Колегите и пријателите се простија од театарскиот бард Мите Грозданов:

Актерите никогаш не умираат, тие кристализираат во споменот…

“Мите Грозданов беше, е и ќе остане ненадминат во својата професија“, го започна своето обраќање актерот БлагојаЧоревски на денешната комеморација која се одржа во Драмскиот театар по повод смртта на неговиот колега Мите Грозданов. Чоревски посочи дека Мите има одиграно над 150 улоги во неговиот матичен Драмски, но и низ театрите во Македонија и пошироко.

“Тој беше првиот македонски актер кој ја освои престижната југословенска награда “Златен ловоров венец“ во 1968 за главната улога во претставата “Партитура за еден Мирон“, рече Чоревски набројувајќи ги големиот број награди со кои се закити Грозданов, притоа споменувајќи дека во 2017 година Грозданов го одбележал и 50-годишниот јубилеј на професионална кариера со претставата “Од инат, заинат, поинат“ во Драмскиот театар.

Чоревски не заборави да ја спомене и неговата педагошка дејност додавајќи “Беше духовен водич на Театар Македонија, каде што како педагог и режисер – учител низ неговите раце поминале многу млади, талентирани актери“.

 

Беседа за театарскиот бард Мите Грозданов имаше и познатиот македонски режисер Бранко Ставрев.
“Актерите никогаш не умираат, тие кристализираат во споменот, што е јадрото на човековото живеење“, рече Ставрев кој посочи дека е тешко да се одреди неговата естетска припадност бидејќи тој не и дал предност ниту на една театарска школа, туку дека прифаќајќи ги сите си направил своја. “Љубопитството на Мите ѕирна и во поетиката на Еврипид, и во трагедијата на фамозниот Вилијам, и во системот на Станиславски, и во малиот органон на Брехт, и во комедијата дел арте на Руцанте… и во апсурдниот театар на Мрожек, Бекет, Јонеско или Пинтер…“, посочи Ставрев истакнувајќи дека кога Мите Грозданов не глумел професионално, режирал аматерски, кога не режирал, ја пишувал неговата поетска “Трилогија“, кога не пишувал, пеел тешки песни, а кога не пеел, играл монодрами. “И не, немаше едно чудо професии, имаше само една – беше глумец! А тоа соединува се: и сиот живот, и сите вештини на светот“, истакна Ставрев посочувајќи дека во животната битка ако на актерот му го одземеш зборот, сепак не можеш да му го одземеш паметењето, и сеќавањата и спомените за него.

Со долг и емотивен аплауз, присутните колеги и пријатели на комеморацијата во полната сала на неговиот матичен Драмски театар го испратија театарскиот бард Мите Грозданов кон неговиот вечен дом…

https://vecer.press

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *