IN MEMORIAM Милена ДРАВИЌ – Убавицата си појде при Ѕверот

 

   АКТЕРКА НА ВЕКОТ

/5. 10.1940 – 14.10.2018/ не напушти на 78 години

Големата српска актерка Милена Дравиќ почина во Клиничко-болничкиот центар Бежаниска коса. Милена беше таму на лекување, беше во лоша здравствена состојба во последните неколку дена, лекарите се обидоа сè, но немаше спас. Пред две и пол години таа остана без сопругот Драган Николиќ и оттогаш се бореше со болеста. Ова лето гостуваше во Пула, Херцег Нови и Палиќ, каде што беше промовирана монографијата за неа. Таа е една од најголемите актерки што ги имала Србија и Југославија.

Милена Дравиќ е родена на 5 октомври 1940 година во Белград.

Љубов што трае

 14 април 2005

 МАКЕДОНИЈА Е НЕОДМИНЛИВ ДЕЛ ОД МОЈОТ ЖИВОТ. И МАКЕДОНИЈА БЕШЕ МОЈА ТАТКОВИНА, ЗЕМЈА НА МОЕТО РАЃАЊЕ, НА МОЈАТА МЛАДОСТ И СОЗРЕВАЊЕ. КАЈ ВАС И ПОНАТАМУ ЈА ИМАМ СВОЈАТА ПУБЛИКА КОЈА СЕ РАДУВА НА ОНА ШТО ГО РАБОТАМ, ВЕЛИ МИЛЕНА ДРАВИЌ ГОЛЕМАТА АКТЕРКА ОТКРИВА И ЕДНА “ТАЈНА” ОД ЗАЕДНИЧКОТО ЖИВЕЕЊЕ СО ДРАГАН НИКОЛИЌ: МОЈАТА ДОВЕРБА ВО ЧОВЕЧКИТЕ И УМЕТНИЧКИТЕ КВАЛИТЕТИ НА МОЈОТ СОПРУГ И ОБРАТНО, СE`, ВСУШНОСТ, СИЛАТА СО КОЈА УСПЕВАМЕ ДА БИДЕМЕ НАД СЛАБОСТИТЕ И ТЕШКОТИИТЕ

 

Се почна пред точно пет децении, кога несудената балерина која на сцената стапнала уште на 4-годишна возраст, го сними првиот филм – “Вратата останува отворена”. Оттогаш за Милена Дравиќ, актерката на векот според публиката во Србија и Црна Гора, има снимено 92 филма, 150 телевизиски серии и одиграно многу улоги во театар. Добитник е на сите можни признанија во својата земја и надвор од неа. Чест гостин е на Кан, Венеција и на други престижни фестивали. За неа, како за ретко кој, подеднакво позитивно се врзува публиката, но и критиката. Од првите стекнува популарност и обожавање, од другите пофалби и награди. Со овие атрибути, несомнено, Милена Дравиќ е едно од најзначајните имиња во уметничката фела кај нашиот северен сосед. Во Македонија била многупати. Неодамна ни гостуваше со претставата “Бокешки Д-мол” на Културниот центар од Тиват. И повторно беше примена со подеднаква љубов и топлина. Како никогаш и да не се разделила од својата македонска публика.

Очигледно, Вие ни значите нешто. Што Вам ви значи Македонија?

– Македонија и времето поминато во неа се неодминлив дел од мојот живот. И Македонија беше моја татковина, земја на моето раѓање, мојата младост и созревање. Каде и да одев – во Пула, Венеција, Кан, Лондон или Париз, јас како уметник, меѓу другите, и неа ја претставував како дел од нашата тогашна татковина, Југославија. Никогаш тој дел од мојот живот нема да биде заборавен. И денес го имам тоа чувство, пред се, затоа што секогаш кога ќе дојдам овде се чувствувам како добредојден гостин. Кај вас и понатаму ја имам својата публика, која ме цени и се радува на она што го работам.

Што е поголема магија, камерата или сцената?

– Магија се и сцената и камерата. Обете ја бараат вистината. Ако како актер успееш потполно да им се посветиш, и да се сродиш со ликот кој го толкуваш, тоа значи дека си ја постигнал вистината. А, најголемата магија се состои во тоа публиката да ти поверува.

Алхемијата – живот ве спои со човек од вашиот ков, речиси исто толку признат и познат. Колку знае (или не) таа набиена енергија понекогаш и да попречи?

– Мојата и кариерата на Драган течеа паралелно. И тој и јас работевме и работиме на сите три медиуми – филмот, телевизијата, театарот. Навистина, ретко бевме партнери. Мене лично поради тоа ми е неизмерно жал. Секако дека темпото на работа и живот носи со себе и убави и тешки моменти за обајцата. Сепак, сметам дека успеавме таквите ситуации да ги надминеме. Како што рековте, ние сме луѓе од ист ков, со исти погледи на свет и имаме заеднички круг на пријатели. Мојата доверба во човечките и уметничките квалитети на мојот сопруг и обратно, се, всушност, силата со која успеваме да бидеме над слабостите и тешкотиите.

Вие сте една од првите која ја помина хрватската граница, во уметничка смисла. Кажете ни нешто повеќе за тоа искуство?

– Со претставата “Лари Томпсон или трагедијата на една младост” од Душан Ковачевиќ со театарот “Звездара” и се претставивме на загрепската публика пред три и пол години. Игравме три ноќи по ред во преполна сала и на крајот бевме испратени со овации. Беше тоа нешто повеќе од игра. Тоа беше настан и за нас и за публиката. Нешто подоцна, со “Бокешки Д-мол” во два наврати гостувавме во Пула, Риека и Загреб. Успехот и чувството беше слично како претходното. Тоа говори дека границите, особено во уметноста, се глупост.

По пет децении креативна работа и огромна творечка патека оставена зад себе, дали чувствувате дека има нешто што би сакале да одиграте, нешто што е Ваш неостварен сон и дали сте блиску до негово остварување?

– Сакам да одиграм улога на филм која ќе ме исполни со радост и задоволство. Кога подобро ќе размислам, тоа отсекогаш ми била креативна желба-двигател. Во оваа смисла не сум сигурна дали сонот веќе го имам остварено.

Борче Грозданов