професор Христо Петрески
ЗА РАСКАЖУВАЊЕТО, ПАТУВАЊЕТО И СОНУВАЊЕТО
Мал есеј за животот, книжевноста, театарот, филмот…
3.
Сеедно дали е раскажувањето илузија или стварност, тоа е животопис, единствен и неповторлив запис, како што се линиите на дланките, или брчките на челото, но во секој случај – тоа е ракописот на срцето, кое чука од буква до буква, остава неизбришливи траги во и меѓу редовите, за ние или некој друг потоа да се обиде да го прочита и дешифрира тоа – (не)напишаното.
Расказот е човек кој знае убаво да раскажува.
А убавината е во уверливоста, во доживеаноста, во искреноста, во доловувањето на она што сите го гледаат, а само еден го забележува!