Последниот најдолг аплауз во солзи за Билјана Беличанец – денес воДрамски

Духовите на Драмски го слават твоето доаѓање во бесмртните…

Биле моја, кога дојде од Прилеп во Драмски театар, јас те пречекав на оваа сцена. Игравме заедно во „Заводникот од западниот свет“. Бевме главни партнери кај нашиот Горан и еве Биле јас те испраќам сега од оваа сцена. Не е фер, затоа што требаше уште многу да работиме, јас и ти и твојата весела дружина. Билјана, ти никогаш нема да бидеш во минато време, секогаш ќе бидеш овде присутна. Оние што добро те познаваат Биле, знаат дека си голем човек, имаш огромно срце, огромна душа и за себе и за сите нас. Несебично ни помагаше и на сцената и во приватниот живот. Кажав еднаш, кажав пак и ќе го тврдам тоа, ти никогаш не играше, не глумеше на сцената, ти живееше овде. Бескрајно талентирана, ѕвер од актер и ангел од човек. Многу те сакаме сите. И кога не беше тука, кога не си присутна на некои претстави, редовно те спомнувавме. И сега секогаш ќе бидеш присутна. Твоето име никогаш нема да згасне, рече низ солзи актерот Дејан Лилиќ на денешната комеморација во Драмски театар во чест на прерано починатата актерка Билјана Беличанец.

Овој театар има духови кои нè гледаат во секој момент кога сме на сцената. Тие ни ја даваат енергијата кога ни е најпотебно. Тие лебдат тука некаде и не туркаат да продолжиме кога ни е најтешко. Аурата на Драмски, за жал, се збогати со уште еден суптилен, нежен и преубав дух кој ќе биде присутен за идните генерации. Тука е духот на татко ми Стево, Ненад, Ацо, Нада, Ванчо, Бранко, Крум, Дади, Горан…Овде се некаде и сега го слават твоето доаѓање како бесмртник. Но, што да правиме ние? Нè остави збунети и во бескрајна болка. Не остави да замислуваме што уште можеше да направиш на сцената. А сцената беше твојот живот. Ова не е фраза. Ти, едноставно беше Билјана Беличанец. Многу луѓе ми изразија сочувство за твоето заминување. Зошто баш мене, си реков? Веројатно затоа што на оваа сцена ти беше мојата Кинегонда, мојата Сара, Цвета, Сузана, мојата Билјана Беличанец, рече Дац.

Стојан Дамчески од името на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп се прости од Беличанец.

Веднаш по диполомирањето, на взаемно задоволство и радост таа стана член на нашиот ансамбл. Тоа беше смела одлука на млада актерка, но истовремено тоа беше и дел од една мисија, порака којашто заедно сакавме да им ја упатиме на младите диполомирани актери, да не чекаат пред вратите на скопските театари, туку да дојдат во внатрешноста и да го покажат она што го носат во себе и она што го стекнале за време на студиите. Ти Билјана, за кратко време во нашиот театар реализира девет премиери, одигра шест главни улоги и три насловни ролји, Медеја, Албена и Пинокио. Одигра повеќе од 200 претстави со што остави длабока и неизбришлива трага во историјата на нашиот театар. Прилепската публика никогаш нема да те заборави. По нецели три години, дојде разделбата. Но, таа не беше тажна и болна, како што е оваа сега. Тоа беше разделба за продолжување на твојот успешен пат, кон остваување на твојот сон. Билјана, ние сме горди што беше дел од нашиот ансамбл, но неизмерно сме тажни сега кога те загубивме засекогаш, рече Дамчески.

Последната претстава Беличанец ја одиграла на 8 март годинава, како Ема во претставата „Љубовници“ во режија на Катерина Коцевска.

Последната претстава требаше да ја одиграш во 2069. Ова не е природно. Збогум моја Ема, збогум моја Биле“, рече Коцевска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *