
Не сум слепо послушен актер!
27 јуни 2012
Деструкцијата е последица на некаква состојба… Јас сум од оние кои сакаат да градат, да создаваат, па макар и тоа да е лик кој е од светот на имагинацијата, лик кој е сочинет од “зборови”…Сакам да поверувам, да се препуштам. Да се “,разоружам”, за да се “,наоружам” и да “,пукам”, на сцена. Иако се случувало и да не сум била доволно залажана, заведена…, вели за својата вокација и определба, Беличанец-Алексиќ
Во контекст на лудилото што го носи Сара, колку е тоа природно, достапно и пристапно денес?
– “Лудилото”, како емотивно-душевна состојба, е присутно постојано секаде и кај секого. Прашањето е дали е испровоцирано да се појави на виделина и ШТО е тоа што може човека да го доведе до степен на вриење, па да заборави на се. Да ги помести или избрише “,границите”, на своето однесување-дејствување. Да го пречекори прагот и да влезе онаму каде има само една врата, која е невидлива и треба да се пронајде, да излезе и да го најде мирот во себе.
Колку Билјана како човек успешно се справува со деструкцијата во овој контекст?
– Деструкцијата е последица на некаква состојба… Јас сум од оние кои сакаат да градат, да создаваат, па макар и тоа да е лик кој е од светот на имагинацијата, лик кој е сочинет од “зборови”. Мојот порив е да го оживеам барем на сцена, во некое време, кое го нема, а го има се додека трае една претстава. Па дури и да конструирам нешто што е дел од деструктивното.
Дали и колку ја користиш приватноста на сцена или, пак, успеваш до крај да се справиш со дистанцата, што ја носи релацијата сцена – живот?
– Уживам да се соочувам сама со себе и се уште да се истражувам. Отсекогаш сум си фрлала ракавица за да си излезам сама со себе на двобој. Тоа е оној процес кога нешто бараш, кое не ти е спознаено, за да тргнеш од некаде, градејќи еден лик. И во таа потрага, некогаш е доволно само “,зрнце”, кое ќе ти се чини дека може да е зародишот на една нова состојба, која ТИ досега и не си ја искусил. Но ќе сториш СЕ, за да изгледа како да ја живееш и постои. Тоа ти е како научна студија до која доаѓаш истражувајќи во лабораторијата-ТЕАТАР.
Зависи ли таа дистанца и од режисерите или колку си послушен професионалец на сцена?
– Дистанцата е “црвеното сијаличе”, кое кај секој актер индивидуално функционира и е независно од режисерите. Но, секако, како и секој актер така и секој режисер се обидува со различни театарски алатки да се користи, правејќи една претстава. Но заедничката алатка на режисерите им е “верната манипулација” – обидот умешно да не заведат нас актерите, како би поверувале во идејата. Слепо-послушен актер не сум, но СУМ искрено-послушен!!! Сакам да поверувам, да се препуштам. Да се “,разоружам”, за да се “,наоружам”, и да “,пукам”, на сцена. Иако се случувало и да не сум била доволно залажана, заведена…
Често се говори на темата – Актерот кој мисли на сцена, колку такви актери постојат?
– А замисли да не мислат? Ние не сме муви па да летаме по сцената каде ветрот ќе не разнесе. Но, ако се однесува на онаа старата: “Не треба актерот да е многу паметен за да е добар, доволно е да е талентиран и да го прави она што се бара од него”, ја имав слушнато, некогаш, одамна… Тоа време умре, го нема, не постои! Сите ние сме, пред се, личности со свои сознанија, емоции, ставови… Секој гласно изговорен збор на сцена, мисла како поттекст, секое движење на телото, треба да е доведен до таму, за да остави причина да се толкува. Како инаку во ова брзо време, би биле забележани, па дури и запаметени?
Се добива впечаток дека те нема многу на филм, ти недостасува ли камерата?
– Ме нема ИЧ! Оние ситни, мали кадри до сега, не се ни за броење. Секако, дека ми недостасува. Дури се плашам да не почнам во себе да се сомневам, да не треба нешто да коригирам во изгледот… се шегувам! Факт е дека за овие осумнаесет години професионален ангажман, состојбата на тоа поле варираше во нашава држава. Кога бев млада и убава (ха, ха, ха) филмови не се снимаа. Сега, кога сум подостарена, а се снима, им требаат млади и убави. И ете, сега чекам да остарам и за тогаш да се надевам, кога моите брчки по лицето ќе говорат повеќе пред објективот. За филм кај нас треба и малку среќа. А мене досега не ми се посреќило.
Твојот неспорен радиофоничен глас го користиш и за синхронизација. Некои го оспоруваат овој вид актерски израз во смисол на креативност. Успеваш ли да ги креираш ликовите кои ги синхронизираш?
– Се сеќавам на времињата во Русија странските филмови беа покривани со спикер, кој ги читаше сите ликови и тоа на еден тон, со една боја, онака спикерски. Тоа денес, покрај синхронизациите, можете да го сретнете се уште во Бугарија. Но се сеќавам, уште како дете, кога одев во Германија, го слушав-гледав Џон Вејн, како зборува на германски. Во Франција, пак, Дастин Хофман, на француски… Последниве години кај нас се појави едно ново поле за професионален ангажман за нас актерите. И не гледам што е спорно, иако јас уште од ’97 г., веќе синхронизирав цртани филмови на МТВ. Ако може Антонио Бандерас да го чита-игра мачорот во “Шрек” и уште една цела плејада оскаровски актери, зашто ние па да не? А што се однесува до индивидуалното креирање, тоа е можно само во дадените рамки за да не се наруши веќе создаденото.
Наградите – вистинска верификација или само сатисфакција?
– На почетокот сатисфакција, а сега веќе и сатисфакција и верификација.
Борче ГРОЗДАНОВ