
Денес театарската прашина
твореше солзи.
На сцената гласови, трепереа,
на сцената тебе те имаше, таму горе,
во молк обвиена
молчиш,
молкум
ти гледаш,
во очи, те гледам, замислена,
а не можам да те допрам.
Зошто,
молкот твој послино ечи.
Последната претстава ја одигра денес,
онаа најтешката улога, кога
Актерот молчи.
Но и тоа го направи
актерски, силно, експресивно!
Молкот,
го растрепери силниот аплауз,
силен, долг, долг до вечноста
со многу солзи.
Не сакав
да си заминеш од сцената,
да те снема,
да се запалат светлата,
да се спушти земската завеса…
Сеуште ќе чекам, со надеж дека
завесата ќе се крене,
а ти, да продолжиш…
Жива!
Катерина Грозданова