
Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес, утревечер (16 мај) премиерно ќе биде изведена претставата „Злосторството на 21 век“ според текст на Едвард Бонд, а во режија на Владимир Милчин.
Режисерот Милчин, кој првпат режира во велешкиот театар, за Едвард Бонд вели дека неговата пиеса довела да се укине цензурата, а тој со своите дела е провокативен и актуелен со проблеми што го мачат човештвото на целата Земјина топка.
Според Милчин, станува збор за англиски драмски писател и театарски режисер кој многумина го сметаа за еден од најважните живи драмски автори, кој отсекогаш бил и останува контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси и радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството. „Една катастрофа е екологијата, а другата одземање на слободата, правата и терор и тоа што на луѓето им ја одзема човештината, а пеколот напредува и ја јаде Земјината топка и ги јаде луѓето“, вели Милчин.
Во претставата играат Маја Љутков, Талија Настова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаиловски. Костимографијата е на Марија Пупучевска, музиката на Марјан Неќак, а сценографија на Крсте С. Џидров.