Современа верзија на култниот Нова естетика, современост и мултимедијалост.
Претставата која својата премиера ќе ја има вечерва започнува во 20 часот, а режијата е на Ѓорѓи Ризески кој вели дека направиле оригинална верзија:
„Ова е претстава за живите кои се справуваат со смртта. Тргнавме од тоа дека претставата не е поставена долго време, дека денес живееме во друго време, дека тематиката е вечно присутна и трае, но едноставно идејата беше како ние денес гледаме на таа тема и како денешните ликови се справуваат со оваа тема која постоела и постои“.
Меѓу екипата која брои 16 актери е и Магдалена Ризова, која во деведесеттите како дипломец играла во „Викенд на мртовци“ на сцената на Драмски, но сега, како што вели нејзиниот колега, актерот Роберт Ристов претстaвата е со многу поразлична естетика.
„Имајќи ги поставеностите на претставата и филмот, сакавме да го избегнеме тој реализам. Трагавме по една поинаква естетика во групните сцени, а кога се групни сцените потребна е поголема усогласеност меѓу актерите, поголемо ангажирање и секогаш е тоа потешко за реализација“, додаде Ристов.
По шест години, на сцената на Театар Комедија, публиката ќе може да ја види и актерката Жаклина Стевковска која споделува дека процесот бил особено сложбен за неа. Уметничката директорка пак, Мирјана Ристов раскажа дека одлуката да се работи на една современа верзија на „Викенд на мртовци“ било ризик за целата екипа:
„Ризик е дали ќе биде подобра или барем на исто ниво. Многу често публиката знае да суди по гледаното, да има оформено свој став и да смета дека претходното е подобро. Нескромно кажано, оваа актерска екипа направи многу подобро ниво, зашто веќе имаме современа претстава, која опфаќа современа тематика, а ќе има и видео бимови на сцената“.
Оваа претстава, вчеравечер ја имаше својата претпремиера, а следната изведба по денешната премиера е на трети декември.
/ M.П /