Кога сонот станува јаве
– Нова Македонија 07.08.2012
На фестивалот, кој имаше натпреварувачки карактер, учествуваа осум театри од земјава и од светот. Организаторите се надеваат дека тој ќе прерасне во препознатлив бренд, бидејќи „Битолино“ и официјално е на мапата на светските детски театарски фестивали.Со претставата „Розовиот соновник“ во изведба на театарот „Мала сцена“ од Загреб, Хрватска, завчера во Битола, во Центарот за култура, почна второто издание на интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Ова манифестација за најмладите, што завршува денеска, е во организација на битолскиот театар „Бабец“ и се одржува во рамките на „Битфест“, со поддршка на општината Битола и на Министерството за култура на Македонија.На фестивалот учествуваа осум театри од земјава и од светот, а на првиот ден, освен гостите до Загреб, во Народниот театар околу 450 деца можеа да ја проследат и претставата „Не можеме да останеме на ова“ на театарот „Тијатротем“ од Истанбул, Турција. На репертоарот во голема сала на Центарот за култура Битола беше и „Јованче и Марика“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица. – По претставите на нашите пријатели од Хрватска и од Турција и по претставувањето на струмичкиот театар на првиот фестивалски ден, во понеделникот продолживме со гостите од Бугарија, од театарот Враца, со претставата „Малата вештерка“. Потоа ги видовме членовите на театарот „Пан“ од Лугано, Швајцарија, со претставата „Тик и Так“, која беше без текст туку со пантомима. Потоа следуваше гостувањето на детскиот театар „На портата на Нарва“ од Санкт Петербург, Русија, чии глумци ја изведоа „Пепелашка“ на Шарл Петро. Вчера, на последниот ден на фестивалот, први настапија гостите од Западен Јоркшир, театарот „Раскажувач“ со „Снежната кралица“ и театарот „Додона“ од Приштина со урнебесната
претстава за деца „Том и Џери“, работена по мотиви на истоимениот цртан филм. И за крај, за сите деца театарот „Бабец“ по повод двегодишнината од постоењето приреди слатко изненадување, дружење на јунаците од бајките за сите дечиња на незаборавна роденденска забава во фоајето на Центарот за културата. Исто така, можеа да се донираат средства или играчки за Домот за доенчиња во Битола – рече директорот на фестивалот Васко Мавровски.Идејата за детски театар во Битола ја зачна еден голем актер Петар Стојковски-Бабецот, уште во далечната 1968 година. – Долги години растеше овој сон и еве тоа се претвори во една успешна приказна. Работевме неуморно, создававме театар, создававме љубов, а за возврат добивме насмеани детски лица, солзи, восхит,љубов… Магијата нѐ понесе, нѐ инспирира, ни даде мотив да продолжиме да создаваме. Се роди фестивал, отворивме нова страна во македонската театарска историја, го создадовме првиот интернационален детски театарски фестивал „Битолино“ – вели Мавровски. Тој се надева дека интернационален карактер на фестивалот ќе помогне во промовирањето на Македонија, како земја, во која се посветува внимание на театарот наменет за најмладите, со чија помош се врши едукација и се создава елементарнатеатарска култура од најмали нозе. Од театарот „Бабец“ ќе се залагаат овој фестивал ќе прерасне во препознатлив бренд, бидејќи до јануари „Битолино“ и официјално се најде на мапата на светските детски театарски фестивали.
М. Петрески