СПЕКТАКУЛАРНО ДОЖИВУВАЊЕ НА МНТ ФЕСТ

Морфов и Мекмарфи не полудеа до катарза!

Прецизноста и дисциплината во играта, како и во сите сценски репери и режисерски (не)возможности беа повеќе од доволни да видиме како тоа треба и мора да се работи за да се стигне до врвот!

Навистина беше уживање, ретка можност и речиси катарзично доживување, затсношти да се биде сведок на настанот – “Лет над кукавичкото гнездо” на театарот “Иван Вазов” од Бугарија, во рамките на првиот МНТ ФЕСТ. Повеќе од импресивно беше да се види како актерскиот импулс не се разлева, актерската енергија е сосредоточена, интровертно-екстровертното играње на лудилото се канализира до тој степен на актерско умеење што успева да допре до сите пори на чувствата на гледачот… Се разбира покрај овој актерски сон остварен од 23-темина без исклучок беспрекорни актери е и режисерот Александар Морфов кој познатото четиво на Кен Кејси преточено во култниот филм на Милош Форман го прави вистински сценски, театарски спектакл! Видовме една мала – голема лекција како сето тоа може да функционира беспрекорно речиси како часовник иако играта и презентацијата на лудилото дозволуваат извесна лефтерност. Во оваа смисла дури и да ја имаше, лефтерноста не ја видовме! Четата на Морфов ја предводеше извонредниот Дејан Донков (Мекмарфи) со Радостина Врангова (сестра Речит) и останатите кои се беспредметно да се бројат, бидејќи со своите актерски персоналитети создадоа едно живо тело кое одамна не сме го виделе не само на нашите сцени! Дека оваа воодушевеност на вашиот потписник на овие редови не е случајна и само субјективна, потврда се и речиси петнаестминутните овации и аплаузи со кои беа испратени од сцената на МНТ извонредните актери и режисерот Морфов кој не удостои со поклон…

Присутноста на луѓето од театарската фела од Македонија (најбројни беа оние од театарот домаќин МНТ), верувам, беше можност да се види како треба и мора да се работи да се достигне еден врвен резултат! А во оваа смисла во однос на врвноста Летот… не само што не прелета со неизбришлива трага, ами и остави сеќавање и спомен кои ќе траат…
Ова гостување на “Иван Вазов” и Морфов е само поттик за понатамошна дружба со МНТ ФЕСТ а за тоа ќе имате можност веќе вечерва (20 ч.) кога на сцената ќе биде црногорскиот Народен театар со “Евримен Џилас” на авторот и режисер Радмила Војводиќ.

Борче ГРОЗДАНОВ