а другиот е побунтовниот, поекспресивниот – Дантон. Мислам дека е одлично што на таа вага двајцата се контрапункт еден на друг.

Јована Ѓорѓиовска, театарски критичар на Гледај.МК:
-Им честитам на сите актери за одличната гласовна изведба. Ова беше можеби најдобрата гласовна претстава што воопшто е направена во македонскиот театар. Уште еднаш, честитки !

Лилјана Мазова, театарски критичар:
-За мене ова е најдобрата претстава во Македонија. Ги обожуваш сите актери на сцената. Рефет е тука и тој ја води играта. Меѓутоа, сите се заедно, што е реткост. Обично, секој сака да игра сам за себе. Рефет има право да игра сам затоа што ја води играта. Но, тој им остава простор на другите, како што и сите други му помагаат нему или се насочуваат, го одбираат правецот што им го задал Дино Мустафиќ, а го спроведуваат заедно. Им честитам на сите, на целата екипа, на театарот, и посакувам да имаме што повеќе вакви претстави.

Крсте Џидров, сценограф:
-Од аспект на сценографијата, кога видов една проба, се прашав што ќе му прават на мостот, напред-назад, горе- долу, а потоа видов како функционира на премиерата. Вечерва, втор пат ја гледав претставата целосно и воопшто не ми пречеше што се случуваше на сцената, па мостот да мора да се поднаместува затоа што поентите беа добро смислени. Значи, лизгањето, паѓањето, кревањето, спуштањето… Тука се знаците. За мене ова е шизичка претстава со тие песни кои јас сум ги следел и ги следам. Ова делува како кратка верзија за тоа што треба да го знаеме за „Смртта на Дантон“. Претставата трае долго затоа што има содржина, текст, што има што да се научи. Овде го видов тоа што сме учеле за Дантон, Робеспјер, за Сен Жист. Тоа се приказните од гимназијата. Тоа е голема литература и историја и треба да се знаат некои работи. Овде ги имаме сублиматот, брзината, резовите, такви какви што треба да бидат. А, од аспект на музиката, секоја нумера не е случајна, не е за да се забавуваме.

Слободан Беличански, гледач:
-Лично, јас сум импресиониран од она што значеше равнотежа на односот во актерската игра помеѓу стожерните и другите ликови. Како колектив меѓусебно си помагаа, струеше охрабрувачката енергија на едните спрема другите. А, што се однесува до музичкиот материјал, тој јасно сугерираше дека оваа претстава не е посветена само на Француската револуција, туку и на сите подоцнежни револуции што следуваа по неа. А, на прашањето поставено во каталогот за претставата – Кога престанува една револуција? – би рекол, поттикнат од овој текст и од оваа изведба, дека таа престанува тогаш кога револуцијата започнува да ги јаде своите деца или уште поточно, тогаш кога децата на револуцијата почнуваат да се јадат помеѓу себе. Овој текст на Бихнер, кој со ништо не изгубил од својата убавина во оваа постановка, иако се приближуваат скоро 2 века од неговото пишување, навистина сака да ни покаже и да сведочи дека убавината и на изведбата и на читањето се подеднакви, кога е во прашање оваа драма. А, уште повеќе што,  првично, текстот бил примен за читање, како текст кој нема сценичност. Но, вечерашната изведба покажа дека тој е податлив за театарската сцена, тогаш кога  ќе се најде во вистински раце.Се забележа и дека текстот на Бихнер е надополнет со податоци за егзистенцијалната положба и борбата за егзистенција на луѓето од овие простори, од ова наше време. Како да сака да ни сугерира дека секоја револуција започнува со бунтот во човечкиот стомак.

Александар Милосављевиќ, театарски критичар од Србија:
-Кај Робеспјер видов смиреност и сведеност во изразот, а експресивност во играта на Дантон. Робеспјер е неподмитлив. Човекот влегува со јасна идеја која е чесна и искрена. Револуцијата треба да победи, но цената што се плаќа е смрт на револуцијата и воведувањето диктатура. А, од друга страна, е Дантон, човекот што ѝ поставува прашања на Револуцијата и себеси и на времето во кое се случува Револуцијата. Таа рамнотежа, тој однос помеѓу тие два лика, маестрално функционира на сцената. Оваа претстава е, на некој начин, слична на претставата од синоќа –  „Животинска фарма “. Орвел констатирал дека Револуцијата е мртва и тоа го зборувал и го пишувал за конкретна револуција. Бихнер многу време пред Орвел, според мене, поставил посуштински и посериозни прашања за Револуцијата. А тандемот, Дино Мустафиќ и Жељка Удовичиќ, тоа многу добро го разбрале. Оваа претстава, низ драматуршката адаптација, многу поцврсто и сериозно ги поврза сите дилеми на револуциите, па и транзицијата ја сместуваме во корпусот на револуциите, за македонскиот простор, а јас сум слободен да кажам и за просторот во Србија, во однос на тоа што беше направено во синоќешната претстава. „Children of the revolution“, од групата „Т.Rex и Mark Bolan“ е првиот миг. Таа песна е направена кога револуцијата од 1968 година веќе беше мртва. Текстот на Бoлан многу иронично зборува за тоа што дојде по 1968 година. И потоа имаме цел круг, а на крајот имаме иронија со оној кој го мете подот и го изметува и Дантон. Значи, таа линија која почнува, иронично се завршува со иронија. Почетокот на текстот, се разбира дека не е напишан од Бихнер. Тоа е интервенција на Жељка, која е многу јасна и многу тенденциозна и многу точна. Таа не се однесува само на Македонија и на транзицијата, туку на судбината на денешниот свет. Последните зборови кои ги изговара Дантон во претставата, исто така, не се зборови на Бихнер. Нив ги изговорил Че Гевара. И се поставува прашањето: Дали  револуцијата е готова? Тоа во мене отвори дилема. Знам дека Револуцијата не е добра, знам што донесува таа, но, се прашувам: Има ли друго решение?

Тодор Кузманов,театарски критичат на Македонското Радио:
-Ансамблот на Албанскиот театар приреди настан од голем габарит и калибар. Една многу вешта инсценација на Бихнер на „Смртта на Дантон“,  како што веќе беше кажано благодарение на драматуршко- режисерскиот пристап и благодарение на ансамблот, во реализацијата на тие едноставни нешта, но и длабоки, што бараат промислување. Мене ме фасцинира фактот, односно податокот, за возраста на Бихнер кога настанал овој негов текст. Како потсетување за тоа што може да направат младоста, искреноста и посветеноста. Значи, некои вредности кои одамна се заборавени. Доспеавме во еден многу корумпиран свет и, некако, му доаѓа како терапија оваа претстава. Во однос на тоа дека револуцијата е неизбежна, меѓутоа таква каква што ја знаеме револуцијата, таа не е ни решение. Но, патоказите се тука  за да се спознае кои се резултатите, последиците од револуцијата. Конвенира фактот што паралелата е извлечена со нашата скорешна т.н. Шарена револуција, но еден тип. Конвенира тоа што резултатите од нашата револуција се безмалку препишани од Француската револуција. Веројатно, тоа важи и за сите други револуции. Во земјава секој втор е незадоволен што беше дел од нашата револуција. Тоа мешање на желби, на интереси, како што било во Франција, а персонифицирани преку Дантон и Робеспјер, овде го има многу. Главната вредност и важност е што во претставата се зборува за актуелни настани, на актуелен јазик, низ манир на политички ангажман во театарот. Оваа претстава доаѓа и се надоврзува на претходно изведените претстави како што се „Бакхи“ на Битолскиот театар и „Животинска фарма“ на Орвел во продукција на Струмичкиот театар. Тоа што ги поврзува е политички ангажираниот пристап, во сите три има осовременување, односно локализирање на проблемите и на фактите со ова место и со ова време. Тоа е една тенденција која фестивалот „Војдан Чернодрински“  ја одразува. Мене ми се допаднаа улогите како се направени и се изведени без претенциозност, без посебно напрегање и без агресија. Во таа смисла се моите честитки за нивниот учинок.

Иван Додовскипрофесор по критичка теорија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје:
-Моето враќање на фестивалот по 20 години се поклопува со уште едно блескање на ансамблот на Албанскиот театар, како кога пред две децении, во својство на селектор, донесов една претстава од нив која тогаш блесна. Затоа ми е криво што во изминатиов период не сум видел повеќе од нив. Сега доаѓав со извесен трепет пред помислата каков Дантон ќе изигра Рефет Абази, зашто и тој од некои свои причини, како што знаеме, долги години не доаѓаше на овој фестивал, а го немаше и на сцената во неговиот театар. Некако се поклопија нашиве судбини вечерва. А, не треперев поради тоа што се сомневав во неговите способности, туку затоа што  кај него има една огромна еруптивна енергија за која мислев дека, толку се собрала низ годините, што сега низ еден ваков лик може да експлодира, на начин што не може да се контролира. И, да кажам искрено, најмногу ми се допадна што видов дека и по толку години, собирајќи ја таа енергија, Рефет токму тоа го направи. Успеа да се исконтролира во најтешките сценски стапици на оваа претстава. Во  неа брилијантно функционира тој мост, тоа колебање помеѓу едно хедоне на Дантон- потребата низ телесното да се истражува вистината, и студената рационалност на Робеспјер, брилијантно одиграна од Луран Ахмети, рамноправно со Рефет, токму на оној мост за кој во почетокот мислев дека ќе биде опасна стапица зашто метафората на клатењето во 2 часа се троши. Сепак, тоа беше извонредно искористено и одиграно. Ми се допадна, исто така, што имаше некои сцени во кои дојде до израз Бихнеровската лиричност и тоа секогаш во контрапункт, додека паралелно одат сонговите или некои други мизансценски решенија. Таму имате слатка ненападна игра на Дантон со вљубената. Или моментите на плачењето, на сонувањето, на стравот од сонот и т.н. Сите тие се извонредни етиди во оваа претстава, едно менување на потребата што се провлекува низ претставата, која цело време низ ударот на тапаните нѐ потсетува дека сме во реалноста, дека проблемите се наши и дека сме жртви на сите заблуди на револуцијата.

Публиката ја даде својата оцена за претставата „Смртта на Дантон“. Нејзината оцена е 4,18.

Сотир Трајков
Фото: Оливер Ангелески