ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈА ЗА ДОАЈЕНОТ НА МАКЕДОНСКОТО ГЛУМИШТЕ

Претесна салата за да се почувствува Мите Грозданов

Ова е книга за слободниот човек што успеал да го доживее будењето, рече режисерот Бранко Ставрев, славејќи го името на актерот

Претесна беше завчера малата сцена на Драмскиот театар да ги прими сите гости на доајенот на македонското глумиште, актерот Мите Грозданов. Повод – промоција на монографијата за неговото дело и живот насловена “Мите – сцена, живот…”.

“Монодрамите се најголемата Митева љубов, иако тој не признава”, рече авторот Борче Грозданов, автор на монографијата, театарски критичар во Вечер и син на Мите, пред околу 200 гости, откако Мите со актерски авторитет ја надглуми, ја отплака, ја отпеа и ја натпеа неговата монодрамска приказна за Македонија, и тоа во дел заедно со син му!

Емотивната промоција од час и половина, по монодрамата “Историска хронологија”, продолжи со зборовите на промоторот, писателот Блаже Миневски, кој барајќи недостатоци на делото, пронашол дека недостига само гласот, оти никоја книга не може да го долови гласот.

“Ретки се книгите што на таков убав и сублимиран начин ги собираат сите емоции распослани од убав актерски ангажман. Има такви убави пасажи, парчиња што наликуваат на приказна што е просто неверојатно. Монографијата е комбинирана на современ начин. Борче се обидел да ги концентрира темите, односно интересите на Мите Грозданов. Прочитав фасцинантни податоци кои се за восхит. На пример околу 2.500 ноќи поминати само во Драмски театар”, рече Миневски, рецензент на монографијата.

Човекот што го заокружи славењето на тандемот Грозданови беше режисерот Бранко Ставрев, велејќи: “Ова е книга за слободниот човек што успеал да го доживее будењето”!

(Де.Т.)
ФОТО: Д. МИТРЕСКИ