“ Авантурите на Пинокио “ Карло Колоди

Карло Колоди е псевдоним на Карло Лоренцини, новинар и писател, роден во Фиренца, во 1826 година. До својата седумнаесетта година учел во неколку религиозни училишта, а подоцна се стекнал со големо музичко и литературно образование. Исто така, тој зборувал повеќе светски јазици. Псевдонимот Колоди за првпат го употребил во 1856 година, а веќе во седумдесеттите години на 19 век, редовно ги поптишувал своите книги со тоа презиме. Колоди е село помеѓу Лука и Пистоја, во кое се родила неговата мајка и каде тој поминал дел од детството. Колоди починал во Фиренца, во 1890 година, а бил погребан на меморијалните гробишта “Сан Минијато ал монте” во Фиренца.
 Историјат на книгата

За прв пат, книгата „Авантурите на Пинокио“ се појавила во 1881 година, кога во „Детско списание“ била објавена првата епизода, со наслов „Приказна за една кукла“, по што следувале и други епизоди од книгата. До смртта на авторот, книгата доживела пет изданија, а потоа, со текот на времето, таа постанала класика на детската литература. Француското издание на книгата се појавило во 1902 година, а во периодот помеѓу 1911 година и Втората светска војна, таа била преведена на сите европски и голем број други јазици. Денес, се смета дека „Пинокио“ е книга со најголем тираж во светот, по Библијата и Коранот.[1]

Содржина на Пинокио

Мајсторот Цреша пронашол парче дрво што плаче и се смее како бебе. Тој му го подарил дрвото на мајсторот Ѓепето, кој сакал од дрвото да направи кукла, која ја нарекол Пинокио. Веднаш по изработката, Пинокио оживеал и започнал да прави палавштини. И во следните денови, Пинокио е немирен, правејќи разни проблеми и покрај советите кои му ги дава Штурчо-проповедникот. Така, еден ден, тој заспал со нозете на печката и си ги изгорел стапалата. Ѓепето го гледа Пинокио како свое дете и си го продава палтото за да му купи буквар, но Пинокио го продава букварот за да гледа претстава со марионетки. Дрвените кукли од претставата го препознаваат својот брат Пинокио, но тогаш се појавува кукларот Голтнипламен. Пинокио го спасува својот другар Арлекин. Голтнипламен му дава на Пинокио пет златници за да му ги даде на Ѓепето, но Пинокио ги среќава Лицесот и Мачорот, кои успеваат да го измамат и да му ги земат парите. Во една шума, тие го напаѓаат Пинокио и го обесуваат на еден даб, но го спасува самовилата. Тогаш, Пинокио кажува лага и започнува да му расте носот. Потоа, Лисецот и Мачорот успеваат да го измамат Пинокио, убедувајќи го да ги посее златниците во Полето на чудата и така го ограбуваат, а Пинокио заработува казна затвор во траење од четири месеци.

Ослободен од самовилата, Пинокио се враќа дома, но патем среќава страшна змија, а потоа паѓа во стапица за животни. Него го фаќа еден селанец и го принудува да служи како чувар на кокошарникот. Но, Пинокио ги фаќа крадците на кокошки и селанецот го ослободува. Тој сретнува камен на којшто пишува дека умрела самовилата, зашто тој ја изневерил. Пинокио е очаен и потоа среќава гулаб, кој ќе го однесе до морето. Пинокио се фрла во водата за да го спаси својот татко Ѓепето. Пинокио стигнува на Островот на вредните пчели и таму ја наоѓа самовилата. Тој ветува дека ќе биде добар и дека ќе учи, со цел да се претвори во вистинско момче. Но, повторно тој прави неволји: по една тепачка со училишните другари, Пинокио е уапсен од полицијата. Пинокио им бега на полицајците, кои му пуштаат овчарско куче за да го фати. Бегајќи од кучето, Пинокио паѓа во мрежата на еден рибар, кој му се заканува дека ќе го испржи во тавата, но тој успева да избега во куќата на самовилата, каде повторно ветува дека ќе биде добар. Сепак, тој со другарот Фитил заминува во Селото на безделниците. Таму, по пет месеци, поминати во игри и безделничење, на Пинокио му растат уши и опаш, т.е. тој се претвора во магаре. Него го продаваат на пазар и најпрвин го купува директорот на некој циркус, со намера да го научи да игра и да скока низ обрачи. Пинокио ја повредува ногата и тогаш го купува некој кожар со намера да го убие и да му ја одере кожата. Кожарот го фрла Пинокио во морето, а таму го проголтува една огромна ајкула. Во нејзината утроба, Пинокио го пронаоѓа Ѓепето, но двајцата успеваат да се спасат. Потоа, Пинокио станува добар и за награда се претвора во вистинско момче.[2]