
ВО ЧЕСТ НА РОДЕНДЕНОТ НА ТЕАТАРОТ. НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ПРАЗНИКОТ
ЃОРЃИ ЈОЛЕВСКИ Светски ден на театарот – 27-ми март
Македонска порака од Ѓорѓи Јолевски, актер, Македонски народен театар
Живееме во многу комплицирано време. Стресно и хаотично. Од нас се бара да се откажеме од својот идентитет и да влеземе во глобалниот систем на вредности каде што нема индивидуалност, сопствен став за светот што не опкружува. Да се вклучиме во систем кој ни нуди „сигурност“ и слепо да веруваме во него.
За да го одбегнеме привидот на сигурност, моќ, пари, сајбер-свет, најдобро е, како што верникот стои пред свештеникот, така и ние да застанеме пред самите себе и да се погледнеме, да влеземе во себе и да ги побараме емоциите кои одамна сме ги заборавиле во трката што ни ја нуди таканаречената стварност. Театарот е идеалната уметничка творба која нуди средба со самиот себе си. Таа и како концепт и како реализација ја потенцира индивидуалноста и ја потврдува тезата еден човек – еден Космос.
„Велат дека на седмиот ден од создавањето на светот избувнала здодевноста. Луѓето не знаеле што да прават со подареното време – денот на починката – па Господ се почувствувал присилен да го започне последниот обид, се разбира на ниво на своите преходни изуми.
„Нека има светлина! Ох не, тоа веќе го имав….“
И така, по долга самозадлабоченост, значи, по една сосема длабока, длабока, длабока задлабоченост, толку длабоко може да се задлабочи само Господ…..
Идеја! „Нека има театар – Нека има театар! “.
Вака татарскиот маг, Питер Брук, на свој луциден и софистициран јазик ја започнува расправата за суштината на театарот.
Светот се менува во секоја секунда. Врие како во котел. Така живее современиот човек а така живее и театарот. Уметниците се втурнуваат без страв да влезат во битка со непознатото и невозможното. Театарот е магија која е многу конкретна во своето предупредување, коментирање на реалноста но и дијагностицирање на аномалиите на таканаречената реалност. Кога ќе ја најдете дијагнозата, се разбира дека ако ништо повеќе ќе се обидете да предложите лек против болеста на ваш сосема специфичен јазик. И ако не верувате дека тоа е возможно едноставно ќе ја изгубите надежта а тоа секако не е човечка карактеристика. Можеби Бекет во сета своја безнадежност ја потенцира токму желбата човекот да се обиде, и покрај невозможните околности, да остане жив па макар и правејќи си друштво самиот на себе си.
Во ова кратко време што Бог ни го дал да престојуваме во овој простор треба постојано да сме во движење правејќи го она што најдобро го знаеме. Актер сум и светот го гледам преку призмата на театарот. Тоа е местото каде што се чувствувам жив. Местото каде што можам слободно да дишам. И да верувам дека мојот партнер – гледачот, после добиената доза волшебство, ќе се врати во својот свет променет.