
Министерството за култура и НУ Театар „Комедија“, во соработка со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, почна со реализација на мерките предвидени во акцискиот план по однос на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Утре, на репертоарот на Театар „Комедија“, ќе се прикажува Чеховата класика „Мечка“ (во режија на Димче Николовски), која ќе биде толкувана на знаковен јазик, со што претставата ќе може да ја проследат и лица со оштетен слух.
Театар „Комедија“, освен како најпосетуван театар во земјата, станува препознатлив и по својата посветеност во поглед на отстранувањето на бариерите што ги спречуваат лицата со попреченост да уживаат во аудиовизуелните услуги што им се достапни на повеќето луѓе во македонското општество.
Всушност, првпат во нашата земја една театарска претстава ќе биде достапна и за глувите лица и непречено ќе може да уживаат во придобивките на културните манифестации. Со овој чекор Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура го признаваат и поддржуваат правото на овие лица на пристап до места за културни изведби, како што е наведено во Конвенцијата на ОН.
Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, заедно со Министерството за култура, ќе продолжи со своите напори и други национални и локални установи да продолжат со ангажирање професионални толкувачи на знаковниот јазик.
Истовремено, НУ Театар „Комедија“ ги продолжува активностите во насока на подигнување на свеста преку промоција на содржини во согласност со пристапот базиран на човековите права за лицата со попреченост. По предлог на Владата на РМ, во НУ Театар „Комедија“ е предвидено да се вработи и постојан толкувач на знаковен јазик.
(ПР-текст)