Денес Хамлет е визија за човек
Тешко ли е да се биде Хамлет денес?
Лилиќ: Денес е генерално тешко да бидеш многу нешта. Денес е тешко да се биде” воопшто. Тежината на бремето на принцот дански, за жал, кореспондира со бремето на мојата генерација, која, пак за среќа, може да препознае, знае да критикува, има моќ да одлучи и да застане цврсто за да ги реши нештата. Всушност, денес е потешко да бидеш човек отколку визија за човек”… Крвта и месото, самата материја, е повредна од сите дигитализирани клетки, проекции, виртуелни стварности, зашто во нив ја нема енергијата, ја нема душата… го нема човекот…
Колку и дали кореспондира директорската фотелја со хамлетовската дилема?
Лилиќ: Речиси цел свет, речиси секој миг, секоја одлука, прашање или реализација, може да се рече дека кореспондира со ова дилема како предзнак на времето, напишана пред стотици години. Ова дилема, се разбира, многу продлабочена, е како лајтмотив на денешницата, за среќа, или, за жал, не знам.
Симболично по мојот Хамлет дојде и мојот нов ангажман. Но, мојот Хамлет порачува да се биде или да се биде”… Токму тоа е и моето мото како директор во МНТ.
Има ли Лилиќ соништа?
Лилиќ: Се разбира, дека имам и среќен сум што е така. Страв ми е да помислам што би било да ги немам. Вака со сигурност знам дека во мене има и бои и мириси и звуци, на се што постои и што не постои. Впрочем, еден од погоните за животот и радоста во него се токму тие, соништата.
Постои ли простор на планетава каде што Дејан оди во душевен азил?
Лилиќ: Постоеле и ќе постојат. Некаде во мене, некаде во некој друг, а некаде заедно осамени од светот. Веројатно, секој си има еден свој таков простор. Јас уживам во своите и се трудам да ги одржам чисти.
Опасно ли е кога славата ќе ти удри в глава?
Лилиќ: На ова прашање дефинитивно сите имаат ист одговор. Некој ќе призне дека го доживеал тоа, некој не. Но, најважно е да работи свеста, личната. Да знаеш каде си, кој си, каков си и најважно да имаш мерка, во се и за се. Славата може да те вознесе и во следниот момент да те сруши, а и потполно е различна визура за настаните и за личностите од нивната сусшина, и за убавите и за неубавите нешта. Најважно е да не остане во тебе како лажна проекција.
Дали позајмувањето на сопствениот глас е (или не) откинување на дел од професионалната индивидуа?
Лилиќ: Што е професионална индивидуа? Дали воопшто има јасна дефиниција? Никаде не сум прочитал. Само длабоко чувствувам дека извршувањето на професионалната работата треба да е беспрекорно, не нарушувајќи ја сопствената и туѓата среќа. Позајмувањето на сопствениот глас е само една гранка од дрвото на мојата уметност, така што и таа е дел од професионалното.
Наградата – сатисфкација, верификација или …?
Лилиќ: И првото и второто и уште многу нешта. И радост и тага, и почната и завршена работа, и пофалби и критики, и љубов и омраза, и искреност и лицемерие, и одговорност и предизвик. Се е содржано внатре, и добро и лошо. Да ги има или не? – прашање е сега.
Борче Грозданов