Премиера 18.12 МНТ „ Галеб „

 

26.12 ПРВА РЕПРИЗА | 20:00

Автор: Aнтон Павлович Чехов
Режисер: Нина Николиќ

Драматург: Драгана Лукан – Николоски
Сценограф: Вишња Вујовиќ
Костимограф: Ивана Каранфиловска – Угуровска
Дизајнер на светло: Крис Јегер
Композитор на главната музичка тема: Влатко Стефановски
Кореограф: Димитрис Сотириу

Улоги:
Ирина Николаевна Аркадина – Звездана Ангеловска
Борис Алексеевич Тригорин – Никола Ристановски
Петар Николаевич Сорин – Петре Арсовски
Илија Афанасиевич Шамраев – Емил Рубен
Јевгениј Алексеевич Дорн – Благој Веселинов
Нина Михајловна Заречна – Дарја Ризова
Константин Гаврилович Трепљев – Дамјан Цветановски
Полина Андреевна – Сашка Димитровска
Марија Илинична – Тина Трпкоска
Семјон Семјонович Медведенко – Славиша Кајевски
Јаков – Аксел Мехмед

Дизајнер на плакатот: Димитар Димитров
Графички дизајнер на програмката: Димитар Димитров
Видео и фотографија: Петар Кочишки
Фотогаф: Дејан Димески
Инспициент: Никола Кимовски
Суфлер: Тања Ивановска
Светло-мајстор: Игор Ѓеоргиев
Светло-оператор: Игор Митревски и Дарко Младеновски
Тон-мајстор и дизајнер на звучни ефекти: Александар Арсиќ
Тон-мајстор: Александар Петровски
Видео оператор: Филип Петровски
Манипулант на горен и долен погон – Горан Димов
Реквизитери: Соња Крстевска и Снежана Грнчаревска
Гардеробери: Валентина Чонкова и Скендер Бериша
Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Декоратери: Васил Мешковски, Дејан Стамчевски, Павле Кралевски, Мартин Китановски, Влатко Бојчевиќ и Хусеин Хаљил

Времетраење: 130 минути со пауза

СПЕКТАКУЛАРНО ДОЖИВУВАЊЕ НА МНТ ФЕСТ

Морфов и Мекмарфи не полудеа до катарза!

Прецизноста и дисциплината во играта, како и во сите сценски репери и режисерски (не)возможности беа повеќе од доволни да видиме како тоа треба и мора да се работи за да се стигне до врвот!

Навистина беше уживање, ретка можност и речиси катарзично доживување, затсношти да се биде сведок на настанот – “Лет над кукавичкото гнездо” на театарот “Иван Вазов” од Бугарија, во рамките на првиот МНТ ФЕСТ. Повеќе од импресивно беше да се види како актерскиот импулс не се разлева, актерската енергија е сосредоточена, интровертно-екстровертното играње на лудилото се канализира до тој степен на актерско умеење што успева да допре до сите пори на чувствата на гледачот… Се разбира покрај овој актерски сон остварен од 23-темина без исклучок беспрекорни актери е и режисерот Александар Морфов кој познатото четиво на Кен Кејси преточено во култниот филм на Милош Форман го прави вистински сценски, театарски спектакл! Видовме една мала – голема лекција како сето тоа може да функционира беспрекорно речиси како часовник иако играта и презентацијата на лудилото дозволуваат извесна лефтерност. Во оваа смисла дури и да ја имаше, лефтерноста не ја видовме! Четата на Морфов ја предводеше извонредниот Дејан Донков (Мекмарфи) со Радостина Врангова (сестра Речит) и останатите кои се беспредметно да се бројат, бидејќи со своите актерски персоналитети создадоа едно живо тело кое одамна не сме го виделе не само на нашите сцени! Дека оваа воодушевеност на вашиот потписник на овие редови не е случајна и само субјективна, потврда се и речиси петнаестминутните овации и аплаузи со кои беа испратени од сцената на МНТ извонредните актери и режисерот Морфов кој не удостои со поклон…

Присутноста на луѓето од театарската фела од Македонија (најбројни беа оние од театарот домаќин МНТ), верувам, беше можност да се види како треба и мора да се работи да се достигне еден врвен резултат! А во оваа смисла во однос на врвноста Летот… не само што не прелета со неизбришлива трага, ами и остави сеќавање и спомен кои ќе траат…
Ова гостување на “Иван Вазов” и Морфов е само поттик за понатамошна дружба со МНТ ФЕСТ а за тоа ќе имате можност веќе вечерва (20 ч.) кога на сцената ќе биде црногорскиот Народен театар со “Евримен Џилас” на авторот и режисер Радмила Војводиќ.

Борче ГРОЗДАНОВ

Ана Бебиќ актерка

 

Театарот – Замок од Бајки

 

1-За себе: -I am half child half ancient( Quote by Bjork со што многу се истоветувам)

2 –За Љубовта: Amor Vincit Omnia

3 За животот: Само храбро во одуките никогаш не е доцна да си го оствариме сонот

4- За театарот:  Замок од бајка во кој се случуваат разни магии и се создава свет.

5- За доброто: Да го надвладее злото!

6-За злото: Ме натажува

7-За непријателите: На крајот на денот секој треба мирно да спие

8- За пријателите: Неимерно сум среќа што постојат во мојот живот

9-За глумата во животот:  Не ја сакам ама воопшто и сакам да научам лесно да ја препознаам

10-За сценската прасина: Сакам вецно да ја вдисувам

11-За колегите: Огромна инспирација многумина од нив .И кога би си давале подршка едни на други, се ќе биди возмозно .

12-За идејата:  Само да ја има. Со неа поцнува се!

13-За сонот: Битно е да сонуваме: Тоа знаци дека постоиме!

14 -За јавето: Да ми се оствари сонот во јавето, ако не пак ќе си бегам во сонот

15 За виното–УФФ ке кажам само една semi sweet red wine  е најдобар антидепресив

16- За семејството: Најблиски пријатели

17-Крај:  Од срце ви благодарам на прашањта

“ Убавицата и ѕверот “ француска бајка на Џош Грејсел

 

Поучна бајка што со векови крие важна психолошка лекција!

Оваа бајка може да нè научи на многу лекции, особено за љубовта кон себе. Постои едно психолошко клише дека мораме да научиме да се сакаме себеси, дури и оние делови од нас што често се мета на јавно осудување. Имајќи го тоа на ум, еден експерт укажува на важната лекција што со векови се крие во оваа приказна.

Џош Грејсел, психолог и автор, тврди дека работата на себе не е толку тешка колку што сите кажуваат. Овој пат тој се обидел да го објасни себеприфаќањето според примерот на една од најубавите бајки од нашето детство, „Убавицата и ѕверот“.

 

Оваа француска бајка е создадена во далечната 1740-та година, а до денес е објавена во голем број варијации. Најкратко кажано, преубава девојка доброволно се согласува да остане заробена од страна на суров ѕвер за да го спаси својот татко. Ѕверот изгледа страшно и убавицата го избегнува, се плаши од него и се обидува да избега. Секоја ноќ, Ѕверот ја прашува Убавицата дали сака да се омажи за него, и секоја ноќ таа повторно го одбива. Како што вели Џош, читателите знаат дека Ѕверот е нешто што убавицата мора да научи да го сака без убедување и дополнителни информации. Убавицата мора да научи да ја гледа убавината во Ѕверот!

На почетокот постојат само случајни навестувања што ја водат Убавицата да размисли за тоа дека Ѕверот можеби и не е толку страшен. Во тие моменти навиваме да го сфати она што сите ние го знаеме: Мора да научи да го сака овој Ѕвер. Да преминеме на главното. Таа со текот на времето се заљубува во Ѕверот и доаѓа до судбоносниот бакнеж по кој тој се претвора во прекрасен принц. Една од најубавите верзии на оваа приказна истакнува дека Убавицата толку многу го засакала што кога го погледнала принцот викнала: „Каде е мојот Ѕвер? Врати ми го мојот Ѕвер!“

Сега, помислите на некој дел од себе и вашиот живот кој не ви се допаѓа, кој не можете да го прифатите и кој сакате да го промените. Нешто за коешто размислувате само негативно. Постојат одредени работи во животот кои ве заробуваат и со тек на времето започнувате да ги мразите, толку многу што од сè се обидувате да побегнете. Оваа бајка сите овие векови крие универзална вистина и најверојатно тоа е причината за нејзиниот опстанок. Според неа мора да научите да ги сакате и работите кои кај себе во моментот ги мразите.

Не станува збор за тоа дека треба да добиете преубав принц, туку да сфатите дека зад секоја „грдотија“ се крие некоја вредност, богатство што треба да го засакате. Додека не успеете во тоа ќе бидете затворени во затворската просторија на неприфаќањето. Само низ овој вид прифаќање можете да ги цените вашите проблеми и предизвици како подароци. Кога ќе се прифатите и засакате себеси може да се каже дека ќе живеете среќно до крајот на животот. Тоа значи дека без разлика на тоа колку немате објаснување за некои работи или колку тие моментално ви создаваат болка, сепак можеби во нив постои некоја виша цел. Прифатете ги! Спасете се себеси од патењето и понатамошната болка и спремете се за поуката која ќе ја научите со прифаќањето на моменталното животно искушение.

Немојте да додавате „Но…“, туку прифатете го предизвикот и обидете се да пронајдете убавина во „Ѕверот“ од вашиот живот.

ШЕКСПИР во Битола Фестивал од 23 – 30 ти јуни

 

Со претставата Јулие Цезар во режија на Златко Паковиќ, во изведба на Битолскиот народен театар, на 23 -ти јуни, се отвора 6-тиот

Интернационален „Битола Шекспир фестивал“, кој ќе трае до 30 -ти јуни.

За време на фестивалските денови предвидени се гостувања на 12 претстави од Хрватска, Романија, Казахстан, Полска, Црна Гора, Македонија.

Она што привлекува посебно внимание на годинешното издание, е гостувањето на хор од Полска кои ги изведуваат сонетите на Шекспир, како и една детска претстава.

6-тото издание на интернационалниот Шекспир фестивал ќе биде затворено со гостувањето на црногорскиот народен театар со претствата Зимска бајка во режија на Дино Мустафиќ на 30ти јуни.

Битола Шекспир фестивалот, низ своите изминати изданија, успеа да се етаблира како фестивал кој ги обединува најдобрите остварувања на театарските куќи од светот кои презентираат свежи и смели пристапи кон творештвото на најголемиот драмски автор на сите времиња.

Овој фестивал е дел од мрежата на Европската асоцијација на Шекспир Фестивали, со што стана дел од државите кои  со голем пиетет го негуваат вербалното и сценското богатство на Шекспир.

Се намалил бројот на претстави, но и на посетители на театрите

 

   Напишано од  МИА – 11/12/2018

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2017/2018 година, вкупниот број прикажани претстави во професионалните театри е намален за 13,7 отсто, а бројот на посетителите е намален за 2,2 отсто во однос на периодот 2016/2017 година. Просечниот број на посетителите на една претстава изнесува 210.

Во периодот 2017/2018 година, во однос на периодот 2016/2017 година, бројот на прикажаните претстави во професионалните театри за деца и млади е зголемен за 16,2 отсто, а за 27,9 отсто е зголемен бројот на посетителите.

Бројот на прикажаните претстави во аматерските театри е намален за 45,5 отсто, а вкупниот број на посетителите е намален за 51,2 отсто.

350 изведби “Убавицата и ѕверот” – рекордно најиграна претстава во Македонија, ја имаат гледано 40 илјади луѓе

 Претставата „Убавицата и ѕверот” ја имаат гледано повеќе од 40 илјади луѓе. Со 350 изведби и 20 години во Театарот за деца и младинци.

“Со 350. изведба на ‘Убавицата и ѕверот’ утревечер маркираме недвижно културно наследство по стандардите на УНЕСКО. Во 73 години историја на македонскиот театар, од 1945, ова е најизведуваната претстава во континуитет. Имало и пред неа, 346 пати е изведена ‘Чорбаџи Теодос’, 334 – ‘Болва во уво’, 262 -‘Сомнително лице’, но интересни се два факта, ниту една од овие наведени претстави кои биле со децении на репертоар, не стигнале до бројката 350 и ниту една не била изведувана во континуитет полни 20 години, со иста сценографија и костимографија, со иста екипа”, истакна театрологот Јелена Лужина

“Театарот за деца и младинци утревечер (12 декември) во 19 часот ќе ја изведе ‘Убавицата и ѕверот’ по 350. пат со што станува рекордно најиграна претстава во овој театар како и во театрите во Македонија. Претставата премиерно беше прикажана во 1998, на 6 февруари и 20 години активно се игра во овој театар со речиси комплетно иста екипа, и со истите костими“, рече Катарина Илиевска-Силјановска директорка на ТДМ.

“Режијата на претставата е на Димитар Христов, кој не е веќе меѓу нас, а текстот е на Игор Бојовиќ. Во премиерната изведба настапиле актерите Ана Левајковиќ Бошков, Игор Маџиров, Олгица Христовска, Тања Кочовска, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Драган Довлев. Сценографијата и костимографијата е на Александар Ношпал, музиката на познатиот композитор Славе Димитров, а кореографијата Александар Хаџиманов #, додаде Илиевска Силјановска која подоцна станала дел од екипата на местото на Олгица Христовска.

“Со 350-та изведба на ‘Убавицата и ѕверот’ утревечер маркираме недвижно културно наследство по стандардите на УНЕСКО. Во 73 години историја на македонскиот театар, од 1945, ова е најизведуваната претстава во континуитет. Имало и пред неа, 346 пати е изведена ‘Чорбаџи Теодос’, 334 – ‘Болва во уво’, 262 -‘Сомнително лице’, но интересни се два факта, ниту една од овие наведените претстави кои биле со децении на репертоар, не стигнале до бројката 350 и ниту една не била изведувана во континуитет полни 20 години, со иста сценографија и костимографија, со иста екипа“, истакна театрологот Јелена Лужина честитајќи му на ТДМ што успеале да ги зачуваат костимите и тие да го имаат истиот квалитет досега.

Зборувајќи за историјатот на претставата и на ТДМ Лужина посочи дека ‘Убавицата и ѕверот’ не е случаен проект и дека е важен бидејќи е прв проект на ТДМ кој се играл на оваа сцена. Таа воедно посочи дека актерите на ТДМ пред да настапуваат на оваа сцена играле на други сцени бидејќи немале сопствена. “Тие настапуваа по кина, домови за култура, во Универзална сала каде и беше инаугуративната претстава на ТДМ, а на ова место каде сега е театарот беше ресторан ‘Вардар’. Тогаш Љубомир Чадиковски, тогашен директорот на ТДМ со тогашниот министер за култура Слободан Унковски смислуваат трикче како од еден ресторан да се направи театар за деца“, додаде Лужина истакнувајќи дека тоа било чудо во македонската култура кое чинело речиси ништо, а кое резултира со традиција пред која сите треба да симнеме капа.

“Во овој театар, во неговата 28 годишна традиција немало подеми и падови, она што на сите театри им се случува. Овде секогаш има една константа на висок квалитет, одговорност, купишта публика и насмевка“, истакна таа посочувајќи дека претставата настанала кога Чадиковски го одбира писателот Игор Бојовиќ, кој има 28 година и не е славен како денес, и кој по порачка го пишува овој текст. Потоа тој го викнал и проверениот режисер Димитар Христов, композиторот Славе Димитров, кој направил оригинална музика, и Александар Ношпал, кој има 25 години и штотуку е вратен од Лондон од Школата за висока мода за да прави првпат во животот сценографија и костим.

“И тој прави костими како што учел во своето елитно училиште, по принципите на високата мода и затоа овие костими издржале 20 години. Ова е кроено, шиено, произведено и чувано по највисоките стандарди“, истакна таа посочувајќи и дека текстот кој го напишал Бојовиќ го преведува, препејува Петре М. Андреевски.

“Квалитетот на преводот се гледа во секоја реплика, а доволно е само да се слушне како се викаат ликовите како Скакулка, Оѕверен Ѕвер, Злобницата Волшебница, Најубавата меѓу најубавите, Цвеќарот Јован Јоргован… да се направи бајка од секој збор“, рече Лужина.

Актерката Тања Кочовска, пак, истакна дека таа како Скакулка и актерот Предраг Павловски како Таткото на Убавицата, ги имаат одиграно сите 350 изведби на претставта, а Ана Левајковиќ-Бошков, која ја игра Убавицата, посочи дека потребна е страст за да се игра на сцената на ТДМ и дека децата се најискрената публика.

Во 2019 ќе почне изградба на нов објект на ТДМ

“Идната година ќе се започне со изработка на проектната документација која ќе се заврши до крајот на мај, а до крајот на 2019 најверојатно ќе се започне со изградба на нов објект на Театарот за деца и младинци во централното градско подрачје#, посочи заменик-министерот за култура Владимир Лазовски. Директорката изрази желба новиот објект на ТДМ да го носи името на нивниот колега кој има настапувано во “Убавицата и ѕверот#, починатиот актер Игор Маџиров.

https://vecer.press/

Мислите и цитатите на Горан Стефановски кажаа се!

Со солзи и аплауз испратен големиот македонски драмски маг

“Стефановски е најзначајната појава во македонската повоена книжевност. Станува збор за писател од сосема друг ков. Горан не ги создаваше драмите, тој ги откриваше, исто како Блаже Конески, кој ја откри песната “Тешкото“, бидејќи таа веќе беше создадена“, рече академик Георги Старделов, посочувајќи дека за творештвото на Стефановски допрва ќе се пишува и допрва ќе се анализира неговото дело и она што го остави зад себе како драмски автор

 

“Не знаете да се чувате… живеете на вересија… ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ (Диво месо), ова е само една од репликите во драмите на Горан Стефановски, а кои засекогаш ќе останат запаметени како спомен на делото на големиот македонски драмски маг.

Со читање цитати и мисли на Горан Стефановски, со проекции на секвенци од неговите познати драми, видео и аудиопораки, телеграми со сочувство, со многу солзи и долг, неколкуминутен аплауз, македонската уметничка, академска и писателска јавност, денес, на комеморативна седница во Драмскиот театар-Скопје се збогува од големиот македонски драмски писател Горан Стефановски, кој на 66 години почина, на 27 ноември во Кентербери, Велика Британија.

Актери, академици, режисери, професори, писатели зборуваа за неговиот живот и дело, од неговото детство, љубовта кон театарот, неговата педагошка дејност, заминувањето во Велика Британија, неговото значење како македонски драмски автор, неговата меѓународна репутација, но и за неговите светови (домови – театарот, Македонија, Англија), неговата откорнатост, неговата носталгија и вечен сон за домот. Режисерите Паоло Маџели, Александар Поповски, Дејан Дуковски со видео и аудиопораки и писма, емотивно и со растреперен глас се простија од својот пријател, професор и ментор за кого ги врзуваат лични спомени и сеќавања, но за вечно да го паметат, бидејќи оставил голема трага во нивните животи, а академик Георги Старделов и Анета Дучевска, декан на Филолошкиот факултет “Блаже Конески“, пак, зборуваа за неговото значење како еден од најмаркатните современи македонски писатели.

“Стефановски е најзначајната појава во македонската повоена книжевност. Станува збор за писател од сосема друг ков, тој ја носи поетиката на побунет човек. Горан не ги создаваше драмите, тој ги откриваше, исто како Блаже Конески кој ја откри песната “Тешкото“, бидејќи таа веќе беше создадена“, рече академик Георги Старделов посочувајќи дека за творештвото на Стефановски допрва ќе се пишува и допрва ќе се анализира неговото дело и она што го остави зад себе како драмски автор. Старделов воедно посочи и еден дистих од Ацо Шопов, кој како што рече тој, повеќе се однесува на Горан Стефановски, а гласи “Откривајќи ја татковината, го открив светот, откривајќи го светот, ја открив татковината“.

Професорката и актерка Синоличка Трпкова, пак, зборувајќи за Стефановски потсети на една реплика во драмата “Црна дупка“, која ја објаснува желбата и сонот на нашиот човек за подобар живот, но посочи и за подготовката која таа, Стефановски и режисерот Слободан Унковски ја имале оваа година за втората “Бушава азбука“, која Стефановски ја крстил “Бушав буквар“. Таа истакна дека со Унковски ќе ја продолжат мисијата на описменувањето на македонските деца.

На комеморацијата присуствуваа неговиот татко, Ристо Стефановски, и неговиот брат, познатиот гитарист Влатко Стефановски, а телеграми со сочувство испратија и премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов.

А неговите цитати од драмите “Диво месо“, “Лет во место“, “Хај-фај“, “Дупло дно“, “Тетовирани души“, “Црна дупка“, “Лонг плеј“, неговите мисли за животот, за копнежот, вистината, сонот, јавето на македонскиот човек, како да ја сечеа душата на секој од присутните во салата, одекнуваа во темнината, тие кажаа се!

И затоа Драмски со право се збогува со Стефановски со зборовите: “ Наш Горане, не можеме да бидеме поголеми од тебе во зборот и затоа ќе те повикаме тебе со твоја реч: “ Уште си тука, зад кулиси, само излезен на пауза. Кажи ни – дека нема смрт!“

www.vecer.press

Премиерно во Театарот за деца и младинци: Првиот македонски мјузикл за деца со деца

“Земја во која не се стигнува“ –

“Земја во која не се стигнува“, првиот македонски мјузикл за деца во кој играат деца, по текст на Оливера Николова, а во режија на Виолета Џолева, премиерно ќе се прикаже на 9 декември (недела) со почеток од 19 часот во Театарот за деца и младинци. Музиката, или 15-те песни во мјузиклот, се компонирани пред 55 години од Александар Џамбазов, музички продуцент е Александар Митевски, а музички аранжер Дамир Имери. Кореографијата е на Кренаре Невзати, а костимографијата на Елена Дончева.

 

“Ова е прв детски музикл во историјата на овој театар“, вели Катарина Илиевска- Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци која настапува во мјузиклот заедно со актерите Драган Спасов – Дац како гостин од МНТ и Мартин Јорданоски. Децата, пак, кои глумат, играат и пеат во претставата, а избрани на аудиција од 130 учесници, се Јован Петровски, Лука Златков, Петар Златков, Михаил Николовски, Александар Грчев, Јован Дукмеџиев, Ена Исмаили…

Како што истакна Џолева, потребно е само да се вратиме 55 години наназад и да видиме колку сме имале сериозни творци, автори и врз основа на нашата традиција да продолжиме да го правиме она што знаеме да го работиме. “Традицијата не почнува од нас, туку од нашите предци и тоа треба да го надградиме. Со овој мјузикл на еден начин ги реинкарниравме Џамбазов и Николова. Денес веќе никој не пишува радио драми, драми за деца, музика за деца… Се се прави наменски, исклучиво за фестивали, нема текстописци за деца. Ова можеби ќе биде поттик да почне повеќе да се твори за деца“, рече Џолева. Зборувајќи за дејството во претставата таа открива: “Во ‘Земја во која не се стигнува’ има пет момчиња кои се нездоволни и поаѓаат во чудна земја…и го измислуваат чичко Се“.

За актерот Драган Спасов – Дац, пак, ова е трета претстава која ја игра во Театарот за деца и младинци, по „Силјан штркот шанца“ и „Кралот кускуле први“. Како што посочи тој, во неа, заедно со пет момчиња бараат подобра земја за живеење. За процесот на работа, тој истакна дека бил несекојдневен бидејќи по подолга пауза работи со деца.

Од ТДМ посочија дека за претставата од Министерството за култура биле доделени половина од парите кои биле побарани, а упатија и апел до надлежните за обезбедување на поголема сцена за овој театар.

Владо Јовановски за неговиот долгодишен сработник, режисерот Љубиша Георгиевски

Драг професоре Љубиша Георгиевски, прости ми што дури сега ти пишувам а утринава разбрав за Твоето оправдано физичко отсуство од овој свет. Сигурен сум дека ќе ме разбереш, зашто имав објективни причини… Поточно имав “Снимање”, кое некои го нарекуваат судење. Професоре, чест ми е што Те запознав во животов, што можев да учам од Тебе и како треба и како не треба и што имав чест да соработуваме во повеќе проекти.
Особено ми е драго што учествував во Твојата последна претстава (а можеби и моја последна), “Папагалот историко”, која ете некако успеавме да ја одиграме двапати или трипати, ако ја вклучиме и генералната проба. Претстава која меѓудругото зборуваше и за настаните од 27. април 2017. година.
Нејсе…
Знам дека си веќе кај Бога, пред кого сите еден ден ќе се претставиме.
Те замолувам да му пренесеш нему, на Створителот (иако знам дека ОН се знае), едно мое чувство за Македонија и за нејзината иднина.
Речи му … Владо ми рече да Ти го кажам ова…

ДРЖАВА КОЈА ИМАЛА И ИМА ТАКВИ И ВАКВИ ТАЈНИ СЛУЖБИ, И ТАКВО И ВАКВО ГАНГРЕНОСАНО ОПШТЕСТВО ВО СИТЕ ПОРИ, НЕ ТРЕБА ДА СЕ ГРИЖИ ЗА СВОЈАТА ИДНИНА!
ЗАТОА ШТО ТОА НЕ БИЛО ДРЖАВА И ТАКВОТО И ВАКВО ОПШТЕСТВО НЕМА ИДНИНА!

Ако Ти не му го кажеш ова…
Јас секако еден ден ќе му го кажам, кога ќе стасам…
Сега за сега, нека ми го продолжи престојот во ОВАА НАША ЧУДЕСНА ЗЕМЈА, зашто сум љубопитен како ќе заврши мојот живот..

ЉУБИША…
СМЕЈ СЕ ТАМУ И УЖИВАЈ ВО РАЈОТ, ЗАШТО ОВДЕ ВО ОВА ТРЛО ЗА СТРИЖЕЊЕ ОВЦИ,
ЖИВИТЕ ИМ ЗАВИДУВААТ НА МРТВИТЕ!