Диме Илиев или Чичо Диме како што го викаат во неговата матична театарска куќа “Драмски” и во седмата деценија од својот живот, само една година пред пензионирањето, за публиката игра со несмалена енергија и ентузијазам, но и со огромно искуство кое го стекна преку бројните ангажамни во театарски претстави, филмови, ТВ серии… И во најновата претстава на Драмски “Фестен”, сложена психолошка приказна за едно семејство, тој ја има една од главните улоги…
Во најновата претстава на Драмски “Фестен” ја играте улогата на татко на едно семејство со сите негови мрачни тајни. Меѓу улогите кои се сметаат за една од вашите најдобри креации е исто така улога на татко во “Човекот што го изеде светот”. Што всушност за Вас приватно значи семејството?
Што ми значи семејството? Тоа е се! Целиот живот го живееш за тоа! Додека си млад, децата растат, пораснале и без да сетиш, некако си немал многу време, времето поминало, и сега на 67 години се прашуваш, каде си бил, што си направил?! Знам, каде бев и што работев. Пропуштеното со трите деца – сега го барам во внуците од син ми и ќерка ми, Петра и Ведран (се надевам ќе има уште мнoгу во иднина) . Ги гледам како растат, проодуваат, се смеат, зборуваат (многу смешно) и сега се трудам да “испеглам” многу пропуштени нешта. Живеам со нив и за нив и така ќе биде до “оној ден”. Улогата што ја играм во последната претстава “Фестен” е грозна – за мене. За разлика од улогата во “Човекот што го изеде светот„, каде што играм старец со деменција, овде немав “урнек”, немав пример по кој би го работел ликот. Не познавам таков човек лично, па се водев и работев само по напишаното во текстот, по интуиција и некои примери за кои често гледаме и слушаме по медиумите. Една колешка на премиерата ми рече: “Чичо Димо – ти си монструм!” Убаво е и кога ќе слушнеш “лоши” и “неубави” коментари. Улогата ја сакам, ликот – не! Ја сакам претставата и колегите, прекрасните ликови во неа.
Во својата долга и плодна кариера имате одиграно над сто ликови. Дали Ви се случило сепак некогаш да одбиете некоја улога?
Сум играл и епизоди со по неколку реплики. Некогаш и сам сум барал, посебно кај Коле (Ангеловски). Но и сум одбил, но тоа се случило не повеќе од 4-5 пати. И тоа не поради мали или лоши улоги (во сите сум наоѓал по нешто) туку од други причини. Ќе ви кажам еден “непримерен“ пример. Со Ѓокица (Лукаревски), во една претстава (за која ја добив наградата “Ристо Шишков„) игравме главни улоги. Идната година, истиот режисер, доби повторно можност да режира во Драмски – поради успехот на претходната претстава. Јас и Ѓокица бевме во поделата, требаше да играме “стражари“ – со по две реплики. Морав да одбијам, многу бев повреден, Ѓокица подобро да не кажувам.
Колку психозата во театарот влијае на психата на Диме Илиев?
Многу. И не само кај мене. Она што се случува на работа, влијае врз животот на секој од нас. Но она што ни се случува во приватниот живот, не се отсликува во работата. Тоа го чуваме само во себе. Сепак публиката не треба, а и не мора да знае дека со нас – со ликот, нешто не е во ред. За оние кои не го познаваат процесот на работа и што ни се случува за време на претставата, нашата работа е интересна и весела, но оние кои го познаваат, знаат дека тоа е една од најстресните професии.
Сте играле не само во театар, туку и во серии и филмови, а Вашата улога на Петко во култниот филм “Исправи се Делфина„ сите ја паметат. Што Ви беше поголем предизвик во животот, театарската сцена или камерата?
Театарот! Сум снимал филмови – иако не многу, но многу ТВ-серии, драми, ТВ филмови, сето тоа си има своја убавина, свој шарм, прекрасни моменти, но снимаш често во дисконтинуитет и не знаеш што ќе биде од тоа. Таму нема напнатост, нема тензија, ако погрешиш, ќе преснимиш. Во театарот тоа го нема. Претставата е “сега„ и нема враќање. Чувството е прекрасно после добра претстава, кое го немаш по добро снимена сцена или кадар. Ги сакам сите работи поврзани со мојата професија, речиси исто, но за малку театарот е во предност.
Кажете ни нешто повеќе за релацијата помлад – постар во театарот, или поточно може ли да направите споредба за почитта некогаш и денес?
Со помладите колеги секогаш се трудам, а и сакам да “живееме” и на сцена и зад неа. Тоа е останато, тоа беше фах на Драмски. Така растев како актер така се однесувам со помладите колеги. Не сите, но повеќето сакаат покрај анегдотите, да разговааме, да слушнат што мислам за она што го работиме, бараат совет, со поминатите години, подобро се гледа. Во последните десетина години, многу работам со млади колеги, па и режисери. Тие мене ме враќаат во минатото, ми даваат живот, јас им кажувам за иднината, се трудам да им дадам сигурност.
Се вели дека актерот никогаш не оди во пензија. Ќе се пензионира ли навистина Диме Илиев или ќе продолжи со театарскиот ангажман и по пензионирањето?
За жал, актерот сепак оди во пензија. Идната година. Здравје! Без работа е тешко, не знам што ќе правам. Но некако ќе се живее. Можеби уште ќе бидам потребен, има текстови со “старци„. А ако нема, па добро – се изнаиграв!
Од перспективен агол има ли театарот вистинска публика денес?
Тешко прашање. Што е вистинска публика?! За мене тоа се луѓето кои кога ќе ме видат велат дека од деца доаѓаат во театар, оние кои ќе сакаат да направат муабет за некоја претстава што ја гледале или прашуваат што да гледаат. Оние кои искрено ќе те наградат со аплауз или коментар за добрата претстава или критикуваат за лошата. Мојот помал син, Филип, е мојот најголем критичар, но и прв кој ми кажува ако нешто навистина вреди. Кога имаше пет години ја подготвувавме “Кумови” и Коле (Ангеловски) го прашуваше него за мислење. Го прашавме зошто го прави тоа, кажа дека децата се најискрената публика. Ова го кажувам затоа што не смееме да ги заборавиме најмладите, тие се наша идна публика. Добро, детето порасна, но репутацијата му остана, а и често оди во театар па е добар критичар. Убаво е таа навика за културен живот да ја добијат кога се мали, и да, годините не се пречка за нивното трпение, доколку вистински им се објасни каде доаѓаат и како треба да се однесуваат. Затоа што имаме и возрасна публика, луѓе кои доаѓаат во театар да се покажат или да бидат забележани -по гардеробата или со тоа што за време на претставата ќе дофрлуваат досетки и вицови. На премиерата на “Фестен” во најтешката сцена (за мене) заѕвони мобилен. Застанав и гледав во тој правец. Телефонот престана, па продолжив. Тешко е. Со месеци си надвор од дома и не го гледаш семејството и пријателите, за да го направиш тој момент најдобар што можеш и да и го”подариш” на публиката, а некому му е тешко да го исклучи мобилниот и да проба да преживее без него еден до два часа. Но, и тоа е публика. Публика секогаш имало – за добрите претстави! (Д.Т.)
/vecer.press/