Соработката со Александар Поповски ни отвори еден нов свет
”Режијата на Поповски би можеле да кажеме дека е тн. “тотален театар” во кој се бара многу и физички и ментален напор од актерот, но и од сите останати соработници. Но, тоа е проект во кој трудот повеќекратно се врати како резултат”, вели за “Вечер” Венцел, директор на Новосадскиот театар чија претстава “Гробница за Борис Давидович” на авторот Данило Киш, а во режија на македонскиот режисер Александар Поповски, беше извонредно примена од македонската публиката и наградена со бурни аплаузи на сцената на фестивалот “Млад отворен театар” кој во Скопје е одржува до 28 септември. Претставата неодамна беше прогласена за најдобра од страна на здружението на театарски критичари на Унгарија
Претставата “Гробница за Борис Давидович” е во режија на еминентниот македонски режисер Александар Поповски. Како се случи да дојде до соработка токму на оваа претстава по текст на Данило Киш, а на унгарски јазик?
Александар Поповски не е само еминентен македонски, туку и еминентен режисер од овие простори на западен Балкан, кој со својата режисерска еминиенција далеку исчекорува од тие наши балкански парадигми. Ние ова дело најпрво му го понудивме на главниот режисер на Унгарскиот национален театар во Будимпешта, бидејќи мислевме дека тој свет на Киш, таа мрачна историја на советската револуција ја познава и ја има во своите гени, бидејќи е родум од Украина и завршил руска школа. Долго разговаравме, но тој мораше да одбие, поради други обврски. Тогаш почнавме озбилно да размислуваме на кој би можеле да му го понудиме ова театарско дело. Поповски веќе кај вториот разговор изнесе едно такво видување, една таква режисерска провиниенција што ние рековме дека тоа е нешто фантастично. Тоа не беше она што ние го замислувавме, туку ни се отвори еден нов свет и се запрашавме “Зошто најпрво него не го контактиравме?”. Нашата намера е преку ова дело да се обидеме нешто да кажеме за тие тајновити работи не само на Октомвриската, туку на сите револуции. А секоја револуциај има она што е транспарентно, како борби, барикади, победи, историски случувања… Тоа е она видливото, но истовремено секоја револуција остава длабоки траги во поединецот, а тоа е невидлив дел и токму Поповски ни помогна да се создаде чудесна состојба во која токму невидливото успеа да се покаже.
Имавте ли напорен процес на работа и какви се вашите искуства од соработката?
Раѓањето на едно театарско дело, тој процес од првата читачка проба па до премиера, е секогаш макотрпна работа. Особено тогаш кога се раѓа едно многу вредно дело, а се роди нешто што е многу значајно и вредно за внимание и наградено. Режијата на Поповски би можеле да кажеме дека е тн. тотален театар во кој се бара многу и физички и ментален напор од актерот, но и од сите останати соработници. Пробите беа многу потешки отколку на пример, да работевме салонски театар. Но, актерите на Новосадскиот театар се многу добро едуцирани во поглед на тој апсолутен театар. Тие исклучително добро зборуваат и го имаат тоа психолошко присуство, вични се на игра и другите сценски вештини. Тоа е проект во кој трудот повеќекратно се врати како резултат.
Вашата претстава неодамна се закити со признание од унгарските театарски критичари. Кажете ни нешто повеќе за наградата и дали ја очекувавте?
Навистина не очекував. Здружението на професионални театарските критичари на Унгарија веќе неколку години наназад валоризираат претстави не само во Унгарија, туку и во дијаспората во Романија, Словачка и Србија и гледаат од 130-140 претстави. И тогаш се доделуваат награди во сите категории, актер, актерка, претстава… На свеченото прогласување на наградените дознавме дека претставата “Гробница за Борис Давидович” е најдобра на унгарското јазично подрачје по оценка на критичарскиот еснаф на Унгарија.
Какво значење има наградата за вашиот театар?
Нашиот тетар изведува претстави на унгарски, а секоја претстава ја преведуваме на српски, бидејќи голем дел од публиката е српска. Но, секогаш зборувам дека таа неунгарска публика во Новосадскиот театар доаѓа не затоа што има превод туку бидејќи нашиот репертоар допира и до онаа публика која не е унгарска. Ние по дефиниција сме малцински театар, унгарски театар и театар во дијаспора. И сега кога еден ваков театар ќе стекне и едно такво признание, значи дека во овој момент со оваа претстава е најдобар театар и тоа е големо задоволство. А на нас ни е исто толку важно и наградувањето, бидејќи сме повеќекратно наградувани и на фестивал на српски театар. Повеќекратни победници сме и на Унгарски национален театарски фестивал. Како директор сметам дека театарот мора да биде присутен на пошироко подрачје, а организираме и фестивал на малцински театри. Ние не сме свесни колкав придонос тие малцински театри даваат во целокупната светската театарска уметностност и во обновувањето на театарот. Тие се интересни и секогаш успеваат да направат спој меѓу традицонално-културното наследство и новата интерпретација. Тие одат напред и притоа не се одвојуваат од својот национално -културен корен.
Данило Киш како автор секогаш предизвикувал внимание и дебата во јавноста со неговите светогледи, смели раскажувачки постапки. Во што се состои предизвикот повторно и повторно да се поставува делото на Киш?
Киш е еден од најсветлите ѕвезди на југословенската и светска литература. Мислам дека е секој автор на свој начин храбар. Вистионското уметничко дело секогаш зборува за тајните на самиот уметник и тоа е една ужасна отвореност. А тој всушност таа отвореност ја промовирал и очигледно дека во еден дел на јавноста таа приватна, лична храброст останала во сеќавање. Што се однесува на уметничкото творештво на Киш, тоа и тогаш беше апсолутен европски тренд, но кога тој го работел гледаме дека претходело на нешто што се реализирало во Европа, што стана меин стрим во Европа. Тој многу порано почуствувал потреба да се изразува на тој начин и да ги зема под свое перо темите што ги земал. Тоа тој го чинел пред 25-30 години. И треба да го играме бидејќи е еден од фундаментите на српско- југословенската книжевност и бидејќи она за што тој пишувал ни се случува и сега. Ние со претставата не зборуваме за Октомвриската револуција, туку за оној свет и стварност која денес не опкружува.
Претставата својата премиера ја имаше пред една година. Колку сте задоволни од тоа како публиката ја прифаќа вашата сценска порака?
Интересно е дека публиката на ист начин ја прифаќа претставата и пред година дена и сега, но интересно е и тоа која публика како ја прифаќа претставата, а тоа е исклучително. Ја игравме во Унгарија, Словенија, Хрватска, во Казахстан, сега во Македонија. Но и тоа на што конкретната публика реагира. Дали тоа е виртуозната игра, атмосферата, дали ја прифаќаат приказната… Мислам дека вистинската публика комуницира со мета пораката на оваа претстава, а тоа е најтешко да се направи и затоа публика не може да и одолее на оваа претстава. Оваа претстава постојано упатува една метапорука, аи најтешко да се одигра на сцена е менталитетот. Тоа тешко се одигрува, а оваа претстава носи еден источноевропски менталитет. Интересно е која димензија публиката ја чита и со која се поистоветува, а публиката потоа си создава своја целина.
www. vecer.press