Актерот Мите Грозданов замина на небесна -та “ Сцена “

 

СО СИТЕ

Во комедијата „Лето“ што самиот ја напишав и ја поставив на сцената на театарот „Антон Панов“, на младиот Мите Грозданов му поделив улога на руски емигрант, кој еден господ знае, како заскитал во слепото црево на Македонија, да не речам под царевите кули на Тиверија. Кутрото човече, кој го подзаборавил мајчиниот, а не го научил струмичкиот, дебитантот го одигра за аплауз на отворена сцена. Од тоа уметничко лето кинисавме заедно и талкајќи низ сите театарски годишни времиња и невремиња стасавме во оваа монографија, ветена и посветена на актерот со плод од винова лоза во презимето, за кој, да беше жив Шекспир, ќе речеше дека е „од најдобрите на светот, сакате за трагедија, сакате за комедија, сакате за историска драма, сакате за пас – то рална игра,сакате пасторално-комична“…сакате за монодрама, сакате за дуодрама, сакате за радиодрама, сакате за тв-драма, сакате за на филм, сакате за во професионален, сакате за во аматерски, Театар “ Македонија “…

Љубознајноста на Мите наѕре и во Вилијам и во „Шекспир наш совр е – меник “ на Јан Кот, и во „Системот “ на Станиславски, и во „ Малиот органон “ на Брехт, и во комедиите Дел арте на Руцанте, и во Сир ом а шниот театар на Гротовски, и во Театарот-чума на Арто, и во водвиљскиот на Фејдо и во авангардниот на Мрожек, Бекет, Јонеско, Пинтер.

Не давајќи и предност на ниедна од споменативе театарски поетики, тој ги прифати сите, за од нив да изгради своја сопствена. Не е непозната праксата професионалци да соработуваат со аматери од кои ќе се родат нови актери, режисери, драматурзи или само добри гледачи, но во случајот „Грозданов“, тој добива димензии кои се карактеристични само за него.

Како од раѓање да знаел дека нема ниту професионализам, ниту аматеризам, доколку под тие фамозни поими не ги подразбереме сите облици на љубовта. Токму поради тоа во порталот на професионализмот, кој веројатно е изведен од професија и аматеризмот,кој сигурно извира од чистата љубов, тој ја смести смислата на својот живот.

Не е исклучено тоа негово уверување да се должи на фактот дека први учители по театар му беа актери-чевлари, актери-месари, актери-шивачи, актери-банкарски и судски службеници, актери-домаќинки, актери- студенти…и други самоникнати ентузијасти, на кои им беше достатен само талентот за да блескаат од сцената.

Кога не глуми професионално во матичниот Драмски театар, режира аматерски каде што ќе стигне и пристигне, особено во неговиот приватен театар „Македонија“. Кога не режира ги пишува стиховите за својата „Трилогија“.

Кога не пишува, им пее коледарски, тешки или патриотски песни на пријателите. Кога не е во тој ритуал што го воскреснува детството, ги игра неколкуте свои монодрами по домовите за култура, училиштата, театрите и амфитеатарите, па дури и по караулите на македонските граници.

Живее и создава како да е дух од патувачкиот театар „ Боем “ на неговиот учител и колега Петре Прличко.

Сам е.

Ама со сите свои…

Играл и во „ Партитура за еден Мирон “ на Коле Чашуле и во „ Големиот чичо“ на Васе Манчев и во „Пиликатник“ на Антон Панов и во „Кенгурски скок“ на Живко Чинго и во „ Мартолозот “ на Григор Прличев…бил и Артуро Уи, и Брехт дури, бил Чехов, бил „Самоубиец“, бил „ Дрво на ридот “, бил- „ Ќумурџијата…“

Но, ролјата на Иљо М. што ја одживеа во „ Големиот смок “,“ Сенката “ и „Пуста земја“ на Митко Маџунков, бездруго е утока во која се влеваат сите други актерски дострели на доајенот на македонското глумиште Мите Грозданов. И во време она и во време ова, не ме напушта уверувањето дека преку Иљо М. актерот ни кажа и ни премолча важни нешта и за себе самиот.

„Ти изгледа, не знааш, с’с кој си им’ш работа?!

Ти ак си ут пуста земја, јас с’м поутпуста, ут најпустата пустина зат пуста земна…“

Гледам во далечините како драмскиот лик со М во презимето инеговиот исполнител со плод од винова лоза во  презимето жилаво сербесно, курназно, ја влечкаат колата на теспис,крстосувајќи ги макадамите на Македонијава.

Думаните што ги креваат зад себе не се толку густи за да ни ја замаглат сликата на нивното постоење.

Иљо М. и М.Грозданов ујдисани како еден, навистина можат да ја победат смртта со еден расц’вт’н минд’л и со

една шљупка ут урех.

 

БРАНКО СТАВРЕВ

( дел од монграфијата “ Мите – сцена, живот “ 2012г. ја напиша Борче Грозданов )