Премиерно во Театарот за деца и младинци: Првиот македонски мјузикл за деца со деца

“Земја во која не се стигнува“ –

“Земја во која не се стигнува“, првиот македонски мјузикл за деца во кој играат деца, по текст на Оливера Николова, а во режија на Виолета Џолева, премиерно ќе се прикаже на 9 декември (недела) со почеток од 19 часот во Театарот за деца и младинци. Музиката, или 15-те песни во мјузиклот, се компонирани пред 55 години од Александар Џамбазов, музички продуцент е Александар Митевски, а музички аранжер Дамир Имери. Кореографијата е на Кренаре Невзати, а костимографијата на Елена Дончева.

 

“Ова е прв детски музикл во историјата на овој театар“, вели Катарина Илиевска- Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци која настапува во мјузиклот заедно со актерите Драган Спасов – Дац како гостин од МНТ и Мартин Јорданоски. Децата, пак, кои глумат, играат и пеат во претставата, а избрани на аудиција од 130 учесници, се Јован Петровски, Лука Златков, Петар Златков, Михаил Николовски, Александар Грчев, Јован Дукмеџиев, Ена Исмаили…

Како што истакна Џолева, потребно е само да се вратиме 55 години наназад и да видиме колку сме имале сериозни творци, автори и врз основа на нашата традиција да продолжиме да го правиме она што знаеме да го работиме. “Традицијата не почнува од нас, туку од нашите предци и тоа треба да го надградиме. Со овој мјузикл на еден начин ги реинкарниравме Џамбазов и Николова. Денес веќе никој не пишува радио драми, драми за деца, музика за деца… Се се прави наменски, исклучиво за фестивали, нема текстописци за деца. Ова можеби ќе биде поттик да почне повеќе да се твори за деца“, рече Џолева. Зборувајќи за дејството во претставата таа открива: “Во ‘Земја во која не се стигнува’ има пет момчиња кои се нездоволни и поаѓаат во чудна земја…и го измислуваат чичко Се“.

За актерот Драган Спасов – Дац, пак, ова е трета претстава која ја игра во Театарот за деца и младинци, по „Силјан штркот шанца“ и „Кралот кускуле први“. Како што посочи тој, во неа, заедно со пет момчиња бараат подобра земја за живеење. За процесот на работа, тој истакна дека бил несекојдневен бидејќи по подолга пауза работи со деца.

Од ТДМ посочија дека за претставата од Министерството за култура биле доделени половина од парите кои биле побарани, а упатија и апел до надлежните за обезбедување на поголема сцена за овој театар.