IN MEMORIAM Билјана Беличанец


Билјана Беличанец 

Комеморацијата по повод прераната смрт на нашата Билјана Беличанец ќе се одржи во вторник (09.04.) во 10:00 часот во Драмски театар Скопје.

Билјана Беличанец 

(25.07. 1973, Скопје – 06.04.2019 Скопје)

Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Работи во Народен театар “Војдан Чернодрински” – Прилеп (1994-1997), додека во 1997 година  преминува во Драмски театар Скопје. Како актерка со непроценлив талент, работна пожртвуваност и професионалност, ги толкува главните улоги во пиесите и заслужено го зазема местото на првенец актер во ДТС.  Од 2013-2017 година  ја извршува  функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.

Селективна театрографија: Маргарет Флаерти (Заводникот од западниот свет, 1997); Сузана (Свадбата на Фигаро, 1998); Софија Јегоровна (Платонов, 1999); Клариса де Бисоњози (Арлекин – слуга на двајца господари, 1999); Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа (Кандид во земјата на чудата, 2000); Ерика Брукнер (Мефисто, 2000); Маре (Тетовирани души, 2001);  Мувата Ѕунѕарка (Како се станува цар, 2003); Дона Естрела (Што е тоа што ги тера жените навечер да трчаат по улиците на Мадрид, 2004); Наталија Ивановна (Три сестри, 2004); Ангустија (Домот на Бернарда Алба, 2004); Хелен (Жив чоек/Everyman, 2004); Старицата (Демонот од Дебар Маало, 2006); Донка (Македонски рулет, 2007); Ана (Комшилук наопаку, 2007); Велика (Сите лица на Петре М. Андреевски, 2008); Кинегонда/ Малечката/ Службеничката (Кинегонда во Карлаленд, 2009);  Управничката (Грев или шприцер, 2011); Сара (Генетика на кучињата, 2012); Ифигенија од Македонија (Архелаос или Еврипид се враќа дома, 2012); Македонка (Последните Македонци, 2012);  Ема (Љубовници, 2015).

Селективна филмографија: Мајки (2010); Од денес до утре (2010).

Награди: Награда Трајко Чоревски  за најдобар млад актер за улогата на Медеја во претставата „Медеја“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1996); Награда за најдобар млад актер на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС), за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“ (Сараево, 2000);Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“  Прилеп (2009); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински”  (Прилеп, 2012).

Изложба – „Од текст до претстава“

По повод 74 години од првата премиера на сцената на Македонски народен театар – Скопје, на 03 април во 12 часот, во фоајето на театарот, ќе биде отворена изложбата „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“.

На сцената на МНТ од самите почетоци (третата поставена претстава е Чорбаџи Теодос, премиера: 16. 08. 1945 година) до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Во секоја од нив на различен начин се третира секојдневнието, традицијата, митовите и приказните. Не само како драмски текстови, но и преку игра, слика – сценографија и костимографија, и дизајн – програмка и плакат. Се конструираат модели на сцена кои интерпретираат и демонстрираат вистинска театарска култура и се спојуваат/истакнуваат наративноста и комуникацијата, наивизмот и бајковитоста, сатирата и реалноста, комиката и фантазијата.

Идејата на оваа изложба е да се прикажат авторите од различни генерации чии дела, во континуитет, постојано се прикажуваат на сцената на Македонски народен театар – Скопје. Тоа се меѓу останатите Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Дејан Дуковски и други. Низ драмските текстови и подготовката/поставувањето на истите, односно низ експонатите ќе се прикаже патот на еден драмски текст од напишан збор до одигран и изговорен збор на сцена. Оживувањето на драмскиот текст. Истовремено, тоа е и приказ на богатото драмско творештво на македонските автори но и нивниот приказ во различната и обемна сценска продукција. Низ сите авторски дела, создадени се автентични решенија кои македонскиот театар го подигнаа на високо рамниште, како составен дел од одразите и настаните на светската театарска сцена. Ќе се опфати целосното оформување и поставување на драмата на македонскиот автор, од текст до сцена, откривајќи притоа различни сензибилитети и идејни концепти, а во зависност од актуелниот временски и просторен миг.

МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР