“Авантурите на Пинокио“ Премиера во Прилеп

Во театарот “Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 23 декември (недела) со почеток во 12 часот премиерно ќе биде изведена претставата за деца “Авантурите на Пинокио“, по фанатастичната книга од Карло Колоди.

Драматизацијата на оваа извонредна авантуристичка пиеса за деца е на режисерот Дарко Ковачовски заедно со Надја Василева- Ковачовска, која е и автор на сценографијата, костимите, маските и куклите.

“Се работи за куклено- драмска претстава. Пораката што ја носи претставата е многу актуелна. Говори за едно дете кое преку своите неуспеси пораснува. За да добиеш срце не е потребно да си дел од големиот свет, туку да имаш сочувство кон другите“, вели режисерот Ковачовски.

Во претставата играат актерите Јасмина М. Станкоска, Андон Јованоски, Димитар Црцороски, Даниела Иваноска, Александар Тодески, Наташа Ачански, и алтернација е Катерина Чакмакоска Клинческа. Автор на музиката е Томе Темелкоски, а преводот на текстот е на Лидија Митовска Ѓорѓиевска.