Со провокативната „Бакхи…“ стартува 21. Фестивал на монодрама во Битола

 6 May, 2019 

Претставата „БАКХИ – краток преглед на распадот“ од Еврипид која премиерно ќе биде прикажана на 9 мај во Битолскиот театар, е во режија на еден од најактуелните театарски режисери во поширокиот регион, Игор Вук Торбица. До 13 мај во рамките на Фестивалот ќе бидат прикажани вкупно 14 претстави со актери од Велика Британија, Русија, Хрватска, Бугарија, Молдавија, Словачка, Црна Гора, Монголија…

Со премиера на атрактивната претстава „БАКХИ – краток преглед на распадот“ од Еврипид, во режија на еден од најактуелните театарски режисери во поширокиот регион, наградуваниот Игор Вук Торбица и во изведба на актерите од Битолскиот театар, на 9 мај (20 часот) во Битола ќе биде отворен 21 Фестивал на монодрама.

До 13 мај, градот на конзулите ќе биде место на средба на професионални актери кои ја слават монодрамата како модерна театарска форма на “one man show”, а публиката ќе има можност да види вкупно 14 претстави. На сцената на Битолскиот театар ќе бидат одиграни монодрами кои доаѓаат од Велика Британија, Русија, Хрватска, Бугарија, Молдавија, Словачка, Црна Гора и Монголија, со уметнички сензибилитет на новодефинираните театарски тенденции.

„Ако како директор на еден фестивал кој ја слави монодрамата ме запрашате, ќе Ви кажам дека е скапоцено што мојот град Битола е запишан на светската мапа на фестивали на монодрама. Но, исто така ќе Ви кажам дека ова 21 по ред фестивалско издание ќе продолжи и покрај отсуството на очекуваната државна поддршка за ваков значаен интернационален фестивал, но затоа онаа поддршка од Општина Битола која ја добивме есенцијално многу ни значи .Тоа е храбра одлука да се впуштиме во диви води, кои ниту една брана не може да ги запре“, вели Маја Андоновска -Илијевска, директор на фестивалот и на НУ Центар за култура Битола.

Со свои настапи во рамките на фестивалот најавени се актерите Миа Беговиќ, Ксенија Прохаска, Петар Милошевски, Камил Бистрик, Слободан Маруновиќ, Бајасгалан Церендор, Димитрина Мицкоска, Јана Лазар, Маја Бежанска, Васко Мавровски, Јесим Озосој, Бобан Алексоски и Игор Ларин.

Така, веќе на 10 мај, во рамките на фестивалот ќе бидат одиграни три претстави “Куќа од стотина“ со актерот Јесим Озсој Галата, од Перформ театарот, Турција (19 часот), “Марлен Дитрих“ со актерката Ксенија Прохаска од Хрватска (21 часот) и “Дневникот на лудиот“ со македонскиот актер Бобан Алексоски (23 часот).

На 11 мај се претставите „Приказна за тркалото“ со македонскиот актер Васко Мавровски (12 ч), “Вишеград минус еден“ со Камил Бистрик од Словачка“ (19 ч), “Се што сум премолчала“ со Миа Беговиќ, Хрватска (21 ч) и “Комедијантка“ со Маја Бежанска, Бугарија (23 ч).

Наредниот ден (12 мај) на репертоарот се “Трите животи на Исидора Данкан“ од Молдавија, Забелешки на покојникот“ (Русија), “Последниот час на Његош“ (Црна Гора) и “Јас сум Едит Пиаф“ (Монголија).

Последниот ден од фестивалот ќе бидат одиграни две монодрами со македонски  актери “Женска утопија“ и „Пасија по Биби“.

Жири-комисијата е составена од славната Нина Мазур, режисерката Софија Ристевска-Петрушева, а претседател на жирито е Ментор Зумберај. Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот театар, актерот Петар Мирчевски.

Офф програмата на фестивалот пак, се состои од две дебати под насловот „Монодрамата, од двете страни на сцената“, концерт на групата „Фолтин“ и афтерпарти во избрани битолски кафулиња.