Колку сме и какви странци на оние што ни се најблиски?

 

„Режисерката Нела Витошевиќ создала непретенциозна, внимателна, интимна, човечка претстава. Ова е претстава за луѓе од нашето секојдневие, за нас, за оние од публика и за тие на сцена.“

(За претставата „Странци“ според филмот „Совршени странци“ на Паоло Џеновезе, во режија на Нела Витошевиќ, Драмски театар – Скопје)

Адаптирањето на филмско сценарио во театарски/драмски текст, секогаш е ризично, но доколку се направи како што треба дава одлични резултати. Претворањето на филмското сценарио во драмски текст, значи внимателно „преведување“ на јазикот на филмот, во јазикот на театарот. Кога станува збор за адаптација на еден филм како што е „Совршени странци“ (Perfetti sconoscuiti) на Паоло Џеновезе (Paolo Genovese) – прецизен, непретенциозен и непосреден треба да се базичните квалификативи. Уште со првото негово прикажување во 2016 година, овој филм за вечерата на седумината пријатели и нивната игра (да се остават сите мобилни телефони на маса, и секоја порака, меил или повик јавно да се проследат пред сите), предизвика силни емоции од гледачите, пред сè поради неговата општочовечка приказна за довербата и денешниот свет затворен во мобилните телефони, или како што тоа го вика Ева, една од ликовите во филмот: „црната кутија на секој човек“.

Претставата на Драмски театар – Скопје, покажа дека „ преводот “ од филм во театар е направен прецизно, адекватно и внимателно.

Резултат на тоа е претстава што долго ќе опстои на репертоарот на театарот. Режисерката Нела Витошевиќ создала непретенциозна, внимателна, интимна, човечка претстава. Ова е претстава за луѓе од нашето секојдневие, за нас, за оние од публика и за тие на сцена. Оние мали човечки приказни полни големи проблеми затскриени зад секојдневните човечки вредности и нивното кршење. Нела Витошевиќ и драматургот Викторија Ранегелова-Петровска создаваат театарски текст што ги преплетува потенцијалните вистинити приказни во една можна, која кореспондира со тоа што можело и што се случува навистина.

Ноќта на затемнувањето на месечината, кога седуммината пријатели се собираат на вечера и навидум обичната ноќ во оваа претстава, како и во филмот, се претвора во своевидно откривање на сите скриени тајни. На крајот прстенесто го затвора дејството со прашањето дали навистина нешто од ова се случи или само можеше да се случи, па претставата ќе почне онака како што завршува. Најважно да се нагласи е дека ова е претстава за актерите. Актерите кои создаваат ликови  пред нашите очи и креираат автентични уметнички дела. Ирена Ристиќ како Ева е суптилна, атрактивна, строга во изразот, посветена на својот свет, што дискретно го отвора пред нас. Нејзиниот сопруг Роко, (го игра Предраг Павловски) е нејзината спротивност, собран во себе, затворен меѓу сопствените фрустрации и „пониската вредност“, а истовремено силен како татко.  Во партнерската корелација со Ристиќ, колку и да е таа надмоќна, тој одговара со подреденост, создавајќи го ликот миметички компетентно. Во тоа ја препознаваме и моќта на режисерката да направи одлична актерска поделба.  Динамиката на играта ја води експресивната Карлота на Билјана Драгичевиќ Пројковска, која го профилира нејзиниот лик во непосредна релација и со Ева, нејзината пријателка и  со Микеле, нејзиниот сопруг кој го игра Игор Ангелов. Неговиот Микеле е активен, кооперативен и нагласено неемотивен, за да може да ги развие партнерските односи и со Пепе и со Роко и со Козимо. Секој од овие брачни парови функционира во сопствените правила и во играта напоредно со другите. Пред нас се отвора актерска игра како од учебник, како треба да се игра и да се создаваат ликовите – внимателно и посветено. Сања Арсовска како полетната млада сопруга Бјанка и нејзиниот Козимо, сопругот што го игра Филип Трајковиќ ја градат партнерската структура најактивно од другите соодветно на нивната млада врска, но и на динамичкиот, немирен карактер на Козимо. Пепе, на Зоран Љутков, единствениот лик што нема видлив партнер на сцена и околу кој се врти поголемиот дел од приказната, може да се нагласи дека е оној што како сврзно ткиво ќе ги спои и раздели сите поединечни приказни во претставата. Овие седуммина актери ни покажаа како се игра претстава без да се изнасилува играта, без да се прави доминација на еден од нив. Може да се заклучи дека благодарение на режијата, актерската игра добива примат и тоа е она што одамна му фали на македонскиот театар – актерска игра која ќе биде интимна, сигурна, фокусирана на ликот и со цел да се направи колективна игра што ќе биде препознаена од публиката, а со тоа и наградена од публиката.

Нивната игра ја дополнува музиката на Огнен Атанасовски кој играјќи со минималистичките ноти и џез интервенциите според филмот, прави музика која може да ја наречеме илустрација на клучните емотивни состојби во претставата. Модерната сценографија на Константин Трпеновски прикажува три паралелни полиња за игра, дневната соба на брачниот пар Роко и Ева, влезот во станот со купатилото и балконот од кој се следи затемнувањето на месечината. Едноставни прецизни линии, кокетираат со реализмот, но во привлечна доза за гледање. Костимите на Роза Трајческа – Ристовска се адекватен одговор и на режијата и сценографијата и на актерската игра. Секој костим одговара на ликот што го играат актерите и преку нивната модерна, современа структура и изглед функционираат онака како што треба да изгледа еден театарски костим – комплементарен на ликот.

Единствено што треба да се спомене и недостига во рекламниот материјал на претставата се имињата на сценаристите на филмот според кој е направена претставата: освен режисерот на филмот Паоло Џеновезе (Paolo Genovese), тоа се Филипо Болоња(Filippo Bologna), Паоло Костела (Paolo Costella), Паола Мамини(Paola Mammini) и Роландо Равело (Rolando Ravello).

Драмскиот театар од Скопје, овој ансамбл и режисерката Нела Витошевиќ покажаа со оваа претстава како се игра една модерна, човечка приказна и како во театар фокусот секогаш треба да го носат актерите. Претстава што треба да се игра и претстава што треба да се гледа!

Д-р Ана Стојаноска, театролог

/ превземено / www.http://gledaj.mkc.mk/