
Како режисер, секогаш интересен соговорник. Тој говореше и на тема политика како сериозно занимање, политиката присутна во секоја куќа како облик на политиканство.
Ви пренесуваме дел од разговорот:
-Само за тоа се зборува, дали е на некоја куќна слава или после премиера, веднаш се гледа политичкиот агол. И при тоа, политиката како област, која е сериозно занимање, кај нас е политикантство или застапување на некакви страни. Кај нас се обично две ригидни страни и од чија страна си, се читаат по делата – дали си го земал ова дело, дали си работел таму…, изјави Славенски.
Според него, уметниците се наизглед најмногу навлезени во политиката, но всушност и другите професии се до гуша навлезени, само за да преживеат.
-Уметникот мора да има и некаква поинаква одговорност, бидејќи е… се вели дека е јавна личност. Тоа е многу измешано кај теоретичарите, дали етиката и естетиката одат рака под рака, дали моралноста и убавото во уметноста треба да имаат знак равенство. Сепак, не познавам уметничко дело што е клучно за светската цивилизација кое зад себе не ја има вистината, рече Славенски.