Нов театарски фестивал: „Театар во куфер“

„Театар во куфер“ патувачкиот театар

“Целта е театарот да го вратиме на почетокот, да прикажеме еден подзаборавен модел на театар, кој е маргинализиран или од институциите или од самите актери. Во настојувањето да се претстават спектакли, оваа форма е заборавена. Од премногу национални театри, имаме премалку театар“, рече Трајче Кацаров, уметнички директор на фестивалот „Театар во куфер“, чие прво издание ќе се одржува од 9 до 20 ноември во Штип во организација на Домот на млади од овој град

“Идејата на нововоспоставениот Меѓународен театарски фестивал насловен „Театар во куфер“ е театарот да се врати од времето на патувачкиот театар кога се што му било потребно на актерот било собрано во куфер и со него тој можел да игра секаде и пред секого. Тој театар е близок и непосреден со гледачот и го става во функција на активен учесник“, рече Трајче Кацаров, уметнички директор на фестивалот, чие прво издание ќе се одржува од 9 до 20 ноември во Штип во организација на Домот на млади од овој град.

Фестивалот ќе биде отворен со „Европејци“ на Театарот „Драфт“ од Тузла, Босна и Херцеговина (9 ноември), а во наредните денови ќе бидат изведени и домашните претстави: „Дисфункција“ на Младински интимен театар од Битола (10 ноември); „Убавите жени“ – поезија и театар на актерот Страшо Милошевски (13 ноември); „Женска утопија“ – според драмите на Јордан Плевнеш (15 ноември); „Петтиот чин“ на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица (16 ноември) и „Чекачот“ на Театар за гледање и слушање од Штип (20 ноември).

“Станува збор за еден поинаков фестивал и театар, кога тој се обраќал кон народот, зашто не може да игра некаде сам за себе. Целта е театарот да го вратиме на почетокот, да прикажеме еден подзаборавен модел на театар, кој е маргинализиран или од институциите или од самите актери. Во настојувањето да се претстават спектакли, оваа форма е заборавена. Од премногу национални театри, имаме премалку театар“, истакна Кацаров кој е драматург во Народниот театар Штип.

Во рамки на фестивалот на 14 ноември ќе биде одржан и симпозиумот насловен „Патувачки театар“ со Мишел Павловски, Гоце Ристовски, Христо Петрески, Трајче Кацаров и Кристина Костова како учесници.

Според директорот на Домот на млади во Штип, Горан Трајков, првото издание на „Театар во куфер“ ќе биде почеток на традиција, а оваа година фестивалот ќе има ревијален карактер и затоа сите учесници ќе добијат статуетка Арлекин. За идната година планираат фестивалот да има натпреварувачки карактер со доделување награди.

Како што посочија организаторите, тие сакаат фестивалот да остане верен на првичната идеја, затоа што тоа е и една од причините за неговото основање. “Честопати многуте театарски фестивали во Македонија ја напуштаат првобитната замисла и ја менуваат целната група. Фестивалот во Прилеп повеќе не е само за домашни претстави, „Стоби“ не е само за античка драма, „Ристо Шишков“ повеќе не е само за камерни форми“, додаде Кацаров.

Покрај на сцената на Домот на млади во Штип, претставите ќе се изведуваат и во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“.

М. Петрески