Претставата “Каде е пиштолот?“, според текстот на најпознатиот унгарски автор Габор Ѓоргеј првпат е преведен и поставен во Македонија, а во режија на Дејана Николовска, премиерно ќе биде изведена на 28 декември (20 часот) на сцената на Народниот театар во Охрид.
“Каде е пиштолот?“ е современ сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка заднина, создаден во 70-тите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на угнетувач и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.
“Зборот пиштол предложен уште во насловот не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор, во кој гледаме четири луѓе што седат и петтиот како вперува пиштол во нив. Четири од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној кој е со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму тој – пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај. Тажно е, но овде не е можно да живеете без пиштол!“, посочува Ѓоргеј.
Тој не е само писател туку и драматург и режисер. Помеѓу 2002-2003 бил министер за култура на Унгарија. Бил уредник на бројни литературни списанија во Унгарија, член е на Унгарскиот ПЕН-клуб. Бил главен драматург во Националниот унгарски театар, резидент во Мадаш театар, како и на Панонија филм студио. Автор е на повеќе од30 литературни дела (драма, поезија, новели). Со пиесата “Каде е пиштолот?“ добива меѓународно реноме, а пиесата се игра на многу меѓународни сцени, меѓу кои и во САД. Добитник е на бројни литературни награди.
Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски, а сценограф, костимограф и дизајн на светло е Милена Пантелеева, додека музиката е на Гаро Ашикјан.
Претпремиера на претставата е ден порано на 27 декември (20 часот).