ДОНИ ДАРК – најнаградуваната претстава на Театар Комедија во 2018

Претставата Дони Дарк е магистерски труд на актерот и режисер Роберт Ристов. Премиерата на претставата се случи во Септември 2017-тата година, кога на иницијатива на режисерот (предвидена како посебен сегмент во магистерскиот труд), беа направени неколку чекори кои се однесуваа на подобрување на пристапот и условите за лицата со посебни потреби. Дирекцијата на театарот ја препозна потребата од реализција на дадените предлози и за краток рок ги спроведе истите, со што Театарот освен со претстава се здоби и со нова пристапна рампа, беа отстранети 8 фиксни седишта во првите редови на гледалиштето и на тие места беа поставени мобилни столици ( кои секогаш кога во публика е најавено лице со количка се отстрануваат), со што се обележа и предодреди простор предвиден за публиката со инвалидски колички и се направи корекција на шалтерите на билетарницата и гардеробата, со цел за полесен пристап на овие лица.

Претствата е единствена во Македонија која има титл на сите изведби, на кои има присутно барем едно лице со оштетен слух, беше донесена одлука и за доделување на гратис влезници за лицата од ранливите категории и за нивната придружба.

Тематски претставата опфаќа еден ден од животот на едно слепо момче, кое се обидува да отпочне самостоен живот. Истиот тој ден ја запознава младата промискуитетна актерка во која се вљубува. Но, се појавува и неговата мајка со намера да го врати дома и да го заштити…

Настаните во тоа едно  деноноќие, ќе променат многу во погледите и ставовите на карактерите, но и ќе им ги доближат на публиката проблемите и потребите кои ги имаат не само слепите луѓе, туку и сите други лица припадници на било која ранлива категорија на луѓе.

Претставта кај  публиката предизвикува бура од спротивставени емоции и реакции, од смеење без престан до солзи и силна емпатија.

За претставата излегоа неколку театраски осврти и критики кои се линкувани на веб- страницата на Театар Комедија https://teatarkomedija.mk/.

Претставата беше селектирана и гостуваше на неколку фестивали на кои се здоби и со  неколку награди. Ова се признанијата и наградите со официјалните образложенија од жирито :

Меѓународен фестивал „АКТЕРОТ НА ЕВРОПА“,

Актерот Даријан Петров ја доби наградата „Наум Манивилов Преспански“ за улогота Дони, од претставата „ДОНИ ДАРК“.

Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ –  Струмица,

Меѓународната театарска асоцијација НЕТА ѝ ја додели наградата за женска улога на актерката Мирјана Поповска Ристов за нестандардно карактерно и живо толкување на современа хероина за ликот на Џил во претставата „Дони Дарк“ на Театар Комедија од Скопје.  

Меѓународен театарски фестивал „Заплет 10Бања Лука. Театар Комедија од овој фестивал се врати со две главни награди:

Наградата за најдобар млад актер со едногласна одлука му се додели на Даријан Петров за улогата Дони Дарк.

Образложение на жирито: „На еден многу искрен и емотивен начин, Петров реалистично го долови ликот на слепото момче што си ги брани своите емоции и ставови. Слепите лица и лицата со инвалидитет често остануваат „исклучени“ од секојдневните норми што ни се достапни сите нам. Со својата веродостојна игра, Петров успеа да оствари комуникација со публиката, доловувајќи ја слоевитоста на проблемот на созревањето, потребата од себепронаоѓање и осамостојување, како и потребата од целосна социјална интеграција кај оваа група луѓе. Неговата искрена игра нè вовлече во еден нов свет, кој не може да го остави гледачот рамнодушен“.

Наградата за најдобра актерка со едногласна одлука ѝ припадна на Мирјана Поповска Ристов за улогата Џил .

Образложение на жирито: „Поповска Ристов шармантно, пластично и заводливо ги игра сите проблеми и ситуации со кои се соочува ведрата и енергична, но осамена Џил. Таа нè тера во исто време да ги преиспитуваме нејзините постапки  и да ја осудуваме, но и да ја сакаме и да ја браниме, откривајќи ни една искрена емоција која безрезервно ја споделува на сцената“.

Мирјана Поповска Ристов беше наградена и со наградата актер на вечерта според гласањето од страна на публиката.

Признанија од Lions Club NEW CENTURY- Македонија

Благодарница за Театар Комедија, за посветеноста кон целосната инклузија на лицата со попречености и прекрасната можност за подигнување на јавната свест за слепите лица кои се дел од нашето општество.

Благодарница за режисерот на претствата Роберт Ристов, за одличната режија на ДОНИ ДАРК и личниот придонес кон подигнувањето на јавната свест за слепите лица кои се дел од нашето општество.

Еве и неколку коментари на гледачи кои своите мислења објавени на цоцијалните мрежи.