РАЗГОВОР СО ВАСИЛ ХРИСТОВ, РЕЖИСЕР

Актерите се чудна сорта

Тие се емотивци, уметници, но во исто време и дел од народот. Иако на сите им е смачена ваквата ситуација, напротив, кога работат во името на една идеја, знаат да се посветат на таа идеја и целосно мотивирајќи се да и се предадат, што безусловно дава еден фантастичен креативен резултат, ќе рече Христов за работата со нашите актери

Режисерот Васил Христов, по дипломирањето на академијата во Белград “занаетот” го пече, односно го продолжува преку магистерските и постдиломски студии во Амстердам…
По повеќе од деценија се враќа во МНТ за да ја постави “Мара Сад”…

Темата на “Мара Сад” е безусловно присутна кај нас, но колку е присутна во светот?
– Кога би ја работел претставата било каде во светот, би ја поставил исто како што ја поставив овде во МНТ. Значи, Мара Сад како тема би завладеала и во Париз, Амстердам (каде што живеев), но и во третиот свет… Проблемот на искривоколчената идеологија е присутен секаде. Само одекот е различен. Во Македонија и во овие услови овде, рефлексијата на општествената девијација е многу пожестока, бидејќи, едноставно се наоѓаме во такво време – невреме. Затоа и Мара Сад што ја поставив овде е работена со тенденција да биде во дослух со светските трендови, а во исто време да биде наша, сегашна, денешна. Ваквиот тип на претстави се работи на начин кој ја одбегнува локализацијата, односно преку соочување со овој проблем како светски.

Дали апсурдноста на власта и безвластието од една страна и на полтронството и лидерството од друга, се решлив проблем?
– Не, ова не е совладлив проблем, бидејќи таа апсурдност е речиси унифициран генетски код. Од една страна мора да постои лидер, а од друга, полтронството и психичкото ропство, се проблеми кои се сами по себе апсурдни. Таа шизофренија отсекогаш постои. Но, во овие, модерни времиња, разликите се во границите на толеранцијата и ингеренциите. Пред се на релација Македонија – Балкан – Свет. Кај нас таквите граници се повеќе поместени во негатива, отколку во поорганизираните т.н. западни земји.

Да се вратиме на темата театар. Кажете ни нешто повеќе за сличностите и разликите овде и во Европа?
– Професионалноста е апсолутно идентична, нивото на професионалноста кај нас е потполно иста, како и онаа на Запад, а што е уште поинтересно нивото на талент кој го поседуваат актерите е поголемо. Но, мотивацијата е овде дополнителен проблем, што се имплицира на дисциплината на сцена.

Во вашата претстава го видовме токму тоа – работа, ред и дисцилина. Како успеавте да ги мотивирате нашите актери?
– Јас се користам со спротивен метод од оној генералниот, режисерски – значи јас не сум деспот, диктатор, работите ги решавам полека, тивко, ги мотивирам актерите сами да размислуваат, а потоа јас само ги организирам и менаџирам. Се обидувам секому како актерска индивидуа да му пристапам и со секого поединечно да работам. Имам метод на личен контакт и така го пронаоѓам клучот за мотивацијата.

Ваквиот начин на работа е доста аналитичен. Колку време ви требаше да ја подготвите претставата?
– Работевме севкупно два ипол месеци, колку што, приближно треба за еден процес и реализација на една претстава.

Што мислите колку моменталната економска ситуација влијае на инвентивноста, креативноста во театарот, особено кај актерите?
– Може да звучи чудно, но во секој случај актерите се чудна сорта. Тие се емотивци, уметници, но во исто време и дел од народот. Иако на сите им е смачена ваквата ситуација, напротив, кога работат во името на една идеја, знаат да се посветат на таа идеја и целосно мотивирајќи се да и се предадат, што безусловно дава еден фантастичен креативен резултат.

Дали уметноста како креативен суд може да ги менува нештата?
– Според мене, една од основните цели е во поставувањето на вистинските прашања, односно отворање на очите за некои проблеми и девијации, за кои се правиме дека ги нема… Не смееме да туркаме по секоја цена кон промена, бидејќи тогаш не би биле уметници, би биле политичари, а тоа нам не ни е цел. Уметникот не би бил тоа доколку се задоволува од тоа што му го пружа државата, затоа што во тој случај се губи како уметник.

Колку сте задоволни од ова што го видовте како слика за македонскиот театар?
– Иако од една страна театарот е сиромашен овде кај нас, сепак мислам дека успеал да го задржи статусот на една од најбитните институции. И по 12 години отсуство, видов дека се уште има и публика и луѓе кои ентузијастички се занимаваат со оваа работа.

Борче ГРОЗДАНОВ