Осум претстави и за првпат – мермерна статуетка од публиката

Maj, 2019
Осум македонски претстави ќе се натпреваруваат за наградата на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што ќе се одржи од 7 до 15 јуни во Прилеп.
Во официјалната програма се „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, во продукција на МНТ од Скопје; „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ на Драмски театар-Скопје; „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски на Театар комедија; „Смртта на Дантон“ во режија на Дино Мустафиќ на Албански театар-Скопје; „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски на Кумановскиот театар; „Бакхи-краток преглед на распадот“ во режија на Вук Торбица на Битолскиот театар; „Животинска фарма“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Струмичкиот театар и претставата „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Прилепскиот театар. Со која претстава ќе биде отворен фестивалот засега не се открива.
Годинава за првпат се воведува наградата од публиката – мермерна статуетка на Чернодрински. Важна новина е и враќањето на разговорите за претставите, т.н. разговори на тркалезната маса. Ќе се одржуваат веднаш по одигрувањето на претставата и ќе учествуваат еминентни критичари, а секако свој удел може да има и публиката, вели Катерина Коцевска, уметнички директор на фестивалот.
Во рамките на фестивалските денови ќе има и богата придружна програма со претстави на театрите што не се во официјалната програма и претстави на студентите од Факултетот за драмски уметности.
“Фестивалот ќе добие своевидна електронска верзија. Од годинава како новина, сите настани на фестивалот ќе бидат достапни на социјалните мрежи и на веб-страницата на Фестивалот. За ова веќе со месеци разговараме и го правиме тоа на начин како што прават студентите на ФДУ кај професорот Игор Венцоски“, додава Коцевска.
Добитници на наградата за животно дело се режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку.