ДЕЦА од утре – 8то издание на ИДТФ „БИТОЛИНО“ Битола

 

Оваа година за прв пат во есенски термин од 01.10.2018 до 03.10.2018 година во Битола ќе се одржи осмото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ од Битола а како проект од програмата на фестивали од национален интерес е поддржан од Министерството за култура на РМ, Општина Битола и Светската асоцијација на детски театри АССИТЕЖ, спонзориран е од нашите верни пријатели Комерцијална банка и финансиски поддржан од: Сокотаб, Јавните претпријатија Стрежево, Водовод, Комуналец и туристичката агенција С-травел од Битола. Медиумски покровител на Фестивалот е ТВ Тера. Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола и Н.У. Народен театар Битола.

Оваа година на фестивалот ќе настапат четири театри од Македонија, Русија, Турција и Франција и театарската школа Бабец. „Бабец театар“ и покрај финансиската криза продолжи да создава театарски претстави кои пред се исполнуваат високи естетски, театарски и професионални критериуми, претстави достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои допираат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата, во периодот помеѓу двете изданија на фестивалот „Бабец театар“ на својата публика им понуди четири премиери, „Јованче и Марика“, „Бременските музиканти“ и го започнавме долго најавуваниот проект „Театар од пелени“ со првите две македонски претстави наменети за деца помали од две години „Патувањето на еден облак“ и „Приказна за тркалото“.

Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа Бабец и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот Бабец театар и Битолино веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Токму затоа ова издание на ИДТФ Битолино кое носи една многу јасна и недвосмислена порака, порака која ќе биде мото на деветтата сезона на „Бабец театар“ – Осмели се да бидеш свој – ќе биде свечено отворено токму со претстава на децата од театарската школа Бабец. Ги покануваме сите љубители на театарот сите деца и сите оние што сеуште сакаат да бидат деца без разлика на возраста да бидат дел од трите фестивалски дена и заедно да го славиме животот и радоста да ги гледаме нашите деца среќни. 01.10.2018 (понеделник) , со почеток во 11:00 часот (Н.У. Центар за култура) „Театар Бабец“ , Битола , Македонија „Приказна за тркалото“ режија: Јулијана Мирчевска Првиот фестивалски ден е посветен на презентација на се она што во изминатата година успеа да го реализира „Бабец театар“ и на наше големо задоволство ќе настапиме со првата македонска монодрама за деца „Приказна за тркалото“, претставата е дел од проектот „Театар од пелени“ наменет за деца помали од 2 години. Автор на претставата „Приказна за тркалото е Ивица Шимич кој во моментот живее и предава драматургија на престижниот универзитет во Хјуан, Кина. Со оваа претстава докажуваме дека театарот за најмалите не само што е возможен туку е и неопходен.Малите деца не разбираат се во целост но со сите сетила ја доживуваат убавата слика и зборовите со кои им раскажуваме за светот кој ги опкружува.На овој начин всадуваме во нив естетски вредности за цел живот а непосредно и подсвесно им помагаме да го разберат светот околу нив.„Приказна за тркалото“ е едукативна претстава во која со помош на рачно изработени реквизити (машини, ветерници, мелници итн) на еден мошне сликовит и забавен начин на децата му го презентираме тркалото со многу филозофски дилеми на упростени на еден детски и наивен начин. Тркалото е форма која преовладува во светот што не опкружува: тоа е насекаде и во се. Се започнува и зависи од тркалото. Фактот дека со пронаоѓањето на тркалото започна и придвижувањето на човештвото за нас постарите е ноторен факт на кој не обрнуваме многу внимание но сепак ни е интересен, а замислете што се случува во детските глави.

01.10.2018 (понеделник) , со почеток во 18:00 часот (Н.У. Народен театар Битола) „Театарска школа Бабец“ , Битола , Македонија „Јас – Македонија“ ментор: Јулијана Мирчевска Честа свечено да го отворат осмото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на децата од Театарската школа Бабец со краткиот перформанс создаден по идеа на Јулијана Мирчевска со наслов „Јас – Македонија“. Во претставата се користени текстови од најпознатите македонски драми и поезија а костимите кои ги носат децата се оригинална македонска народна носија, целта на оваа претстава е преку театар да ги запознаеме генерациите што допрва доаѓаат со историјата на македонската драма и поезија, со традицијата и обичаите на македонскиот народ.Во претставата настапуваат 23 деца членови на театарската школа Бабец.

02.10.2018 (вторник) , со почеток во 11:00 часот (Н.У. Народен театар Битола) “ La BaZooka“ – Авр, ФРАНЦИЈА „Перничеграфија“ режија: Етиен Купен и Сара Крепин Вториот фестивалски ден ќе започне со нашите гости од Франција кои доаѓаат за втор пат во Битола,театарот „La BaZooka“ е првиот танцов театар кој настапил на „Битолино“, основан е во 2002 година од познатите кореографи Етиен Купен и Сара Крепин. Добитници се на над 20 престижни награди низ цела Европа. „…„Перничеграфија“ е одговор на желбата за разиграност, обид да се победи гравитацијата, движејќи се кон танцот каде што телото се раствора во фигура која што е светла и мека: духот. Се работи за желба да се нурне во радосна вечер – време каде што само треба да пловиш и да се задржиш исправено, да скокнеш, да се движиш наоколу, а одење да стане апсурдно, тоа е да сакате да уживате во слободата, да се вратите во игрите, да бидете дух и да се вратите во животот. . ” Во претставата настапуваат 7 професионални танчери од целиот свет.

02.10.2018 (вторник) , со почеток во 19:00 часот (Н.У. Центар за култура Битола) “ Се што можеме“ – театарска работилница модератори: Јулијана Мирчевска,Етиен Купен и Сара Крепин Вториот фестивалски ден ќе продолжи со театарската работилница со наслов „Се што можеме“, децата ќе имаат единствена и неповторлива прилика да бидат подучувани од ,двата кореографи кои се на врвот европската танчерска елита, Етиен Купен и Сара Крепин. Работилницата ќе биде посветена на танцот и искористувањето на една реквизита на сите можни начини. Со помош на модераторите ќе се обидеме да ја развиваме креативноста и фантазијата на децата со помош на театарски и танцови методи.

03.10.2018 (среда) , со почеток во 11:00 часот (Н.У. Народен театар Битола) State Drama theatre for children “Theatre at Narva Gates” , Санкт Петерсбург, РУСИЈА „Пекарницата на браќата Грим“ режија: Марија Критскаја Третиот и последен фестивалски ден фестивалски ден ќе го започнеме со нашите пријатели кои по четврт пат ќе настапат на Битолино, театарот со кој пред пет години Бабец театар ја направи првата меѓународна продукција, претставата „Кнтервилскиот дух“, театарот кој пред две години ја освои наградата за најдобра претстава на Битолино, државниот детски театар „На портите на Нарва“ од Русија.Театарот е основан 1990 година и со него раководи националниот уметник на Руската Федерација Валентина Луц. Ова е еден од најпрестижните детски театри во Русија со освоени повеќе од 100 признанија. „…„Пекарницата на браќата Грим“. Што ако бајката може да се зготви? Во волшебната пекарница на браќата Грим преку денот се живее обичен живот, се пече леб и вкусни колачиња … И никој не знае дека ноќе – кога пекарницата е затворена – браќата почнуваат со вистинска работа. Овде, во волшебната пекарница, се прифаќаат нарачки за извонредни бајки. Тенџерето што зборува им помага да направат тесто за добра бајка. Па, тенџерето е лик не помалку важен од браќата. Заедничката кауза ги поврзува сите заедно: вечерва ќе ја печат “Приказна за куќата од колачиња”, па дури и триковите на најмладиот брат нема да ги спречат да го завршат нарачката навреме…“

03.10.2018 (среда) , со почеток во 13:00 часот (Н.У. Центар за култура Битола) “Tarla Faresi theater” , Измир, Турција „Семе за црвена слива“ режија: Хикран Чали Последната претстава на осмото издание на Битолино е претставата „Семе за црвена слива“ во продукција на Tarla Faresi театарот од Измир, Турција кој за прв пат настапува во Битола. Театарот е основан во 2003 година и е институционален член на националниот центар на АССИТЕЖ Турција. Во театарот работат професионалци и волонтери на кои заедничка точка им е љубовта кон театарот. „… „Семе за црвена слива“ е животна авантура на црвено семе исполнета со многу надеж, сонот на семето е да стане огромно дрво со многу плод на себе овошје и да ги направи луѓето среќни, но за несреќа паѓа на асфалтен пат наместо на мајката земја. И така започнува нејзината авантура. Семето ги надминува многуте пречки со трпеливост, напор и љубов без да ја изгуби радоста на животот. Слаткиот сон да стане огромно дрво, да се сретне со птици и деца за да им даде плод полн со надеж е единствената причина што го одржува во живот во текот на ова патување.“ Оваа година тимот кој неуморно цела година работеше на подготовките за реализација на фестивалот Ви ветува едно незаборавно дружење со одлични претстави,на крајот сакам да ја изразам мојата благодарност до сите волонтери кои работат во организацијата на фестивалот Филип , Марија , Ферзије…

Осмели се да бидеш свој!!!

Васко Мавровски директор на фестивалот