Почина актерот Славко Нинов (1945-2019)

Тажна вест

Со голема болка и жалење ве известуваме дека по кратко и тешко боледување на 74-годишна возраст почина актерот Славко Нинов (1945-2019). Целиот работен век од 1965 година до пензионирањето Славко Нинов го помина во Македонскиот народен театар, а во периодот од 1988 до 1993 година ја извршуваше функцијата директор на Драмата при МНТ.

Покрај улогите во 50-тина претстави на репертоарот на МНТ Славко Нинов ќе остане запаметен по извонредните интерпретации на стихови од македонските поети Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Кочо Рацин, Блаже Конески, како и на делото „За Македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Неговиот глас ја пренесуваше возбудата од стиховите на бројни странски поети кои учествуваа на Струшките вечери на поезијата, а често беше присутен и на промоциите на делата од македонските автори. Тој беше и еден од основоположниците на културната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Првите улоги на сцената на Македонски народен театар Славко Нинов ги остварува во 1965 година во претставите „Дон Цезар од Базан“, „Македонска крвава свадба“, а потоа настапува и во „Ревизор“ (1966), „Случајот во Виши“, „Време од вашиот живот“, „Антигона“, „Сенка“ (1967). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Мајка“ (1968), „Печалбари“, „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Венецијанскиот трговец“ (1970), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Животот на Галилеј“ (1972), „Ѕидот водата“, „Деца на сонцето“ (1973), „Потоп“ (1974), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Отепвачка“ (1976), „Студенти“ (1977), „Суд“ (1978), „Кенгурски скок“, „Лов на диви пајки“ (1979), „Автобиографија“, „Реферат“, „Беседа“, „Круг“, „Кандид“ (1980), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Макавејските празници“ (1983), „Големиот брилијантен валцер“ (1986).

Покрај актерските улоги Нинов направил адаптација на претставата „Македонски монолог“ (1979), а ги преведувал текстовите за претставите „Зора на истокот“ (1991) и „Мартолозот“ (1992).

Учествувал во снимањето на филмовите „Ветар во кутиче кибрит“ (1970) и „Вител“ (1972). Учествуваше и во снимањето на познатата телевизиска серија „Волшебното самарче“ (1975). До крајот на својот живот остана посветен на правилната и вознесена интерпретација на стиховите од македонските поети.

Посмртните останки на Славко Нинов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 26 јануари, во 12 часот, а погребот ќе биде во 13 часот.

Македонскиот народен театар сочувствува со болката и ја почитува желбата на семејството последното патување на актерот да не се одбележи со комеморација, што впрочем и беше желба на секогаш скромниот Славко Нинов.

Вечна му слава!

Македонски народен театар

„Мојата ти“ на 30 Јануари Премера во Куманово

„Мојата ти“ од Олга Димитријевиќ, режија: Драгана Милошевски Попова.
Времето и сеќавањата секогаш одат во спротивен правец. А сеќавањата некако најмногу се множат кога времето станува сѐ побрзо, а нозете сѐ побавни. Четирите „катил“ баби од драмата „Мојата ти“ од Олга Димитријевиќ, а во режија на Драгана Милошевски не се типични стари жени кои само се сеќаваат на нешто. Не, тие и делуваат, и се борат, и си помагаат една на друга, и бараат смисла во бесмисленото секојдневие, ѝ се потсмеваат дури и на смртта… Во ваквата нивна мисија, институциите, нормите, модернизмот, новите „времиња“ и „вредности“, па дури и мажите можат само да им пречат. Сѐ што сега е ново, не е ново, а сѐ што сега е модерно, одамна е познато. Затоа, вреди да се видат и слушнат, по што ќе нѐ потсетат, меѓу останатото, дека животот всушност е како и возењето велосипед – за да останеме во рамнотежа, мора да се движиме.
Сашо Костовски (драматург)

Играат: Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Сања Русеска, Марко Трајковиќ и Владанка Димковска, к. г.

НУ Народен театар – Битола/ Премиера ” Детето сонува “

 
Премиера „Детето сонува“ од Ханох Левин, во режија на Итаи ДоронНУ Народен Театар Битола 

Детето сонува

Првата верзија на текстот беше со наслов „Бродот Св. Луис – Песни за смртта“ и како што и 
самото име кажува, Левин првично напишал текст по вистинска приказна за бродот Св. Луис,
бродот кој запловил од Хамбург кон Куба на 13 мај 1939 година со 937 бегалци, германски Евреи, кои сакале да побегнат по една од најкрвавите ноќи за Евреите – Кристалната ноќ. На бегалците не им е дозволен влез во Хавана, па се обидуваат да најдат прибежиште на други пристаништа во САД и Канада, но и таму им е забранет влезот. Се враќаат повторно во Европа, каде се прифатени од повеќе земји, но сепак многу од бегалците на крај завршуваат во нацистичките концентрациони логори. На крај, Левин се откажува од обидот да напише историска драма и крајниот резултат е драмски текст, во атмосфера на сон, необременет со историски факти – универзален, поетски и безвремен.

Драмата ни открива приказна за едно патување на една мајка и едно дете кои бараат прибежиште по напуштањето на својот дом, откако војници го убиваат таткото и ги протеруваат мајката и синот. 
Тие запловуваат во пространиот океан на непознатото, молат за засолниште на еден сиромашен остров и желни се да се откажат од сѐ освен од животот, чекајќи каков и да е спас.

За соништата и детството

Во реалноста што сега ја живееме на глобално ниво мошне е лесно да се пронајдеме во политичката слика и моралниот код кои се претставени во текстот. Кризата со бегалците насекаде низ светот ни овозможи да видиме потресни слики и да се соочиме со морални дилеми не само на ниво на континенти и држави, туку и како личности – каква треба да биде нашата реакција на оваа реалност? Кој е вистинскиот мотив да се помогне и по која цена?

Сите овие прашања нѐ поттикнаа за да ја избереме токму оваа драма, токму сега и во овој град. Колку подлабоко тонете во зборовите на Левин толку повеќе се дистанцирате од овие прашања. Колку многу е лесно да заборавите дека оваа претстава е за сон. И за едно дете кое го сонува тој сон. Кое е тоа дете? И зошто го сонува тој сон?

Сликата што ја прикажува овој текст на Левин – суровата реалност која се открива за време на патувањето, добива еден бесконечен облик низ призмата на сонот.

Реалноста на поединецот и реалноста на надворешниот свет се спојуваат
– се мешаат сонот и јавето.

САБ., 26 ЈАН. ВО 21:00· Bitola


ДОНИ ДАРК – најнаградуваната претстава на Театар Комедија во 2018

Претставата Дони Дарк е магистерски труд на актерот и режисер Роберт Ристов. Премиерата на претставата се случи во Септември 2017-тата година, кога на иницијатива на режисерот (предвидена како посебен сегмент во магистерскиот труд), беа направени неколку чекори кои се однесуваа на подобрување на пристапот и условите за лицата со посебни потреби. Дирекцијата на театарот ја препозна потребата од реализција на дадените предлози и за краток рок ги спроведе истите, со што Театарот освен со претстава се здоби и со нова пристапна рампа, беа отстранети 8 фиксни седишта во првите редови на гледалиштето и на тие места беа поставени мобилни столици ( кои секогаш кога во публика е најавено лице со количка се отстрануваат), со што се обележа и предодреди простор предвиден за публиката со инвалидски колички и се направи корекција на шалтерите на билетарницата и гардеробата, со цел за полесен пристап на овие лица.

Претствата е единствена во Македонија која има титл на сите изведби, на кои има присутно барем едно лице со оштетен слух, беше донесена одлука и за доделување на гратис влезници за лицата од ранливите категории и за нивната придружба.

Тематски претставата опфаќа еден ден од животот на едно слепо момче, кое се обидува да отпочне самостоен живот. Истиот тој ден ја запознава младата промискуитетна актерка во која се вљубува. Но, се појавува и неговата мајка со намера да го врати дома и да го заштити…

Настаните во тоа едно  деноноќие, ќе променат многу во погледите и ставовите на карактерите, но и ќе им ги доближат на публиката проблемите и потребите кои ги имаат не само слепите луѓе, туку и сите други лица припадници на било која ранлива категорија на луѓе.

Претставта кај  публиката предизвикува бура од спротивставени емоции и реакции, од смеење без престан до солзи и силна емпатија.

За претставата излегоа неколку театраски осврти и критики кои се линкувани на веб- страницата на Театар Комедија https://teatarkomedija.mk/.

Претставата беше селектирана и гостуваше на неколку фестивали на кои се здоби и со  неколку награди. Ова се признанијата и наградите со официјалните образложенија од жирито :

Меѓународен фестивал „АКТЕРОТ НА ЕВРОПА“,

Актерот Даријан Петров ја доби наградата „Наум Манивилов Преспански“ за улогота Дони, од претставата „ДОНИ ДАРК“.

Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ –  Струмица,

Меѓународната театарска асоцијација НЕТА ѝ ја додели наградата за женска улога на актерката Мирјана Поповска Ристов за нестандардно карактерно и живо толкување на современа хероина за ликот на Џил во претставата „Дони Дарк“ на Театар Комедија од Скопје.  

Меѓународен театарски фестивал „Заплет 10Бања Лука. Театар Комедија од овој фестивал се врати со две главни награди:

Наградата за најдобар млад актер со едногласна одлука му се додели на Даријан Петров за улогата Дони Дарк.

Образложение на жирито: „На еден многу искрен и емотивен начин, Петров реалистично го долови ликот на слепото момче што си ги брани своите емоции и ставови. Слепите лица и лицата со инвалидитет често остануваат „исклучени“ од секојдневните норми што ни се достапни сите нам. Со својата веродостојна игра, Петров успеа да оствари комуникација со публиката, доловувајќи ја слоевитоста на проблемот на созревањето, потребата од себепронаоѓање и осамостојување, како и потребата од целосна социјална интеграција кај оваа група луѓе. Неговата искрена игра нè вовлече во еден нов свет, кој не може да го остави гледачот рамнодушен“.

Наградата за најдобра актерка со едногласна одлука ѝ припадна на Мирјана Поповска Ристов за улогата Џил .

Образложение на жирито: „Поповска Ристов шармантно, пластично и заводливо ги игра сите проблеми и ситуации со кои се соочува ведрата и енергична, но осамена Џил. Таа нè тера во исто време да ги преиспитуваме нејзините постапки  и да ја осудуваме, но и да ја сакаме и да ја браниме, откривајќи ни една искрена емоција која безрезервно ја споделува на сцената“.

Мирјана Поповска Ристов беше наградена и со наградата актер на вечерта според гласањето од страна на публиката.

Признанија од Lions Club NEW CENTURY- Македонија

Благодарница за Театар Комедија, за посветеноста кон целосната инклузија на лицата со попречености и прекрасната можност за подигнување на јавната свест за слепите лица кои се дел од нашето општество.

Благодарница за режисерот на претствата Роберт Ристов, за одличната режија на ДОНИ ДАРК и личниот придонес кон подигнувањето на јавната свест за слепите лица кои се дел од нашето општество.

Еве и неколку коментари на гледачи кои своите мислења објавени на цоцијалните мрежи.


Што правел Васил Зафирчев на штиците во2018 годин

 

РЕЗИМЕ за 2018 година

Во 2018 година имав 7 премиерни изведби во театар. Во јануари, на мојата матична сцена во Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес ја имав премирата на трагикомедијата „Тоалет за дами“ на венецуелскиот автор „Родолфо Сантана“, во режија на Деан Дамјановски, во која ја играм улогата на Алекс/Ла Џана.

  Алекс/Ла Џана во Тоалет за дами

Во февруари пак, на Малата сцена во Македонскиот Народен Театар беше праизведбата на „Госпоѓиците од Авињон“ на Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов, каде што ја играв улогата на Мувата.

  Мувата во Госпоѓиците од Авињон

На 27-ми Март, по повод Светскиот ден на театарот, во матичниот Велешки театар премиерно ја изведовме претставата „Кралските копилиња“, театар на телото во епски слики, инаку авторски проект на Сашо Димоски, во која настапувам во улогата на Агамемнон.

   Агамемнон во Кралските копилиња

Во април беше премиерата на претставата за деца „Заспаниот супер-херој“ во адаптација и режија на Младен Крстевски, во која го играв Вештерот. Во јули, со премиерната изведба на претставата „Лисистрата“ од Аристофан во адаптација на ерменскиот режисер Хакоб Газанчјан, настапивме и во Античкиот театар во Стоби на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.

   Пратеникот во Лисистрата

Во декември пак, повторно во продукција на матичниот театар, премиерно ја изведовме и комедијата „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Венцислав Ристов, во која ја играм улогата на Виќа.

  Виќа во Сомнително лице

Покрај театарските премиери, годинава беше и телевизиската премиера на третата сезона на ТВ-серијата „Преспав“, во која го толкувам ликот на Марио, и која во текот на декември и јануари се емитуваше на првиот канал на Македонската Телевизија.

Покрај новата сезона на „Преспав“

    Марио во Преспав

и премиерите во театар, на репертоар во Велешкиот театар ги играв и улогите на Смирноф во комедијата „Вдовицата се мажи“, адпатација на „Мечка“ од Чехов, Лимениот човек во претставата за деца „Волшебникот од Оз“, како и перформансот „Шумата на моето дрво“.

Во театар одиграв вкупно 97 претстави на репертоар, од кои најмногу изведувана е претставата „Тоалет за дами“ која сме ја одиграле вкупно 27 пати.

Во текот на 2018 година имав и повеќе гостувања и фестивалски настапи, како во земјава, така и во странство. Со претставата за деца „Волшебникот од Оз“ настапивме на Меѓународниот фестивал на детски претстави „Волшебната завеса“ во Трговиште-Бугарија. Со комедијата „Вдовицата се мажи“ гостувавме во Радовиш, Виница, Македонска каменица, Гевгелија и Трговиште-Бугарија. Со неа настапивме и на фестивалот „Скопско лето“, на Македонското културно лето во Мала Преспа-Албанија, на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово, на Меѓународниот фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, додека пак на Меѓународниот фестивал „Руска класика“-Лобња, во Москва, Русија ги освоивме наградите за најдобра странска претстава и најдобар актерски ансамбл. Со претставата „Тоалет за дами“ гостувавме на сцената на Драмскиот Театар во Скопје, во Центарот за култура во Радовиш, а настапивме и на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Со претставата за деца „Заспаниот супер херој“ имавме три последователни изведби во Центарот за култура во Радовиш. Со „Кралските коплиња“ настапивме и на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ и ја добивме специјалната награда од стручното жири за современ сценски израз конципиран врз лабораториски истражувања. После минатогодишното успешно претставување во Јужна Кореја, со перформансот „Шумата на моето дрво“ настапивме и на Меѓународниот фестивал „Тара-ра-бумбиа“ во Благоевград-Бугарија и на Меѓународниот фестивал „Тома Караџиу“ во Плоешти-Романија.

Годинава сезоната на македонските театри започна со „ Крал Иби “ – Премиера Драмски Театар Скопје

По мотив од „Крал Иби“ на Алфред Жари

Адаптација на текст и режисер: Васил Христов
Сценограф: Тодор Даевски и Васил Христов
Костимограф: Розе Трајчевска Ристовска
Дизајн на светло: Ѕвездан Миљковиќ
Изработка на видео материјал и фотограф: Душан Кардалевски
Дизајн на плакат: Денко Матевски

Игор Ангелов -Тато Иби
Биљана Драгиќевиќ Пројковска – Мама Иби
Зоран Љутков – Бордир
Сања Арсовска – Бугрелав
Филип Трајковиќ – Офелија
Софија Куновска – Кралицата
Предраг Павловски – Кралот
Јана Стојановска – Болеслав
Долорес Поповиќ – Ладислав
Катерина Шехтанска Лаковски – Вештерка I
Маја Вељковиќ Пановска – Вештерка II
Емилија Мицевска – Вештерка III
Тамара Ристовска – Народот
Игор Георгиев – Наратор

Инспициент: Жарко Намичев
Суфлер: Даница Илиева
Премиера: 30.12.2018 година

РАЗГОВОР СО ВАСИЛ ХРИСТОВ, РЕЖИСЕР

Актерите се чудна сорта

Тие се емотивци, уметници, но во исто време и дел од народот. Иако на сите им е смачена ваквата ситуација, напротив, кога работат во името на една идеја, знаат да се посветат на таа идеја и целосно мотивирајќи се да и се предадат, што безусловно дава еден фантастичен креативен резултат, ќе рече Христов за работата со нашите актери

Режисерот Васил Христов, по дипломирањето на академијата во Белград “занаетот” го пече, односно го продолжува преку магистерските и постдиломски студии во Амстердам…
По повеќе од деценија се враќа во МНТ за да ја постави “Мара Сад”…

Темата на “Мара Сад” е безусловно присутна кај нас, но колку е присутна во светот?
– Кога би ја работел претставата било каде во светот, би ја поставил исто како што ја поставив овде во МНТ. Значи, Мара Сад како тема би завладеала и во Париз, Амстердам (каде што живеев), но и во третиот свет… Проблемот на искривоколчената идеологија е присутен секаде. Само одекот е различен. Во Македонија и во овие услови овде, рефлексијата на општествената девијација е многу пожестока, бидејќи, едноставно се наоѓаме во такво време – невреме. Затоа и Мара Сад што ја поставив овде е работена со тенденција да биде во дослух со светските трендови, а во исто време да биде наша, сегашна, денешна. Ваквиот тип на претстави се работи на начин кој ја одбегнува локализацијата, односно преку соочување со овој проблем како светски.

Дали апсурдноста на власта и безвластието од една страна и на полтронството и лидерството од друга, се решлив проблем?
– Не, ова не е совладлив проблем, бидејќи таа апсурдност е речиси унифициран генетски код. Од една страна мора да постои лидер, а од друга, полтронството и психичкото ропство, се проблеми кои се сами по себе апсурдни. Таа шизофренија отсекогаш постои. Но, во овие, модерни времиња, разликите се во границите на толеранцијата и ингеренциите. Пред се на релација Македонија – Балкан – Свет. Кај нас таквите граници се повеќе поместени во негатива, отколку во поорганизираните т.н. западни земји.

Да се вратиме на темата театар. Кажете ни нешто повеќе за сличностите и разликите овде и во Европа?
– Професионалноста е апсолутно идентична, нивото на професионалноста кај нас е потполно иста, како и онаа на Запад, а што е уште поинтересно нивото на талент кој го поседуваат актерите е поголемо. Но, мотивацијата е овде дополнителен проблем, што се имплицира на дисциплината на сцена.

Во вашата претстава го видовме токму тоа – работа, ред и дисцилина. Како успеавте да ги мотивирате нашите актери?
– Јас се користам со спротивен метод од оној генералниот, режисерски – значи јас не сум деспот, диктатор, работите ги решавам полека, тивко, ги мотивирам актерите сами да размислуваат, а потоа јас само ги организирам и менаџирам. Се обидувам секому како актерска индивидуа да му пристапам и со секого поединечно да работам. Имам метод на личен контакт и така го пронаоѓам клучот за мотивацијата.

Ваквиот начин на работа е доста аналитичен. Колку време ви требаше да ја подготвите претставата?
– Работевме севкупно два ипол месеци, колку што, приближно треба за еден процес и реализација на една претстава.

Што мислите колку моменталната економска ситуација влијае на инвентивноста, креативноста во театарот, особено кај актерите?
– Може да звучи чудно, но во секој случај актерите се чудна сорта. Тие се емотивци, уметници, но во исто време и дел од народот. Иако на сите им е смачена ваквата ситуација, напротив, кога работат во името на една идеја, знаат да се посветат на таа идеја и целосно мотивирајќи се да и се предадат, што безусловно дава еден фантастичен креативен резултат.

Дали уметноста како креативен суд може да ги менува нештата?
– Според мене, една од основните цели е во поставувањето на вистинските прашања, односно отворање на очите за некои проблеми и девијации, за кои се правиме дека ги нема… Не смееме да туркаме по секоја цена кон промена, бидејќи тогаш не би биле уметници, би биле политичари, а тоа нам не ни е цел. Уметникот не би бил тоа доколку се задоволува од тоа што му го пружа државата, затоа што во тој случај се губи како уметник.

Колку сте задоволни од ова што го видовте како слика за македонскиот театар?
– Иако од една страна театарот е сиромашен овде кај нас, сепак мислам дека успеал да го задржи статусот на една од најбитните институции. И по 12 години отсуство, видов дека се уште има и публика и луѓе кои ентузијастички се занимаваат со оваа работа.

Борче ГРОЗДАНОВ

Реализирани проекти на НУ Народен театар Битола во сезоната 2018 финансирани од Министерството за култура на Р. Македонија:

„Коцкар„ од Ф. М. Достоевски во режија на Дејан Пројковски  17.02.2018

-„Јулие Цезар„ од  Вилијам Шекспир во режија на Златко Паковиќ 28.04.2018

-„Но(е)ва Македонија„текст на Кокан Младеновиќ,Билјана Крајчевска и актерите ;  режија: Кокан Младеновиќ  31.07.2018

„Аждер„ од Евгениј Шварц , режија: Владимир Милчин 20.11.2018

Репризни претстави

1. „Кралски игри„ од Григориј Горин , режија: Љупчо Ѓорѓиевски

2. „Пијани„ од Иван Вирипаев , режија: Марјан Ѓоргиевски

3. „Грилпарцер во секс шоп„ од Питер Турини , режија: Јован Ристовски 

4. „Грета од Фауст„ од Луц Хибнер, режија: Димче Николовски

5.„Крвави свадби„ од Ф.Г.Лорка , режија: Љупчо Ѓоргиевски

6.„Трагичната љубов на една луда девојка„ од Јукио Мишима , режија: Благој Мицевски

7. „Доктор Фауст„ од Крустофер Марлоу и авторески текстови на режисерот , драматургот и актерската екипа

8. „Без паника„ Миха Мулуаху, режија: Благој Мицевски

9. „Дупло дно„ од Горан Стефановски , режија: Ангелчо Илиевски

10.„Метаморфози„ авторска претстава и режија на Лилија Абаџиева

11.„Дон Жуан„ од Жан Батист Молиер, режија: Андреј Цветановски

12.„Бар-Ремарк„од Е.М.Ремарк, адаптација на телкст и режија: Александр Баргман

13.„Кокошка„ од Николај Кољада , режија: Марјан Ѓорѓиевски

14.„Смислата на животот„ од Идо Нетанјаху , режија: Благој Мицевски

15.„Сон на летната ноќ„ од В. Шекспир , режија: Џон Блондел

16.„Отело„ В.Шекспир, режија: Диего Де Бреа

17.„Антоние и Клеопатра„од В. Шекспир, режија: Џон Блондел

Број на претстави :

а) по месеци

јануар 8
февруар 10
март 26
април 17
мај 19
јуни 25
јули 2
август 1
септември 10
октомври 19
ноември 12
декември 16

   ВКУПНО:           165

б) број на публика по месеци

јануар 493
февруар 1695
март 2481
април 1925
мај 1680
јуни 3690
јули 600
август 100
септември 1040
октомври 2470
ноември 1900
декември 1930

   ВКУПНО:           20.004

                              Број на одиграни претстави по наслови по 2018

Реден број          НАСЛОВ НА ПРЕТСТАВИТЕ БРОЈ НА ПРЕТСТАВИ
1. Грета од Фауст 11
2. Грилпарцер восекс шоп 1
3. Трагичната љубов на една луда девојка 7
4. Отело 2
5. Пијани 13
6. Кралски игри 6
7. Доктор Фауст 10
8. Дупло дно 6
9. Сон на летната ноќ 4
10. Без паника 15
11. Метаморфози 2
12. Бар-Ремарк 4
13. Кокошка 9
14. Крвави свадби 10
15. Дон Жуан 4
16. Смислата на животот 3
17. Коцкар 13
18. Јулие Цезар 11
19. Но(е)ва Македонија 8
20. Антоние и Клеопатра 3
21. Аждер 3
22. Приказна за окото 1
23. Гостувања од други театари 19
                                                               ВКУПНО            165
     

Гостувања на НУ Народен театар Битола во 2018

  1. „Пијани„ 23.03. 2018 –гостување во Кичево
  2. „Пијани„ 04.04.208 –гостување во Скопје
  3. „Коцкар„01.06.2018 –учество на Фестивал Народних позоришта Подгорица-Црна Гора
  4. „Доктор Фауст„09.06.2018 –учество на МТФ „В.Чернодрински„-Прилеп
  5. „Трагичната љубов на една луда девојка„ 20.06.2018 –учество на Меѓународен фестивал на куклени училишта во Бјалисток –Полска
  6. „Јулие Цезар„ 23.06.2018 –отворање на VI Битола Шекспир фестивал
  7. „Јулие Цезар„ 20.07.2018 –учество на XVII Интернационален фестивал на античка драма  во Стоби
  8. „Грета од Фауст„ 03.08.2018 –гостување во Крушево
  9. „Доктор Фауст„ 12.09.2018 –гостување на ФКТ Ристо Шишков –Струмица
  10. „Кокошка„17.09.2018  –гостување во Ресен
  11. „Но(е)ва Македонија 29.09.208 –гостување на МОТ 208 Скопје
  12. „Јулие Цезар„ 06.10.208  -гостување во Скопје на Бела ноќ
  13. „Сон на летната ноќ„ –учество  на Интерфест Битола 2018
  14. „Антоние и Клеопатра „02.11.2018 –учество на Шекспир фестивалво Ереван –Ерменија
  15. „Отело„ 03.11.2018 – учество на Шекспир фестивалво Ереван –Ерменија
  16. „Но(е)ва Македонија 29.11.2018 –учество на Desire Central station Festival Суботица-Србија
  17. „Доктор фауст„ 30.11.2018- учество на Desire Central station Festival-Суботица-Србија
  18.  „Доктор фауст„ 30.11.2018- учество на Desire Central station Festival-Суботица-Србија

  Гостување на други ансамбли

  1.  Stand up со Никола Тодоровски 20.04.2018 –гостување
  2. „Љубовни пози на историјата„-Театар „В.Чернодрински„-Прилеп  11.05.2018 – отворање на Интернационален фестивал на Монодрама –Битола
  3. „Киро Блажевиќ„-Театар –Керемпух Загреб-Хрватска 15.05 2018 –ИФМ-Битола
  4. „Железниот светилник„ –гостување на Театар на Бугарската Армија од Софија- Бугарија 13.06.2018
  5. „Крал Ричард III„-Театар Гавела Загреб –Хрватска учество на БШФ 24.06.2018
  6. „Шекспир сонети 66„- Унгарски театар „Чики Гергеј„Темишвар-Романија учество на БШФ 25.06.2018
  7. „Хамлет„ –„Пунктарт„ Букурешт-Романија –учество на БШФ 26.06.2018
  8. „Отело-незаконска летургија„ –Театар „Верди„ Задар –Хрватска –учество на БШФ 26.06.2018
  9. „Сонот на Вилијам„ –Театар за деца и младинци Скопје –учество на БШФ 27.06.2018
  10. „Ромео и Јулија„-Академски Руски Драмски Театар „М.Горки„ Астана –Казахстан –учество на БШФ 27.06.2018
  11. „Макбет„ –НУ Албански театар Скопје –учество на БШФ 28.06.2018
  12. „Жените на Шекспир„-Театар на Трајни вредности –интернационален Ансмбл-учество на БШФ 28.06.2018
  13. Концерт „Shakespeare a cappela„-Сојка и Краков сингерс –Полска –учество на БШФ 29.06.2018
  14. „Крал Лир„ –НУ Турски театар Скопје-учество на БШФ 29.06.2018
  15. „Зимска бајка  –Црногорски Народен Театар Подгорица-Црна Гора-учество на БШФ 30.06.2018
  16. „Продадената насмевка„-гостување на БНТ Зеница -Босна и Херцеговина 29.09.2018
  17. „Буре барут„-гостување на БНТ Зеница –Босна и Херцеговина 29.09.2018
  18. „Ќиро„ –гостување на Тарик Филиповиќ –Хрватска 26.10.2018
  19. „Ужегнатост„ –гостување на Театар Артропија-Скопје 30.10.2018
  20. „Приказна за окото„ –Независна театарска сцена 25.12.2018

Резиме на 2018 год Театар Куманово

Колку драми беа изиграни во кумановскиот театар?

Македонската драма со се гостување има реализирано 87 претстави. Во 2018 година се реализирани 4 премиери, со вкупно 83 репризи. Министерството за култура финансираше две премиери / „ Физика на тагата „ и „ Мојата ти „ . Со соппствени средства се реализирани премиерите на “ Јованче и Марика “ “ Мани, мани, мани “.Претставите ги посетија вкпно 17 333 гледачи.

Македонската драма при НТ Куманово минатата година гостуваше во Прилеп на мТФ „ Војдан Чернодриски „, Бела ноќ „ во Скопје, а оставрени се гостувања и во Виница, Радовиш, Гевгелија и Затворот Кшање.

Во кумановскиот театар остварени се три гостувања на театари од Македонија, како и две гостувања на косовски претстави.

Реализирани се и 16 копрдукциски изведби во училиштата во Куманово, а во рамките на фестивалот “ Денови на комедија „ остварени се 13 гостувања, со вкупно изведени 14 претстави. Фестивало го посетија 7 694 гледачи

РЕЗИМЕ на НУЦК Театар „Јордан Х.К-Џинот“, Велес за 2018 година

 

Во рамките на Годишната програма за работа за 2018 година Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес реализираше вкупно 8 премиерни изведби. На сцената на театарот премиерно беа прикажани претставите „Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана во режија на Деан Дамјановски, „Кралските копилиња“ авторски проект на Сашо Димоски, „Заспаниот супер-херој“ – претстава за деца во адаптација и режија на Младен Крстевски, „Лисистрата“ од Аристофан во адаптација и режија на Хакоб Газанчјан (к.г. од Ерменија), „Елешник“ од Југослав Петровски во режија на Елеонора Теова, „Златната рипка“ – претстава за деца според „Рибарот и рипката“ од А.С.Пушкин во режија на Младен Крстевски, „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Венцислав Ристов и „Снешка смешка и Тео текнувало го спасуваат Дедо Мраз“ – новогодишна претстава за деца во адаптација и режија на Ненад Витанов.

Покрај новите премиери, на репертоарот на театарот се изведуваа и претставите „Вдовицата се мажи“ според „Мечка“ на А.П.Чехов во адаптација и режија на Младен Крстевски, „Синиот портокал“ од Џо Пенхол во режија на Александар Ивановски, „Театар љубов моја“ од Валери Петров во режија на Деан Дамјановски, „Волшебникот од Оз“ од Л.Ф.Баум во драматизавција на Катерина Момева а во режија на Александар Ивановски и „Шумата на моето дрво“ од Сашо Димоски во режија на Александар Ивановски, копродукција на Театарот со независната театарска компанија „Импакт“.

На репертоарот на театарот се одиграа вкупно 159 претстави кои ги посетија повеќе од 34.000 гледачи. Најизведувана претстава на репертоарот на театарот е „Тоалет за дами“ со вкупно 27 изведби.

Во текот на 2018 година, Театарот го реализираше и Циклусот „Вечери на поезија“ со поетски вечери посветени на Павлина Климкар Меанџиева, Игор Крајчев, Васил Тоциновски и Димитри Соле Љубин.

Театарот имаше и 20 успешни гостувања и фестивалски настапи во земјава и странство. Со „Синиот портокал“ театарот настапи во Културно-информативниот центар во Софија-Бугарија, на манифестација „Бела Ноќ“ во Скопје, во Центарот за култура „Травно“ во Загреб-Хрватска, а на фестивалот „Гола месечина“ во Скопје ја освои наградата за најдобра машка улога за актерот Фаик Мефаилоски.

„Волшебникот од Оз“ беше изведена на Меѓународниот фестивал на детски претстави „Волшебната завеса“ во Трговиште-Бугарија, а „Заспаниот супер херој“ имаше три последователни изведби во Центарот за култура во Радовиш.

Со „Вдовицата се мажи“, театарот гостуваше во Радовиш, Виница, Македонска каменица, Гевгелија, Трговиште-Бугарија, а настапи и на фестивалот „Скопско лето“, на Македонското културно лето во Мала Преспа-Албанија, на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово, на Меѓународниот фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, а на Меѓународниот фестивал „Руска класика“-Лобња, во Москва, Русија ги освои наградите за најдобра странска претстава и најдобар актерски ансамбл за актерите Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски.

„Тоалет за дами“ гостуваше во Драмскиот Театар во Скопје, во Центарот за култура во Радовиш, а беше изведена и на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

„Лисистрата“ беше изведена на свеченото отворање и затворање на Интеранционалниот фестивал на античка драма „Стоби“. На истиот фестивал, Театарот настапи и со претставата „Кралските коплиња“ за која ја доби и специјалната награда од стручното жири за современ сценски израз конципиран врз лабораториски истражувања.

Копродукцијата пак со Импакт „Шумата на моето дрво“ беше изведена на Меѓународниот фестивал „Тара-ра-бумбиа“ во Благоевград-Бугарија и на Меѓународниот фестивал „Тома Караџиу“ во Плоешти-Романија.

Театар „Јордан Х.К-Џинот“, Велес