Васил Зафирчев/ akтер

Васил Зафирчев/ akтер

Мојот театар

Мојот театар не зависи од директори, советници, комисии и министри, а уште помалку од вождови и гуруа, од кланови, здружувања, групации и колективитети. Мојот театар не прифаќа припадност и своина, туку само слобода и вечно трагање. Мојот театар не признава големи и мали, анонимуси и ѕвезди, неважни и важни, подобни и неподобни, наши и ваши, леви и десни. Мојот театар не распознава црни тефтери и бели книги. Мојот театар не познава градови и села, метрополи и паланки, големи и мали сцени, стари и нови театарски згради, ниски плати и високи хонорари, големи буџети и на лажичка дадени пари небаре за преживување лек. Мојот театар признава само одлични, добри и помалку добри претстави и исто такви создавачи на театар. Мојот театар не прави разлика меѓу многу и малку публика, меѓу публика дојдена да гледа театар и публика дојдена да биде видена во театар. Мојот театар почива на вештина, талент, идеја и концепт. Мојот театар се храни само со посвета и љубов. Живее секогаш во мене и патува секаде со мене. Го чувам во внатрешниот, специјалниот, тајниот џеб на душата. Излегува од него при секое мое стапнување на сцената, за на крајот повторно да се врати во него. Јас и мојот театар имаме ритуал, нешто како медитација пред заспивање, како мантра за повикување сонце по дожд или како молитва при палење свеќа. Мојот театар е вечен и исто толку ефемерен. Тој може без мене ако сака. Можам и јас без него ако сакам. Ама не сакам. Не сеуште. Барем додека верувам во безусловната љубов кон мојот театар. Без оглед и наспроти сé! Другите како сакате. Секој со својата љубов кон својот театар. Безусловно! 
Честит 27-ми Март!