„Мојата ти“ на 30 Јануари Премера во Куманово

„Мојата ти“ од Олга Димитријевиќ, режија: Драгана Милошевски Попова.
Времето и сеќавањата секогаш одат во спротивен правец. А сеќавањата некако најмногу се множат кога времето станува сѐ побрзо, а нозете сѐ побавни. Четирите „катил“ баби од драмата „Мојата ти“ од Олга Димитријевиќ, а во режија на Драгана Милошевски не се типични стари жени кои само се сеќаваат на нешто. Не, тие и делуваат, и се борат, и си помагаат една на друга, и бараат смисла во бесмисленото секојдневие, ѝ се потсмеваат дури и на смртта… Во ваквата нивна мисија, институциите, нормите, модернизмот, новите „времиња“ и „вредности“, па дури и мажите можат само да им пречат. Сѐ што сега е ново, не е ново, а сѐ што сега е модерно, одамна е познато. Затоа, вреди да се видат и слушнат, по што ќе нѐ потсетат, меѓу останатото, дека животот всушност е како и возењето велосипед – за да останеме во рамнотежа, мора да се движиме.
Сашо Костовски (драматург)

Играат: Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Сања Русеска, Марко Трајковиќ и Владанка Димковска, к. г.