
Драг Мите,
Во овој проштален момент, ти си тој што нѐ собра пак заедно на сцената,
Бранко Ставрев присутниот и Митко Маџунков отсутниот заедно со себе кој
си и отсутен и присутен, да ја одиграме нашата последна заедничка претстава
и да си кажеме што имаме да си кажеме, па да се простиме машки како што
доликува, зашто во спротивно нема да сакаш да се чукнеш со нас. Почина во
света недела, ден за воскресение – тоа не може да биде случајно. Нашата
последна средба исто беше на ден кога го славеше својот втор живот и
воскресение, а беа дошле гледачите во ѕвезди, пастирите и мудреците од
Исток, на последно збогување, а ти седеше дуздиран во костум, на лицето ти
една милна насмевка, а се радуваш на здравјето на другиот како сопствената
болест да не е ништо. Ден пред да починеш му се јавив на твој Борче – „Мите
не може да зборува, јас не слушам ништо“, многу арно ќе се разбереме. Но ние
се разбиравме многу добро и така и вака, за добар збор добра е и немоста, а да
слушнеш нешто важно не се потребни уши. Жал ми е што во моментот не сум
физички присутен. Бранко Ставрев пред неколку дена ме праша кога ќе се
вратам. Му реков: „Чекам да заврне снег“. Тоа беше парафраза на една твоја
реплика, кога сиот завеан на плоштадот не знаеш на каде да фатиш, па на
прашањето што правиш, одговараш: „Чекам да се стопе снего!“ Така што,
патиштата – завеани или не – постојано ни се вкрствуваат: и да чекаме да падне
и да чекаме да се истопи, исто ни се фаќа.
Но токму од таа тврдокорност на зборот, од таа вера во силата на зборовите и
тогаш кога знаеме дека се само прелага, зависи и опстанокот наш. „Светот ќе
помине, моите зборови нема да поминат“, стои во Писмото. Кога ѕидарот му се
подбива дека му избегал синот, Мите како Иљо М. ќе му рече: „Јас му кажáх да
оде!“ – тоа не е лага, туку преобразба на стварноста. Кога Иљо М. во улогата на
Мите Грозданов ќе речеше грездаво: „Ќе ја попарам болеста со вар“, тој не се
залажуваше, туку го искажуваше својот презир кон стварноста. И така, низ
зборови, како секој бестрашен актер, тој преживуваше на сцената како и во
животот. Актерот на сцена нема за што друго да се фати, нема со што друго да ја
воспостави стварноста на зборот освен со вера и креација. Иљо М. на Мите
Грозданов во Сенката ѝ се противставува дури и на смртта со зборови, „со
празни зборови“, како што вели таа, но најнакрај тој е оној што ќе триумфира, за
Смртта да му стане помошник, зашто ќе сфати дека таму каде што ќе згаснат
зборовите и спомените, ќе исчезне дури и таа.
Низ такви високи сфери на духот шеташе на сцена Мите Грозданов, но во оваа
тажна средина тоа остана речиси незабележано.
Во ваквите моменти, секогаш кога заминуваат добри уметници се поставуваат
истите прашање: дали тие го одолжиле својот долг кон уметноста и дали
нивната средина им се одолжила ним. Секој може да има мислење за тоа, но
она што е видливо и од небото и од земјата е дека Мите Грозданов ја
презадолжи сценската уметност во Македонија, а Македонија му се одолжи
сите знаеме како. Кај нас, колку што си подобар, ќе јадеш подебел стап.
Доскоро најмоќниот човек во Македонија има изјавено дека негов најомилен
актер бил Мите Грозданов, и во секоја средина тоа би донела „нешто“, но на
Мите Грозданов не му донело ништо, зашто тој не побарал, а другите
заборавиле што рекле. Можел да ја добие главната награда за машка улога
што се доделува во Југославија само што завршил Академија во Белград, но се
засрамил да каже дека нешто му треба.
Во тоа и самиот се уверив кога беше меѓу кандидатите на наградата за
животно дело „11 октомври“, а јас бев претседател на Одборот. Не ми се јави
ниту еднаш, иако другарувавме уште од детството. Повеќе од тоа не треба да
се каже за да се види кој беше Мите Грозданов. На мое вчудовидување, видов
дека Комисијата воопшто не го вброила во својот избор, меѓу десетина
кандидати. Тогаш сфатив дека тој човек и актер е страшно поценет во својата
земја. Го предложив дополнително, но беше доцна и наградата не ја доби за
два гласа. Ми стана јасно дека е тој, не само потценет туку и недоволно познат.
Како е тоа можно? „40 години го држеше репертоарот на Драмски“, рече
еднаш Ставрев, а јас немам зошто да не му верувам.
Простете што во овој момент зборувам за Мите речиси исклучително низ
призмата на неговата креација на ликот на Иљо М, зашто неговите тукашни
резултати се многу попознати. Но Иљо М. на Мите Грозданов, одигран во три
пиеси помеѓу 1986 и 1989 требаше да биде заштитен знак на Македонија.
Никој никогаш не изговорил такви реплики, за кои денес и режисерот и
авторот и главниот актер, иако не е повеќе со нас, би завриле во апс.
Внимавајте, тоа се случува во Југославија, во „ненародниот режим“, а државата
плива врз „биволско лајно“ во морето, Смокот лапа што ќе стигне, а Иљо М. во
нов костум чека со бабичката да дојдат „гостите“, Смртта со својата свита да
му ја жртвуваат внуката, а потоа да ги потераат во Пуста земја да се борат за
нов живот, за јазик, за идентитет – и сето тоа уште пред создавањето на оваа
држава.
Ова не е момент да се зборува за судбината на драмите, но е момент да се каже
дека овдешната скопска публика, вклучувајќи ги и колегите, главно не е
запознаена со тоа врвно остварување на Мите, од кое само некои бледи отсјаи
можат да се наѕрат од ТВ-снимката на единствена снимена претстава,
Големиот Смок. Овде сме се собрале да се поклониме пред делото на Мите
Грозданов. Но секој нека го наслушне своето срце и нека си признае колку
знае за тоа остварување. Како сериозни професионалци, вие знаете што значи
кога една комплесна улога, различна од пиеса во пиеса, ќе се одигра 200 пати,
а токму таков е случајот со Иљо М. на Мите Грозданов. Кој не го видел во
трите претстави плус во завршната Вечна игра барем 20 пати не може ни да
знае за што станува збор. Тоа е грандиозно остварен лик и Мите Грозданов
треба вечно да биде запомнат по таа ролја. Неговите главни реплики треба да
ги знае секој актер во Македонија, а онаа што ги содржи зборовите „Плацот не
е за продавање. Таму на синовите ќе им правам куќа“ треба да ја знае секое дете. Да
научеа дека плацевите не се за продавање туку на нив татковците и синовите
заедно да прават куќи, можеби нашата судбина денес ќе беше поинаква.
Драг Мите, сакам да се простам со тебе така што ќе те замолам за прочка. Не
само поради недобиената награда, туку што еднаш јавно те укорив. На еден
фестивал на Ристо Шишков, ме замолија твои добронамерни колешки да ти
укажам да не си го расипуваш талентот на ова и на она, а јас ги послушав и те
укорив јавно. Ти рече само: „Фала, бате, заслужувам“, но маж како тебе не се
укорува јавно. Прости.
Сакам да ти се заблагодарам што ликот на Иљо М. го извади од сцената и со
него го насели светот. Веќе ја споменав моќта на зборот. Во јазичните форми
духот на народот живее подолго и поуспешно одошто во стварноста. Кога на
сцена се спомена нечија смрт, ти рече: „Ангелите слаби са му биле!“ Тоа не е
непочитување на смртта, тоа е пркос и презир кон смртта. Како што на истата
таа Смрт ќе ѝ речеш во Сенката на древниот говор на својот град: „Ут кал сме
напраани, кал ќе станаме. Ама… еден ден па ќе стигн’ме у к’штта на нашјо татко и
при нашта мајка. И да ги нема – па они! И да не се нигде – пак при них! Сите ојдéле,
и нии ќе си од’ме. А ти, црна какарáско? Дек ти ќе од’ш?“
Така ти со таа реплика всушност ја победи смртта. Сите заминаа, а ти остана
дома, еднаш засекогаш седнат на просцениумот.
Нека Ти е вечна слава, а Господ и твоите силни ангели нека го чуваат твоето
семејство!