
Еден од ретките што се бавеа со театарот и додека спијат и додека се будни!
“Златко Славенски беше, е и ќе биде еден од малкуте духовни двигатели во нашето театарско постоење. Еден од ретките што се бавеа со театарот и додека спијат и додека се будни. Еден од оние кои не можеа а да не се бават со еволуцијата на театарот и сиот негов потенцијал…“. Со овие зборови актерката Арна Шијак се збогуваше со познатиот македонски режисер и професор на Факултетот за драмски уметност Златко Славенски кој ненадејно почина во понеделникот.

На комеморацијата на ФДУ во Скопје се собраа неговите пријатели, семејството, колегите режисери, актери и неговите студенти за да му одадат последна почит и да го наградат со аплауз за сите негови остварувања.
“Често пати на час ни велевте ‘живот проѓе како бела лаѓа’. Ни велевте дека една претстава е како спејс шатл, ако се помести макар и еден сантиметар-воопшто нема да се лансира и ќе експлодира… Не можеме, а да не ви кажеме колку ве сакаме и колку не требаше да ‘полетате’ пред време… Се надеваме дека таму горе, Космосот е како дома…“, рекоа за својот професор студентите од неговите класи театарска режија.

За режисерот Славенски, зборуваше и актерот Тони Михајловски кој посочи дека во вакви мигови човек се прашува дали треба да зборува за тагата и болката која е повеќе од очигледна или треба да зборува за онаа светла страна која човекот ја носел со себе. „ Златко Славенски навистина беше човек на светлината, човек со насмевка, човек што знаеше да те сослуша, да те прифати и да ти помогне. Oмилена му беше онаа ‘и да зборувам на сите човечки јазици, ако љубов немам тогаш ништо не сум’, рече Михајловски. Тој додаде дека, за жал животот е многу посуров од театарот. “Во театарот на крајот на претставата оние кои умираат, стануваат и се поклонуваат пред публиката и добиваат аплауз, а овдека поклонот е изоставен, останува само аплаузот…“, додаде Михајловски.

Актерот Ѓорѓи Јолевски за Славенски пак, рече: Златко беше совршен да направи контекст, а она што мене ми остави впечаток во работата со него е дека тој беше бескомпромисен, бесен и оваа, таканаречена реалност, просто не ја прифаќаше.
Славенски е роден во 1966 во Скопје. На крајот на 1980-тите студирал филмска режија во Лондон на London International Film School (LIFS), но поради стопирање на државната стипендија во период кога почнал распадот на СФРЈ го прекинал студирањето и се вратил во Македонија. Се запишал на ФДУ на отсекот за интермедијална режија, во класата на професорите Слободан Унковски и Столе Попов и дипломирал во 1994, а една година претходно ги завршил студиите и дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет. Во 1997 се вработил на ФДУ како помлад асистент, а во 2016 година беше избран во звање редовен професор. Режирал голем број театарски проекти: „Безљубни“; „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“; „Соларис“; „Супернова“; „Бесови“; „Визија“; „Времеплов“; „И коњите ги убиваат, зарем не?“; „Злосторство и казна“; „Пречистување“; „Време за сонување“; „Казабалкан, „Папокот на светот“… Награден е за претставите „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Будење на пролетта“ и „Пер Гинт“. Автор е и на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“. ФДУ соопшти дека до крајот на семестарот тој требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“
превземено од дневниот весник ВЕЧЕР