Со солзи и аплауз испратен големиот македонски драмски маг
“Стефановски е најзначајната појава во македонската повоена книжевност. Станува збор за писател од сосема друг ков. Горан не ги создаваше драмите, тој ги откриваше, исто како Блаже Конески, кој ја откри песната “Тешкото“, бидејќи таа веќе беше создадена“, рече академик Георги Старделов, посочувајќи дека за творештвото на Стефановски допрва ќе се пишува и допрва ќе се анализира неговото дело и она што го остави зад себе како драмски автор
“Не знаете да се чувате… живеете на вересија… ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ (Диво месо), ова е само една од репликите во драмите на Горан Стефановски, а кои засекогаш ќе останат запаметени како спомен на делото на големиот македонски драмски маг.
Со читање цитати и мисли на Горан Стефановски, со проекции на секвенци од неговите познати драми, видео и аудиопораки, телеграми со сочувство, со многу солзи и долг, неколкуминутен аплауз, македонската уметничка, академска и писателска јавност, денес, на комеморативна седница во Драмскиот театар-Скопје се збогува од големиот македонски драмски писател Горан Стефановски, кој на 66 години почина, на 27 ноември во Кентербери, Велика Британија.
Актери, академици, режисери, професори, писатели зборуваа за неговиот живот и дело, од неговото детство, љубовта кон театарот, неговата педагошка дејност, заминувањето во Велика Британија, неговото значење како македонски драмски автор, неговата меѓународна репутација, но и за неговите светови (домови – театарот, Македонија, Англија), неговата откорнатост, неговата носталгија и вечен сон за домот. Режисерите Паоло Маџели, Александар Поповски, Дејан Дуковски со видео и аудиопораки и писма, емотивно и со растреперен глас се простија од својот пријател, професор и ментор за кого ги врзуваат лични спомени и сеќавања, но за вечно да го паметат, бидејќи оставил голема трага во нивните животи, а академик Георги Старделов и Анета Дучевска, декан на Филолошкиот факултет “Блаже Конески“, пак, зборуваа за неговото значење како еден од најмаркатните современи македонски писатели.
“Стефановски е најзначајната појава во македонската повоена книжевност. Станува збор за писател од сосема друг ков, тој ја носи поетиката на побунет човек. Горан не ги создаваше драмите, тој ги откриваше, исто како Блаже Конески кој ја откри песната “Тешкото“, бидејќи таа веќе беше создадена“, рече академик Георги Старделов посочувајќи дека за творештвото на Стефановски допрва ќе се пишува и допрва ќе се анализира неговото дело и она што го остави зад себе како драмски автор. Старделов воедно посочи и еден дистих од Ацо Шопов, кој како што рече тој, повеќе се однесува на Горан Стефановски, а гласи “Откривајќи ја татковината, го открив светот, откривајќи го светот, ја открив татковината“.
Професорката и актерка Синоличка Трпкова, пак, зборувајќи за Стефановски потсети на една реплика во драмата “Црна дупка“, која ја објаснува желбата и сонот на нашиот човек за подобар живот, но посочи и за подготовката која таа, Стефановски и режисерот Слободан Унковски ја имале оваа година за втората “Бушава азбука“, која Стефановски ја крстил “Бушав буквар“. Таа истакна дека со Унковски ќе ја продолжат мисијата на описменувањето на македонските деца.
На комеморацијата присуствуваа неговиот татко, Ристо Стефановски, и неговиот брат, познатиот гитарист Влатко Стефановски, а телеграми со сочувство испратија и премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов.
А неговите цитати од драмите “Диво месо“, “Лет во место“, “Хај-фај“, “Дупло дно“, “Тетовирани души“, “Црна дупка“, “Лонг плеј“, неговите мисли за животот, за копнежот, вистината, сонот, јавето на македонскиот човек, како да ја сечеа душата на секој од присутните во салата, одекнуваа во темнината, тие кажаа се!
И затоа Драмски со право се збогува со Стефановски со зборовите: “ Наш Горане, не можеме да бидеме поголеми од тебе во зборот и затоа ќе те повикаме тебе со твоја реч: “ Уште си тука, зад кулиси, само излезен на пауза. Кажи ни – дека нема смрт!“
www.vecer.press