,,На отворено“ – нова премиера на малата сцена во НУ Театар Комедија

„На отворено“ е најновата премиера во НУ Театар Комедија, во режија на Андреј Цветановски, која ќе биде реализирана на малата сцена во овој театар. Оваа претстава е работена според драмскиот текст на Мрожек, „На отворено море“.

„’На отворено’ е едночинка која зборува за гладта, во секоја смисла на зборот. За борбата за моќ и за начините да дојдеш до неа, како и за тоа каков ќе излезеш како човек од таа борба. Еден шекспиријански заплет, погледнат низ комична призма. Горка комедија, за време на која смеата ти застанува во грло“, изјави режисерот Цветановски.

„Годинава ова ни е прва премиера од планираните пет премиери. Ме радува фактот што ова е втора претстава што ќе се игра на малата сцена на Театар Комедија и што публиката покажува особен интерес за овој тип на претстави. Сè е подготвено за премиера и особено сум благодарен за максималната посветеност во работата на сите чинители на ова дело. Паралелно подготвуваме уште една нова претстава на големата сцена, која ќе има премиера во мај“, изјави директорот Сашо Ристовски.

Во новата премиера „На отворено“ играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски и Тони Денковски.

Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, драматург Дарко Јан Спасов, додека музиката ја направи Димитар Андоновски.

Претпремиерата е на 24 април (среда), а премиерата на 25 април (четврток) со почеток во 20 часот. Првата реприза е закажана на 6 мај.

извор: Makfax

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *