
…„претстава во која очигледно е вложено многу труд: актерите доживуваат по неколку трансформации во текот на дејството, сценографијата е реалистично комплексна, а модернизираните костими се одлично ставени во функција на актерските улоги.“
15/01/2019
Кон изведбата на „Еден месец на село“ на 18.10.2018. Режија: Паоло Маџели, продукција: Македонски народен тeатар
Што би добиле кога ќе вкрстите софистициран режисерски сензибилитет, неверојатно квалитетен ансамбл и солидна драма на Тургењев? Би сакала одговорот да е одлична претстава, но тоа не е случајот со „Еден месец на село“, претставата што премиерно ја прикажа МНТ. Различните нивоа на посветеност кон крајниот продукт се и повеќе од очигледни – Маџели паралелно подготвуваше уште една претстава во Загреб, па на актерите од МНТ како да им преостанало во негово отсуство да ги пополнат празнините во претставата по сопствена волја.

Како и во драмскиот текст, ги следиме случувањата на селскиот имот на Аркадиј Сергеич Ислаев (Ѓорѓи Јолевски) и неговата сопруга Наталија Петровна (Сашка Димитровска). На имотот живеат и нивниот син Коља (Лука Софрониевски/Димитар Илијевски/Александар Цветковски), нивната штитеничка Вера Александровна (Дарја Ризова), мајката на Ислаев, Ана Семјонова (Катерина Коцевска), куќниот пријател Михаил Александрович Ракитин (Никола Ристановски) и слугинката Катја (Ана Стојановска). За воспитувањето и образованието на Коља се грижат гувернантата Лизавета Богдановна (Тина Трпкоска), учителот Шаф (Александар Микиќ) и новодојдениот учител Алексеј Николаич Бељаев (Стефан Спасов/Дамјан Цветановски).
Додека во драмата заплетот е фокусиран токму на учителот Бељаев и љубовта која Наталија Петровна и Вера Александровна ја чувствуваат кон него, во претставата овој љубовен триаголник е конфузен и недоволно разработен. Еднакво важна би требало да биде и паралелната приказна за љубовта на Афанасиј Иванич Бољшинцов (Нино Леви) кон Вера Александровна (Дарја Ризова) и самоиницираната стројничка улога на докторот Игнатиј Иљич Шпигелски (Сашко Коцев), но комичниот „товар“ од првиот чин оневозможува комплетен развој на оваа нишка во вториот.

Иако напишана одамна, приказната на Тургењев овозможува лесно прилагодување кон режисерската идеја. Сепак нејзината податливост кон современи интерпретации, во најмала рака, е неискористена. Маџели поставил претстава со два контрастни, но некомплементарни чинови. Во првиот дел од „Еден месец на село“, материјата на Тургењев се претвора во модерна комедија на ситуации со изнасилени премини, хиперактивно дејство и грубо оформени интеракции. За љубителите на ваквата атмосфера, играта на Јолевски, Ризова, Стојановска, Микиќ и Коцев е сосема соодветна.
Заплетот и вистинската „тежина“ на претставата се оставени за вториот дел каде се крши илузијата на отмена аристократска прослава, па „идиличната“ селска приказна стигнува до антиклимактичен и скоро „кафански“ крај. Како клучни сидра за драмското дејство во двата речиси неповрзани чинови, се издвојуваат Димитровска чиј прецизно одигран заводлив матријарх има уверлив развој, Коцевска чие силно присуство на сцената зрачи од достоинство и во најнедостоинствените моменти, и секако, Ристановски како главната противтежа на целиот комичен темперамент презентиран од останатите машки ликови.

На страна од неконзистентната режија, „Еден месец на село“ е претстава во која очигледно е вложено многу труд: актерите доживуваат по неколку трансформации во текот на дејството, сценографијата е реалистично комплексна, а модернизираните костими се одлично ставени во функција на актерските улоги.
На крајот, останува едно прашање: дури и ако му прогледаме „низ прсти“ на Маџели за нецелосното реализирање на сопствената режисерска визија, дали групното режирање на претставата од страна на актерите е доволно за квалитетен производ? Одговорот зависи од две работи: субјективната дефиниција за „квалитет“ и личните очекувања од нашата најголема театарска куќа.

Јована Ѓорѓиовска www.gledaj.mk