“Зимска прикаска” премиера во пролет 21 Мај

“ЗИМСКА ПРИКАСКА”

Автор: Вилијам Шекспир
Режија адаптација на текст: Љупчо Ѓоргиевски
Препев: Драги Михајловски

ЗИМСКА ПРИКАСКА е напишана во последниот таканаречен “романтичен” творечки период од животот на Шекспир (1610-1611). Оваа драма зборува за пријателството, љубомората, човековите чувства, но и за животот и недофатливата смисла каде границата на реалноста и сонот постојано се поместува и го поставува прашањето на природата и уметноста. Оваа трагедија со среќен крај, зборува за љубомората на кралот Леонт и неговиот сомнеж дека жената го изневерува со неговиот најдобар пријател од детството, кралот Поликсен. Тоа е повод за размисла не само за комплексноста на човечката психологија, туку и за моќта на власта која својата тиранија најчесто ја испорачува спакувана како правда. И како потчинетиот да се одбрани од таквата “правда”? Како “ружа со два смешни трња или со сон”. Уметноста е единственото скривалиште каде што може да се смести и да се преживее немоќниот и да го чека моментот кога со моќниците ќе завладее покајувањето и сомилоста за тој однос да воскресне. И покајувањето и сомилоста и воскресението се длабоко вкоренети во нашата две илјади години стара христијанска цивилизација, а за тие да преживеат, Шекспир единствена надеж гледа во уметност која преку својата катарзичка моќ делува како коректив на суровата стварност.

Улоги:
ЛЕОНТ – Ефтим Трајчов Ѓаурски
ХЕРМИОНА – Марија Минчева Андонов
ПОЛИКСЕН – Пеце Ристевски
КАМИЛО – Милорад Ангелов
АНТИГОН/ОВЧАРОТ – Владимир Тулиев
ПАУЛИНА – Анѓелка Нашкова
ПЕРДИТА – Ава Хусеини
ФЛОРИЗЕЛ – Мирко Голомеов
МАМИЛИЈ – Леон Ангелов

Сценографија: Валентин Светозарев
Костимографија: Андреј Ѓоргиевски
Композитор: Марјан Нечак