Младите во потрага по свој вредносен систем

март 05, 2019 www.slobodnaevropa.mk


Млади актери од Куманово преку театарска претстава ги отвораат прашањата што ги мачат младите во ова време – образованието, општествениот вредносен систем, револтот, но и ги мобилизираат нивни врсници театарски да се описменат и да останат во земјата.

Ќе си помогне ли младиот човек кој се родил, растел, се образувал, запливал во секојдневието кое во сите области на општественото живеење го „негува“ искривениот систем на вредности! Ќе смени ли нешто ако барем се обиде, отвораат прашања младите кумановски актери на независната сцена „Теактер студио“. Како никогаш или како ретко кога толку млади дипломирани глумци се враќаат во својот роден град и од тука се обидуваат во името на својата генерација да прашуваат. За одговорот треба добро да размислат „кројачите“ на општественото живеење. Младите се во конфузија, а ништо помалку и возрасните кои искуствено имаат некакви принципи, кои пак во новото време се анахрони. Играјќи ја претставата „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовска, а во режија на Кети Дончевска – Илиќ, веќе подолг период се бара билет повеќе, а во публиката најбројни се младите, средношколци, студенти. Зошто?

„Приказната зборува за млади луѓе кои се уништуваат во еден систем кој што воопшто не ги поддржува, кој што е бесмислен, во кој што не можат ни да го кажат тоа што го мислат. Тоа води до еден револт и до искривување на нивните вредности. А од друга страна, професорката брани некои идеали во кои сега многу малку луѓе веруваат. Мислам дека оваа претстава зборува за многу суштински вистини за тоа каде живееме и како се чувствува младиот човек овде“, вели актерката Александра Михајловска.

Дел од претставата „Драга Јелена Сергеевна“.
Дел од претставата „Драга Јелена Сергеевна“.

Нејзиниот колега Никола Наковски раскажува дека во текот на подготовките експериментирале со група средношколци во обид да го слушнат мислењето за состојбата во образованието во кое се чини младите отсекогаш, а особено сега, на лесен начин сакаат да добијат највисоки оценки. Сепак, во одредени моменти младината е молчалива, плашлива, потсвесно инфериорна од авторитети.

„Факт е дека професорите треба да ни бидат авторитет, но не по секоја цена ние да си ги потиснуваме своите желби, соништа, потенцијали. Текстот говори за судир на генерации, еден образовен систем кој е пропаднат, искривен, извитоперен, зборува за морални вредности, а јас се плашев публиката кога ќе излезе по претставата да не заземе страна“, вели Наковски.

Она што го работат како претставници на младата генерација до 30 годишна возраст (од која пак, не малубројни се со желба да заминат некаде по светот), се обидуваат да влијаат да се менува менталитетот, а да се зачува суштината. И тоа да започне од секој поединец, од помала средина. И од образованието.

„И тоа не од образованието од аспект како ги едуцираме и какво образование им даваме на нашите млади, туку и од аспект на тоа каков систем градиме и каков систем на вредности гледаат и наследуваат и зошто се буди револт кај младите денес. Интересно е што текстот е од пред повеќе од три децении, а актуелен е како да е напишан во нашата држава токму сега во 2018-та, 2019-та година.“

Многу млади глумци се со желба да работат. Малку место за сите во театарот ја поттикнуваат активноста на независна сцена во Куманово. Тука младите уметници ја искажуваат својата креативност, а преку неа ја привлекуваат и својата генерација, за заедничко трасирање на подобриот пат во иднина.

„ „Теактер студио“ е форма која што ги згрижува, ги собира младите луѓе актери професионалци пред се, се разбира тука се однесува и на костимографи, сценографи, режисери, сите оние кои што имаат школо и што имаат креативен потенцијал секако“, вели Кети Дончевска – Илиќ.

Таа напоменува дека и во иднина „Теактер студио“ ќе ја негува и ќе ја зајакнува независната сцена која најчесто е иницијација на луѓе кои го сакаат театарот и имаат слобода во своето изразување, со што и влијаат театарот да биде подобар. Независна сцена станува тренд, а токму преку младите актери кои мобилизираат нивни врсници театарски да се описменат и да останат тука.

„Особено лошото однесување на младите луѓе е резултат единствено и само на однесувањето на возрасните. Најголемиот дел од вината зошто еден млад човек е ваков или онаков мора да ја понесе возрасниот човек, Дали родител, наставник, подоцна постар колега. Она што ни е многу драго што никој не зазема страна туку проблемот е возрасните наспроти младите и обратно, образовниот систем, родителите, семејството, младите луѓе, заеднички и општ за секоја публика“, вели Дончевска – Илиќ.

Работејќи со младите, ослушнувајќи ги нивните сигнали во ова време невреме Дончевска – Илиќ вели дека театарот, независната сцена, ги отвора прашањата. А младите актери Давид Илиќ, Мишо Димитријевски, Никола Наковски, Александра Михајловска и поискусната Александра Пешевска, како и многу други, сакаат токму од Куманово да ја пратат пораката истовремено и на младите и на возрасните дека е неопходно да се создава вредносниот систем тука и сега.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *